Последиците од говорот на омраза – извлековме ли поука од 27 април 2017? (1)

10.09.2021 13:22
Последиците од говорот на омраза – извлековме ли поука од 27 април 2017?

„Извлековме ли поука од 27 април 2017?“, е клучното прашање со кое се занимава оваа анализа.

Во првиот дел од анализата ќе се осврнеме на:

а) Говорот на омраза и насилството како инструменти на владеењето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ;

б) Неказнивоста на говорот на омраза и насилството пред и за време на изборите во 2016;

в) Говорот на омраза по изборите до појавата на „Граѓанската иницијатива“, „За Заедничка Македонија“, која од 27 февруари 2017 година организираше масовни протести низ повеќе градови во државата.

Говорот на омраза и насилството како инструменти на владеењето на Груевски

Според аналитичарот Сашо Орданоски, говорот на омраза бил користен од страна на политичката пропаганда на власта на ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016), „како едно од главните ‘оружја’ за вознемирување и пресметка со своите политички опоненти и неистомисленици“.

Орданоски укажува не само дека говорот на омраза се претворил во алатка и стил на владеење, туку и довел до насилства, кои кулминираат на 27-ми април 2017:

„Позициите се радикализираа врз групни основи, со осмислени и реализирани офлајн и онлајн кампањи на власта за оцрнување и дискредитација на цели слоеви, професии и сектори во општествената сфера („предавници“, „соросоиди“, „странски шпиони“, „шиптари“ и тн.) на кои поттикнувањето и ширењето на дискриминацијата и говорот на омраза се претвори во алатка и стил на владеење. Ваквата атмосфера, во своите завршни фази, доведе до низа поединечни, но и групни физички насилства, од кои случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 г. го симболизираа врвот на поттикнатата колективна хистерија на застапниците на власта во заминување.“[i]

Врската помеѓу говорот на омраза и насилството за време на владеењето на Груевски може да се илустрира преку дузина примери:

1) Насилното прекинување на една трибина на ГЕМ во Струга, во почетокот на 2009, на кое му претходеше кампања на говор на омраза кон активистите.[ii]

2) Повикот на контра-протест на плоштад против „збирштина од геј и атеисти“ проследен со насилство врз студентите и активистите во на 28.03.2009.[iii]

Протест, 28 март 2009 година

3) Писмото на Груевски до неговото членство есента 2009, со повик „Време е да ја започнеме последната битка со остатокот од транзицијата и нејзините политичари“.[iv] Ваквиот повик предизвика лавина од „патриотски“ говор на омраза, етикетирање на „предавници“, „странски платеници“, „соросоиди“, па дури и формирање на листи за отстрел и отворени закани за линч на активисти и новинари.[v]

4) Насилството во 2011 предизвикано со изградбата на т.н. „црква – музеј“ на Калето, на кое му претходеше создавање на атмосфера на меѓуетнички тензии и ширење на омраза, посебно на социјалните мрежи.

5) Лустрацијата, како процес воден од ВМРО-ДПМНЕ, кој, газејќи ги принципите на владеењето на правото, поттикнуваше слободен „отстрел“ и омраза кон „домашни предавници и кодоши“.[vi]

6) Политичката операција за насилно затворање на опозициските медиуми („А1“ ТВ, „Шпиц“ и „Коха“), проследена со медиумска кампања за отстрел на Велија Рамковски, неговите медиуми, критички новинари и сите кои се спротивставија на насилничкото затворање на медиумите.

7) Неколкугодишниот говор на омраза кон Љубе Бошковски, кој кулминираше со насилно апсење и полициска бруталност по Парламентарните избори во 2011.[vii]

Апсење на Љубе Бошкоски, 6 јуни 2011 година

8) Феноменот на контра-протести организирани од страна на владејачката партија, како инструмент на сузбивање на протестите. На контра-протестите редовно се практикуваше говор на омраза, а провладините медиуми се злоупотребуваа за жигосување, заокружување и дискредитирање на лицата и различните групи што протестираа (особено на учесниците во протестите „Стоп за полициска бруталност“, „Протестирам“ и студентските протести).

9) „Црниот понеделник“ на 24.12.2012 година, насилството и говорот на омраза присутни на протестите пред Собранието кои го осудија повеќе организации, како и насилството врз пратеници и новинари внатре во Собранието.

