Племенската култура ги разбива институциите

08.08.2022 09:27
Племенската култура ги разбива институциите

Секој поединец и секоја човечка заедница се раководат со својот Weltbild.

Weltbild во филозофијата претставува: Теоретско разбирање на светот и начинот на кој функционира.

Секоја заедница ги конструира своите поставки за светот и се раководи во склад со нив ‒ а изговарањето реченици кои извираат од Weltbild-от го потврдуваат тој Weltbild.

Одамна ги читам текстовите на хрватските доминантни култури и субкултури и јасно ми е како функционира Weltbild‒от на доминантата култура ‒ агресивната култура која во налети ги освои институциите.

Исто така ми е јасно дека таквата култура ги јаде стратегиите за појадок.

Културалните поставки се двигател за тоа како луѓето го гледаат светот, што зборуваат и, најпосле, што прават.

Оваа агресивна племенска култура е спротивна на културата која прави институции.

Институциите сакаат да ја прекинат зависноста на процесот од конкретна личност ‒ процедурите, правилата и постапките овозможуваат системот да пружа конзистентна услуга за секого. Независно кој, каде, кога и заради кого. Тоа е врвот на човечката цивилизација.

Само што племенската култура не го разбира тоа.

Нашите агресивци се од племенската доба ‒ тие го гледаат светот како закана во која преживуваат посилните, и тоа посилните кои со подбивна насмевка им ги покажуваат забите на другите ‒ зашто освен лична сила и моќ немаат ништо друго.

Тоа е понизок облик од развојот на цивилизацијата. Сè уште не дошле до идејата дека апстрактните правила можат да гарантираат безбедност.

И затоа не сакаат да бидат сведени на функција во системот ‒ која ја извршува работата независно од тоа кој е клиентот. Моќта на личноста е клучен фактор на насилната племенска култура. А потоа и моќта на едно племе над друго.

Манифестацијата на племенскиот менталитет може да се согледа во начинот на кој тие ги гледаат другите како непријатели и заземаат позиции во кои се бранат од страшните непријатели ‒ сограѓаните.

Притоа, институцијата е само ресурс, она што дава плата, но не и правило, не е култура, не и нешто до што се држат. Тие влегуваат во институцијата која им служи како оружје во нивните сопствени племенски програми за да ја консолидираат својата приватна власт и моќ над другите.

Институциите се плод на желбата да се создаде егалитарно општество.

Племенските заедници сакаат сè ‒ само не егалитарност. Тие сакаат да го обезбедат своето преживување од другите, реални или имагинарни непријатели, така што ја јакнат својата лична моќ.

Судирите во културата се незгодни.

Мојот дел од хрватската култура сака егалитарност ‒ нам ни е океј да имаме помалку од она што можеби би можеле да го имаме и притоа да им е добро и на другите, немаме проблем што до нас живеат поинакви луѓе и не се плашиме од нив ‒ општеството да биде егалитарно. Не си замислуваме дека сме некои главни мајмуни ‒ сфаќаме дека нашата сигурност е толку поголема колку што се посилни институциите, и не сакаме подбивање со покажување заби и со племенски војни.

Ако се прашуваш кој ќе ти биде судија или мораш да бараш врска за одење на доктор ‒ тоа значи дека некој заебал нешто гадно во развојот на институциите.

Но, од Weltbild‒от на нашиве овчари и племенски главатари тоа не е јасно. Нивната култура поинаку ги толкува нештата. Апстракцијата на концептот во позадина сè уште не им е во глава. Не им се вжариле невралните патишта. На биолошко ниво тоа мора да се впише, запали, осветли. Тоа го нарекуваме ‒ а‒ха момент.

А тоа се постигнува преку искуството, образованието, воспитувањето ‒ сè она што многу граѓани не можат да го добијат. Воспитување од племенски родители и килаво школо која се занимава со пиздарии, а не со супстанцијалните теми на образованието и воспитувањето.

Племенскиот човек ја сака личната моќ ‒ а не моќта на неговата институција.

Ако ме бараат МЕНЕ лично, а јас имам моќ да правам што сакам и на кого сакам, е тогаш сум успеал.

Стварно. Племенскиот менталитет успеал. Општеството се слизнало во среден век. Браво.

Секој со својата мерка. Тие мислат дека тоа е успех.

Всушност успех е кога ние како институција сме подобри во мерките кои се мерат на ниво на нацијата – а не колкаво јагне ми донел роднината.

Работите не можат да се менуваат со зафати на врвот на ледениот брег ‒ коренот на нашите неволји е во Weltbild-от, културата. Која луѓето без исклучително развиена самосвест и метакогниција и специфично образование не можат да ја видат. Не го гледаш окото низ кое гледаш. Така не ја гледаш ни културата низ која гледаш.

