Виктор Иванчиќ и кршењето чинии во големата сала за слуги

16.09.2021 17:15
Виктор Иванчиќ: Се војуваше за да се краде, денес Хрватска не вреди ни капка пролена крв

Еден од ко-основачите на „Feral Tribune“ (Ферал Трибјун) и негов главен уредник, Виктор Иванчиќ - колумнист, полемичар и автор, еден од најистакнатите неистомисленици на хрватската политичка и економска реалност во последните 30 години, првпат во својата досегашна работа се согласи на интервју иницирано од некоја политичка опција.

Во разговорот, тој го објаснува своето гледиште за резултатите од „проектот на хрватската независност“, мислењето за односот меѓу војните во 90-ите и приватизациското уништување на општествената сопственост што ги придружуваше тие војни, и откри како наоѓа инспирација, мотивација и што мисли за потребата да се спротистави и да се бори против актуелната ситуација, независно од „силата на непријателот“ или „шансите за успех“.

Виктор, ви благодарам што се согласивте на овој разговор за релативно необичен канал. Да разјасниме уште на почетокот: можеме ли да го наречеме ова „ексклузивно“? Дали сте разговарале, давале изјави, а камоли интервју за иницијатива и за веб страница на политичка опција? Кога сме тука, ајде веднаш да го апсолвираме и ова – ние не располагаме со добро платени работни места, ниту би ви нуделе такво нешто.

Ниту јас би прифатил такво нешто. Тешко дека можете да го користите терминот „ексклузивно“ со било што поврзано со мене или со мојата работа. Тоа би било малку бизарно. Јас сум доволно удобно маргинализиран, барем се надевам, за тој вид помпа да нема смисла. Но, вистина е, прв пат давам интервју за портал на некоја „политичка опција“. Тоа само по себе не значи ништо. Јас сум одвратен левичар, веројатно би бил и комунист доколку такво нешто сè уште би било можно, го почитувам „Работнички фронт“ или, на пример, Новата левица, но не би можел да ги вклопам моите светогледни каприци, а особено моето дејствување, во какви било партиски пропозиции. Покрај тоа, се занимавам со критика, и тоа со онаа критика што не е конструктивна - да бидам искрен, кон т.н. конструктивна критика имам длабоки сомнежи - и немам особен талент за делот во кој „се нудат решенија“, на што од непознати причини партиите се осудија самите себе. Една од поубавите страни на мојата работа е што дава можност да ја немаш предвид политичката прагма. Прагматизмот е форма на самозаробување што ми е тешко да го прифатам, без разлика колку понекогаш изгледа „одговорно“ и „разумно“. Во состојба сум и натаму да пишувам за политика, но не и да се занимавам со неа во некоја и најмала оперативна смисла.

Иако веројатно не треба посебно да ве претставуваме на пошироката јавност, а уште помалку на читателите на овој разговор, само да напоменеме дека поминавте околу 30 години како новинар, колумнист, полемичар и автор од самиот почеток на „Ферал Трибјун“. На каква Хрватска се сеќавате во „оловните 90-ти“, во времето кога Ферал, заради својата работа, го заработи озлогласениот данок за шунд, времето кога мирот допрва започнуваше, а што мислите кога ќе погледнете наоколу во ова доцно лето во Втората година господова на ковид? Што е исто, а што не е во државата Хрватска, што е подобро и / или полошо?

Најкраткиот опис на денешна Хрватска би гласел дека таа е таква што не вреди ниту една капка од крвта пролеана за неа. Тоа беше класична промашена инвестиција, речиси во секој поглед. Сите оние славни бесмислици за државен суверенитет, за национално самоостварување, за демократско ослободување, културна еманципација и слично, денес, кога по триесет години можеме да ја евидентираме нивната коректност, значи реалниот живот зад тие фантазии – се покажуваат како најобичен бофл. И тоа бофл продаден по највисока цена. Што би се рекло: џабе се кречело! Заради тоа и понатаму се инсистира на митолошкиот говор за „државата“ и сè што е поврзано со неа, додека јазикот лишен од сакралното уживање, јазикот што предвид ја зема само сувата реалност - автоматски се отпишува како непријателски. Значи, ако Хрватска на самиот почеток на деведесеттите била замислено промашување – романтично „сонувано од седмото столетие“ и слично – тогаш денес е докажано промашување, проект што издишува под товарот на остварените идеали.

Тоа е некој вид лиценца за контиуирана регресија. Кога веќе ги спомнувате медиумите, морам да забележам дека во „оловните деведесетти“, кога неколкуте слободарски весници трпеа жестоки удари од режимот, од судските тужби до надзорот на тајната полиција, фактички состојбите беа поповолни отколку денес. Само што системот е усовршен во поглед на сопствената самозаштита, па насилството е подобро прикриено. Апаратот е поефикасен и затоа остава помалку крвави траги. Денес, како што знаете, е неспоредливо потешко отколку што беше во деведесеттите да се покренат радикално критички погони какви што беа „Аркзин“ или „Ферал“, чиешто влијание не може да се занемари. Ако денес би биле возможни, таквите медиуми би ги чекала речиси структурно гарантираната невидливост, судбина која би била сосема блиска на постоење надвор од општеството.

„Книгата на Постанокот“ на современа Хрватска 2021. можеме да ја анализираме и толкуваме од безброј агли, перспективи итн. Меѓутоа, постојат два „корена“ кои можат материјално да се утврдат кои - отпрвин симбиотски, потоа паралелно, а по завршувањето на едниот, со полна пареа вториот самостојно продолжува – во голема мера го втемелуваат тоа што ќе „стане Хрватска“; тоа се војните, од една страна, а од другата се т.н. транзиција и приватизација. Со терминологија која денес не е особено популарна во „јавната сфера“, овој последниов, економски процес го нарекуваме и реставрација на капитализмот. Денес, гледајќи од перспектива и временска дистанца на таа „дополнителна памет“, кој од тие два феномени ги сметате за попогубен, поштетен, долгорочно поотровен за состојбата на она што денес ни личи на т.н. држава, а Првиот Претседател можеби би го нарекол „здравје на хрватското битие“? Или пократко – која војна повеќе нè осакати, Татковинската или Имотната? Или можеби станува збор за реторичко и одвишно прашање со оглед на Гордиевот јазол на современата хрватска историја?

Национализмот и капитализмот се совршено усогласени. Додуша, национализмот е адаптибилен и е во состојба да се прилагоди на секој поредок. Но, во нашите конкретни прилики настапот беше толку синхронизиран што, по мое мислење, може да се зборува за едно исто зло. Главно се војуваше за да се краде. Големиот грабеж на народниот имот е извршен во време на најголемите и најжестоките воени судири, не беше никаква несакана последица на војната, нешто што божем поминало „под радарот“ на војната зашто имавме „поважна работа“ и не сме обрнувале внимание на девијациите во позадината, туку беше дел на генералната стратегија, една од клучните операции во потфатот „ослободување на татковината“. Индуцираниот патриотизам, како некоја форма на колективен мазохизам, во голема мера го забрза тој криминален процес: најважно е „да ја имаме Хрватска“, макар да се остане без она што го имавме додека ја немавме Хрватска. Така, национализмот беше незаобиколна алатка на капиталистичката узурпација. Во еден дамнешен текст целиот пакет го нареков првобитна акумулација на гадост.

Притоа треба да се има на ум дека типично обележје на балканските национализми е речиси неприкриената самодеструктивност. Овдешните идеолози најмалку милост имаат за народот во кој се колнат, национализмот што тие го поттикнуваат во најдлабоката основа е противнационален. На тоа упатува и идеолошката формулација на обоготворената држава која е некаков мистичен ентитет заради кој народот мора да биде подготвен да поднесе најголеми жртви. Па тогаш прави навистина сè за тие жртви да бидат максимални. А кој може да посее повеќе жртви од капиталистичките гзлаци и узурпатори на јавното добро? Воопшто не е чудно што таквите ликови се величаат со државотворни епитети. Додека беше жив, водечките медиуми пишуваа за Тодориќ дека „ја придвижува Хрватска“, не дека остварува енормен приход, дека мизерно ги плаќа работничките, или дека живее во палата со четириесет соби, туку дека „ја придвижува Хрватска“. Зад тоа се крие трагичната кружна патека на хрватскиот патриотизам: сè да ѝ подредиш на желбата да имаш своја држава, а сакаш држава за да ја уништиш, односно за да ја предадеш на грст предатори кои ќе ги наполнат џебовите цедејќи ги државата и граѓаните.

Дури и кај лаиците, луѓе кои според сопствена одлука „не следат политика“, или едноставно луѓе кои се исклучиле од програмата, постои некакво, често недефинирано но јасно присутно чувство за тоа дека, благо кажано, „работите не одат во добра насока“. Од локалната политичко-економска ситуација до глобалните проблеми – климатски, здравствени, геополитички – причини за оптимизам главно би можеле да најдат само оние со редовен пристап до квалитетен кокаин. Под претпоставка дека ни вие ни јас не припаѓаме на таа група, што мислите не само за „состојбата на работите“, туку и за шансите на луѓето (генерално) да се извлечат од постојното срање? Имате ли некој совет за нашите читатели кои можеби чувствуваат разбирлива доза на дефетизам, демотивираност и слично?

Немам никаков совет, се разбира. Сè што можам да кажам е дека да бидеш непослушен не е најлошата работа на светот. Да ѝ се спротиставиш на матицата и да запливаш против струјата. Организирано, дезорганизирано, плански, неплански, групно, поединечно, како било...Тоа што шансите за успех не се чинат особени, не е причина за откажување зашто евентуалниот успех не е единствената смисла на отпорот. Да се побуниш, да не дадеш да бидеш втеран во трлото, меѓу останатото, значи и да водиш посмислен и подостоинствен живот. Различни злоќудни „изми“ протатнеле низ овие простори оставајќи зад себе урнатини, и баш секој од нив се хранел со опортунизмот.

Како се носите со „животот како таков“, со оглед на сето наведено, а уште повеќе сето она што не го ни спомнавме во оваа прилика? Прашањето ви го упатувам примарно од „чисто човечка“ перспектива, но со оглед на вашата работа, пишување итн. и како на автор. Имате ли некои совети или анегдоти од лично искуство: за пронаоѓање мотивација, како да се носиш со светот, со неговите парадокси, злосторствата на политичката економија, или нешто за простото истрајување во вашата конкретна авторска и креативна работа во времето и условите кои ги сведочиме?

Тоа со мотивацијата е многу комплицирано...Во секој случај, во овие години многу повеќе време трошам на мотивација, отколку на реализација. А да се мотивираш обично значи да се обидеш да се доведеш во состојба да не ти се гади од пишувањето, или барем да ти се гади помалку од обично; што станува сè потешко. Тоа е постојана битка со чувството на бесмисла, уште понепријатна ако живееш од пишување. Од друга страна, навистина го сакам новинарството, заедно со оној древен, патетичен и напуштен идеал според кој тоа треба да е во служба на вистината и правдата, и не ме остава рамнодушен општото урнисување на мојата професија до ниво на сервилност. Благодарение на медиумската индустрија и мрежата на лојалност во која таа самата е вплетена, деформирана е суштината на тој занает, а најмоќниот дел на новинарскиот корпус денес е претворен во сервисна служба на оние што владеат. Единствен професионален мотив што може да го има човек во такви околности е да скрши неколку чинии во таа голема сала за слуги.

Виктор, уште еднаш ви благодарам за ова интервју за „Радничка фронта“. Со оглед на тематиката и мотивацијата што преовладуваат во вашите текстови и во „поширокиот опус“, во иднина лично ви посакувам што помалку поводи за пишување - и наместо тоа можеби би ви го препорачал градинарството, според заклучокот на Кандид.

Слики: Перформанси и уметнички дела на Mladen Stilinović (1947 – 2016)

Подготвила: А. Бубевска

Извор: radnickafronta.hr

 

 

ОкоБоли главаВицФото