Црниот понеделник, 24 декември 2012 година (скриншот, видео на а1он)

10) Врската помеѓу говорот на омраза и насилството на протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.[viii]

Насилни протести во општинската барака во Центар на 6 јуни 2013 година (фото: МИА)

11) Долгогодишниот говор на омраза кон ЛГБТИ-лицата, кој кулминираше со повеќекратно насилство врз ЛГБТИ-центарот.[ix]

Безбедносна камера, ЛГБТИ центар во Скопје. Маскирани лица го нападнаа центарот на 2 март 2013 година. Имаше шест такви напади

12) Формирањето на ГДОМ како контра – движење на „Шарената револуција“, кое користеше говор на омраза којшто поттикнува на насилство[x], и чии претставници, поради отворено ширење на омраза и поттикнување насилство, беа бојкотирани од мноштво невладини организации.[xi]

ГДОМ, 2016 година

Сите овие примери ја поткрепуваат тезата дека говорот на омраза беше свесно и постојано користен од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ како алатка за владеење и за борба против неистомислениците.

Неказнивост на говорот на омраза пред и за време на изборите во 2016

Организациите и активистите за човекови права предупредуваа за говорот на омраза пред и за време на Парламентарните избори во декември 2016.

Хелсиншкиот комитет констатираше дека „ноември и декември беа најкритичните месеци, преплавени со говор на омраза по различни основи“. Во извештајот за ноември – декември 2016, Хелсиншкиот комитет посочи дека говорот на омраза е „диктиран од партиските пропаганди“, наведе дека е најчест врз основа на политичка и етничка припадност, и дека не е застапен само на социјалните мрежи, туку и во медиумските наслови поврзани со „федерализација на Македонија“ и „воведување на двојазичноста“.[xii]

Слично констатира и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која извршила надзор од 2-5 декември 2016 година на Дневникот на Сител емитуван во 19 и во 23 часот. АВМУ констатирала дека изданијата содржат експлицитен говор на омраза, поттикнуваат и шират нетрпеливост, дискриминација и омраза врз основа на националност/етничка припадност.[xiii]

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религозни групи, Валентина Божиновска, настапи со заканувачки говор на омраза и со хушкачка реторика велејќи дека собирот пред ДИК е „вечер на долгите ножеви“ (15 декември, 2016 година, скриншот од видео)

Но и покрај укажувањето на Агенцијата за медиуми и пријавите на Хелсиншкиот комитет[xiv], надлежните институции за борба против говор на омраза не дејствуваа во насока на изведување на сторителите пред суд и нивно казнување.

Неказнивост на говорот на омраза по изборите

И по изборите, говорот на омраза беше акутен проблем, на кој укажуваа организациите за човекови права. Така, на 18 декември 2016 се појавуваат некролози на сегашни и поранешни претставници на меѓународната дипломатска заедница во Скопје.

Хелсиншкиот комитет регистрираше говор на омраза на протестите пред ДИК и кон граѓанското општество,[xv] а предупреди и дека „делата од омраза се интензивираа откако политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на Влада.“[xvi] Хелсиншкиот комитет апелираше до државните институции да ги отстранат графитите со говор на омраза кои ќе придонесат за намалување на негативните последици.

Во тој период се промовираше и спроведуваше и т.н. процес на „десоросоизација“, најавен од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред просториите на ДИК на 17 декември 2016, на кој имаше експлицитен говор на омраза. На протестот пред ДИК имаше експлицитни закани за насилство со споменување на „Ноќта на долгите ножеви“[xvii] и отворени смртни закани кон тогашниот лидер на опозицијата.[xviii]

Во јануари 2017 година, во провладините медиуми се пропагираше граѓанската алијанса „Стоп операција Сорос“ која повика на „десоросоизација“ на македонското граѓанско општество, додека владата спроведуваше истрага во повеќе од 30 невладини организации.

Како што се укажува во еден извештај, процесот на „десоросоизација“ беше насочен кон бранителите на човекови права, „ескалирајќи во ситуации опасни по живот“.[xix] Според една анализа процесот на „десоросоизација“ претставува кулминација на омразата на Груевски „кон слободоумните граѓани, кон граѓанските организации и активисти, кон Фондацијата Отворено општество, кон Џорџ Сорос“.[xx]

На крајот на јануари веќе беше јасно дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не може да создаде парламентарно мнозинство, а кон крајот на февруари на јавноста и беше познато дека лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев има собрано 67 пратенички потписи, со кои побара мандат за составување на влада и мирен трансфер на власта.

Токму во тие мигови на политички пресврт, се случи фамозното интервју на Никола Груевски на ТВ Сител, по кое започнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, во кои говорот на омраза кулминираше со насилство во Собранието на 27 април 2017.

[i] ОРДАНОСКИ, Сашо, „Слободата на изразување наспроти говорот на омраза во медиумите во Македонија, Институт за комуникациски студии“, Висока школа за новинарство и за односи со јавноста 2018. 

[ii] „Прекинувањето на трибината на ГЕМ е првиот настан во поновата историја на Република Македонија во кој, со употреба на насилни методи на некоја група луѓе ѝ е оневозможено јавно искажување став.“ Роберто Беличанец во „Црната книга“ дава примери за „циничната пропагандна машинерија, која пост фестум требаше да ги оправда насилниците со црни капчиња и дури и да ги претстави како херои, кои, всушност, се пресметале со „изродите“ кај сопствениот народ“ (Црната Книга, стр. 20)

[iii] По повикот на ТВ-водителот Јанко Илковски против „збирштина од геј и атеисти“ кои „ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква“ се случи насилство на плоштадот („организирана маса луѓе, исполнети со христијанска љубов, под светиот крст, под кредото на Константин Велики In hoc vinces signo, под византинско–црковни инсигнии со двоглави орли, со молитва на усните и стапови во рацете нападна група безбожници што протестираа против одлуката на централниот градски плоштад да се гради црква.“ - Црната Книга, стр. 24)

[iv] „Кога од највисока позиција се промовира нетолеранција, се поттикнува на судир и раздор на социјалното ткиво се дава сигнал дека сè е дозволено.“, пишува Роберто Беличанец во Црната Книга, стр. 13.

[v] „Затоа, сите вие предавнички копилиња, не се заебавајте со македонскиот народ. Оти клетвата, ама и раката на македонецот, ќе ве стигне кај и да сте.“ (Порака од чуварите до предавниците, објавена од Миленко Неделковски – в. Црната Книга, стр. 24).

[vi] „Се огласи ловџиската труба. Отворена е сезоната за слободен отстрел на новинари капиталци, штетници, домашни предавници и кодоши... Лустрационата комисија како и досега, противправно и неморално, со надгласување ќе набедува кој е кодош, а кој не е кодош меѓу новинарите што ѝ пречат на власта“. (Ерол Ризаов, „Лов на новинари-капиталци“, Утрински весник, 17.11.2011)

[vii] Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) на 10.12.2009 одлучи остро да ја опомене Македонската радиотелевизија поради создавање „атмосфера на поттикнување омраза која би можела да доведе до загрозување на личната безбедност“ во емисијата „Отворено со народот“, насловена „12 години затвор: Јохан Тарчуловски, „судбина или предавство?““. Според анализата на тогашниот СРД, „се настојува да се дискредитира Љубе Бошковски како личност и како политичар“ и „се врши деконструкција на митот за патриотот „Брат Љубе“ при што, освен честото употребување на термините предавство, предавник, кодош и слични, се прибегнува и кон повторување на синтагмата ‘Сестра Љубе’ со што се користат и родови стереотипи со цел да му се придодаде пежоративно значење, при што не се води сметка за поширокото негативно родово етикетирање.“ (видете Жарко Трајаноски, „Патриотски говор на омраза (1)“, 

[viii] „„Жерновски Талибанец,“ „Ни во турско не се рушеа цркви“ „Црквата пати народот ќе ви врати“. Ова беа дел од паролите на стотина демонстранти кои во јуни 2013 година под опсада со обид за за насилен упад ја ставија бараката на општина Центар каде што советниците требаше да дискутираат за промена на Детален урбанистички план. Демонстраните се претставуваа дека се дел од граѓанска иницијатива Веритас и дека протестираат по шпекулациите во јавноста дека со новиот ДУП ќе се урива црквата Свети Констатин и Елена.“ („Хронологија на „Шамарите за Жерновски“, 28.09.2020, slobodnaevropa.mk)

[ix] Видете Жарко Трајаноски, „Говорот на омраза предизвикува насилство“, 29.10.2014

[x] Според Сашо Орданоски, „Власта ги користи нив за да ги каже сите гадости, кои самата заради некаква официјална воздржаност од тој тип на висок говор на омраза не може да го каже, а тие ефикасно тоа го прават со тоа што секоја вечер објавуваат и веќе колку пати настапуваат во јавноста, објавуваат листи за ликвидација, политички, карактерни итн., предлагаат протерувања, апсења и сето тоа, така што нема никакво сомневање дека тоа е една од пропагандните валкани техники кои ги користи Груевски“, https://www.slobodnaevropa.mk/a/26944820.html

[xi] „Но, истовремено алармираме дека демократизирањето на нашето општество не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации, гумени куршуми за граѓаните кои протестираат и бетонски плочи за неистомислениците или различните“ / „Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата.“ Нема разговор со оние кои бараат укинување на граѓанските организации и куршуми за граѓаните!, 26.05.2016

[xii] „...медиумските наслови поврзани со „федерализација на Македонија“ и „воведување на двојазичноста“ се меѓу текстовите кои провоцираат најмногу говор на омраза.“, „Месечeн извештај ноември – декември 2016“

[xiii] Агенцијата утврдува дека ТВ Сител ширела и промовирала говор на омраза со емитувањето на серија последователни изданија на дневно-информативната емисија „Дневник“, под наслов „Двојазичноста има цена“. Според Агенцијата, содржината и јазикот кој се користи во објавената програма, е „наменет за наметнување на мислење, манипулирање со информации и заплашување со губење на работни места, губење на државата, тензии и војна, користење тактика на именување на професиите, градовите/општините и етничките заедници кои треба да се чувствуваат загрозено.“ „Месечeн извештај ноември – декември 2016“

[xiv] Хелсиншкиот комитет укажа и дека поднел соодветни пријави до надлежните институции за дел од случаите на говор на омраза, како објавувањето на некролози на амбасадори (проследени со повици за нивна смрт), како повикувања на смрт на политички лидери со презентирање на погребни венци со нивните имиња и слики.

[xv] „говор на омраза беше застапен и на протести одржани пред Државната изборна комисија, за кои Хелсиншкиот комитет јавно реагираше. Истовремено, значителен навредувачки и омаловажувачки говор се користеше и кон претставници на граѓанското општество, кој често пати го пречекори прагот и премина во говор на омраза.“ (Месечен извештај за човекови права, февруари 2017)

[xvi] „Во текот на февруари беа регистрирани 17 кривични дела од омраза. 14 инциденти се случија во Скопје, 2 во Прилеп и 1 во Битола. Поради различната етничка припадност нападнати и повредени беа 10 десетици младинци, а каменувани се 8 штабови на политичката партија СДСМ...“. (Месечен извештај за човекови права, февруари 2017)

[xvii] Хелсиншкиот комитет укажа дека „Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Валентина Божиновска, обраќајќи им се на присутните на протестот упати закана кон опозицијата и кон ДИК да внимава како одлучува по приговорите и да не помисли да одлучи да ја поништи волјата на народот, затоа што во спротивно ќе се случи “Ноќ на долгите ножеви”, алудирајќи на масакрот на политички неистомисленици кој се случил во Германија во 1934 година, при што нацистичкиот режим ликвидирал најмалку 85 луѓе од политички причини.“ (Говор на омраза на протестот пред Државната изборна комисија и на социјалните мрежи)

[xviii] Хелсиншкиот комитет укажа дека „Пратеникот Амди Бајрам во својот говор му порача на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека “многу бргу ќе му дојде погребот”, дека “ќе го удри инфаркт за неколку дена” и дека “ќе му палиме свеќа на гробишта”. За целото време на протестот пред Државната изборна комисија се извикуваше “клетите шиптари“, а Директорот на државниот архив Филип Петровски употребуваше говор кој во себе содржеше закана за одреден амбасадор во земјата.“ (Говор на омраза на протестот пред Државната изборна комисија и на социјалните мрежи)

[xix] „Погребни венци беа испраќани до новинарите, луѓето беа предмет на напади на јавни места, а вонредните финансиски контроли во голем обем беа некои од начините за вршење притисок“, „Бранителите и бранителките на човековите права на Западниот Балкан, Северна Македонија“, Civil Rights Defenders, https://crd.org/wp-content/uploads/2020/06/200611_HRD-REPORTS-MKD_MKD.pdf

[xx] Билјана Бејкова ОД ГРАЃАНСКИ НЕПОКОР ДО ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА, ОД Букурешт до Преспа : сведоштва на едно време : Македонија 2008 - 2018 , стр. 255

Извор: civilmedia.mk