„Најубавото момче на светот“ – разоткривање на злоставувањето во шоу бизнисот

14.08.2021 13:55
„Најубавото момче на светот“ – разоткривање на злоставувањето во шоу бизнисот

Документарниот филм „Најубавото момче на светот“ во режија на Кристина Линдсторм и Кристијан Петри зборува за тоа како најубавото момче на светот станало најтажниот човек, како неговиот живот бил неповратно оштетен од експлоататорската злоупотреба што филмскиот бизнис им ја сервира на сите оние прекрасни девојки во светот без никој да се грижи или да снима документарни филмови за нив.

Во 1970 година, Бјорн Андресен бил срамежлив, интелигентен и музички талентиран 15-годишник од Стокхолм. Тој живеел со својата амбициозна баба заинтересирана за шоубизнисот, која постојано го испраќала на аудиции. Бјорн му се допаднал на италијанскиот режисер Лукино Висконти на кастингот за филмска верзија на романот на Томас Ман „Смрт во Венеција“. Висконти барал момче да го глуми заводливиот млад Таџио, кој го маѓепсува остарениот композитор, кој на венециското лидо ќе го игра Дирк Богард. Висконти бил воодушевен од невиниот шарм на Бјорн и убавината што остава без здив; момчето го направил ѕвезда, но не покажал ни трошка интерес и грижа за ова ранливо момче или намера да го заштити од циничните и предаторски луѓе што му се закачиле на младиот Бјорн отакако станал славен и кои одиграле голема улога во збрканоста на младата личност на прагот на зрелоста и во голема мера придонеле за трагедиите во неговиот личен живот.

„Најубавото момче на светот“ го покажува Андресен сега на возраст од доцни 60-ти години, со брада од типот на Гандалф и долга побелена коса што придонесуваат да изгледа 20 години постар. Во документарецот Висконти е претставен прилично лошо: на снимките од аудицијата во 1970 година, славниот режисер со подбив му наредува на момчето да се соблече, и неопростливо – на прес конференцијата во Кан, Висконти го излудува Андерсен со шегите дека неговата млада ѕвезда веќе почнала да ја губи убавината. Посакуваме Висконти да бил како лордот Хенри Вутон, ликот од кај Оскар Вајлд - страсно ангажиран и возвишен од убавината на Доријан Греј. Наместо тоа, се чини дека Висконти само кренал раменици и продолжил кон следниот филм, оставајќи го Андресен во хаотичен пост филмски живот на снимање поп песни во Јапонија (каде што станал ѕвезда), уште неколку филмови и прифаќање на џепарлак од сомнителни „продуценти“.

Тоа е очајно несреќна приказна која со сочувство ја раскажуваат филмаџиите Кристина Линдстром и Кристијан Петри. Би сакал да слушнам некоја феминистичка анализа за тоа како е видлива агонијата на Андресен на начин како што тоа обично не е кога се работи за млади женски sвезди, а исто така би било добро да слушне приказната на неговата поранешна сопруга Сузана Роман, па дури и на Рој Андерсон, кој всушност бил првиот режисер што го избрал актерот за шведската верзија на „Љубовна приказна“ (1970).

Неизбежно, документарниот филм го прикажува остарениот Андресен на Лидо, кој тажно ги гледа инсертите со неговиот млад лик од филмот. Можеби тоа ќе му донесе малку мир и помирување. 

Извор: The Guardian