Културата не е непроменлива и има начин таа да се менува.

Но, мора да има желба и моќ.

Моќта е општествениот консензус и позицијата од која тоа е можно. Министерството за образование.

Не можеш да очекуваш промена ако се криви темелите.

Не можеш да изградиш држава врз темелот на племенскиот Weltbild.

Прво треба да се менува Weltbild‒от, па државата сама ќе изникне од адекватниот, демократски и државотворен Weltbild.

Хрватите прво треба да научат дека не сме племиња, туку дека радо би биле држава. Дека не треба да се плашиме од другите ‒ туку да соработуваме со нив. Треба да оздравиме.

А потоа народот би требало да се заљуби во институциите ‒ да му се објасни дека не треба својата работа да ја претвора во ресурс на племенскиот менталитет ‒ туку во нешто што ги чува и јакне капацитетите на сите нас ‒ за нешто друго се грижи за нас.

Можеме да го спуштиме гардот, да се занимаваме со убавината на животот и да се потпреме на правилата, процедурите и прописите.

Тоа е највисокиот степен од развојот на човечкиот дух ‒ кога функционираат институциите.

Тоа е најблиску до рајот што може да постои на земјата.

Институциите значат дека не си препуштен на темната човечка природа, на постојана борба и закани од туѓи неконтролирани идеи. Значи дека можеш да се опуштиш. Тогаш кога институциите ќе функционираат како оние во Скандинавија.

Но, Хрватите сè уште имаат трауматска слика од доаѓањето на завојувачите кои градат некакви градби. Хрватите ги толкуваат институциите како туѓо тело. И кога веќе не можеш да ги избркаш, можеш да ровариш однатре.

Трагедијата на земјава е што доминираат племенски луѓе, кои се отпорни ‒ оти требало да се преживеат сите оние војни, сиромаштија и зло. Нивната култура не дозволува луѓето да се едуцираат дека познанствата се приватна работа, а твојата служба во институцијата е онолку добра колку што ти во нејзе счезнеш како приватна личност.

Колку што си заменлив ‒ толку е подобра институцијата. Зашто тоа значи дека работата ја извршува добро и дека го крева квалитетот на својата работа.

Ако го погледнете светот преку нивната визура, сè има смисла.

Заземање позиции, задоволување на полубоговите со жртва во вид на мит, партизирање и роднински преференции, трупање индивидуално богатство ‒ наместо изградба на силни системи.

Како што вам ви е незамисливо да бидете дел од мафијата ‒ така и на племенските луѓе им е незамисливо да бидат дел од институциите на правилен начин.

И тоа од стравот претворен во нарцизам, надменост и склоност кон црно-бела слика за светот во кој ако не си со нас тогаш си против нас.

За разлика од толеранцијата каде прифаќаме дека другите луѓе размислуваат поинаку и преговараме од исти позиции.

Овдешниот сегашен светоглед е светоглед на насилство, исклучување и беда.

Зашто од позиција на постојано обѕрнување дали некој е зад тебе и немањето институции ‒ луѓето се во режим на преживување кој самите го генерираат. И се занимаваат – наместо, како развиените народи, со уметност и филозофија ‒ со интригите на племенската заедница и макотрпните обиди истата да ја зачуваат во позиција на моќ.

Како што насилниот маж дома ги тера сите да се движат како да одат по јајца и како што тој ќе си замисли ‒ така и нашиве имаат некаква контрола над ситуацијата. Сепак, насилниот маж нема ништо. Тој е изолиран и животното искуство му е стеснето.

Ќе бидеме бедни во секој поглед додека оклештените мажи глумат главатари, исплашени од стравовите на своите предци од темните дувла и шуми и така го држат општеството во примитивен стадиум на пропаѓање и сиромаштија.

На нацијата ѝ треба колективна психотерапија и констелација. Но, оние на кои тоа им е потребно мислат дека тоа е за педери. Вистинските мажи се тепаат и расправаат, ги користат телефонот и позицијата како полуга за трупање моќ и потоа го приграбуваат имотот на својот чопор.

Воопшто не разбирајќи што можат институциите да им овозможат, ним и на нивните деца.

Тој мајндсет зависи од тврдоглавоста и во себе нема feature за слушање и разбирање на другите и различните. За слушање, пред сè, треба доверба и способност да му атрибуираш некоја вредност на другиот.

Племенскиот систем им атрибуира вредност само на послушните. И тоа е шах-матот пред кој сите сведочиме.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Marcel Dzama
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото