Сите проблеми на Македонија се сведуваат на - партократија

06.08.2021 15:18
Сите проблеми на Македонија се сведуваат на  -  партократија

Сите проблеми и порази на Македонија во својата суштина се сведуваат на една проста причина - партократија.
Системот е поставен така што партијата е религија, а лидерот е Бог.

И не е проблем само што партиите се основните клетки, туку што тие клетки се нездрави. Градат организми - чудовишта.

Каде идејата - водилка не е визија, мисија, промена, не е ниту идеологија (да направиме анкета низ членствата или гласачите дали половина знаат што значи суштината на нивната демек определба во политичко - филозофска смисла)... туку сведена е на прост чекор напред во кариера, вработување, за себе или блиските, некаква привилегија, можност за чекорење по полесниот пат (еднаш вработен во македонска јавна администрација - засекогаш вработен)...

За партијата (макар броела таа луѓе колку една поголема фамилија) и нејзиниот опстанок на или борба за власт ако треба ќе се срушат сите столбови на меритократијата, ќе се уништи можноста за чесен натпревар, ќе се потисне секој различен глас (или чувај Боже таков кој ќе се обиде да сопре погрешни дејствија), ќе се разрешат способните, ќе се вивнат оние за кои на прв поглед човек би побарал тест за деловна способност, ќе се оправдува неоправдливото, ќе се молчи и/или критикува по наредба, ќе се гази по достоинството и интегритетот, и личен и општествен, ќе се плука ако треба и по луѓе, уметници или великани, кои оваа држава ја задолжиле повеќе од што кој било партиски послушник или политичар во обид може да сонува...

Да, да... сето ова за партијата.

И не знам после зошто се чудиме колку маки се пред нас како општество.

Ова се партиите, ама партиите се и институциите.
Системот не е некоја апстрактна, имагинарна креација...
Тој се полни со истите луѓе.

Оној кој фрла влошки во тоалет е некаде раководител, тој што си го мие автомобилот покрај езеро или во река е истиот што ќе го сретнете од другата страна на шалтерот, тој кој од седми кат го цели контејнерот е фактор во болница или училиште, оној кој оди преку ред „за само да праша нешто“ сигурно има некоја „врска“, тој кој треба да спроведе закон е истиот кој прв ќе ги свитка приципите за некого или за себе...

Тие се неспособни, тие се луѓе кои треба да се на маргините, никако не да имаат каква било одлучувачка улога, тие се бедни по знаење, ама често и по дух, тие се оние кои го држат, го држат и не го пуштаат местото на луѓето кои ги бива.

И точно ова е системот.

И точно ова треба да се менува, оти тука лежат сите нервози на чесниот и вреден граѓанин, било тие биле пресликани во неефикасна администрација, неквалитетно здравство или образование, застарени опреми, бавно реформирање, злоупотреба на позиции...

Ова е системот!

Лошата вест е дека ако тој треба да се менува ќе мора да се менуваат самите поединци.

Добрата вест е дека ако тој треба да се менува ќе мора да се менуваат самите поединци.

Толку е тешко и толку е лесно, истовремено.

Прашањето е кои и колкумина се тие кои вистински, ама вистински (!) сакаат да се менува!?

 Сликa: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото