Што е полуинтелектуалец

21.06.2013 09:44
Што е полуинтелектуалец

Земајќи го во неговиот најцелосен и најизразит вид, полуинтелектуалец е човек кој уредно, па можеби дури и со многу добар успех завршил училиште, но во поглед на културното образование и моралното воспитување не стекнал речиси ништо.

Било поради неговата вродена неспособност или поради маните на школскиот систем, не добил поттик за духовно саморазвивање. Тој воопшто и не ги разбира и цени духовните вредности. Сè цени според тоа колку нешто придонесува за успех во животот, а успехот го разбира во „чаршиска“ смисла, значи сосема материјалистички. Со останатите духовни вредности ја отфрла и моралната дисциплина, но не сосема, затоа што прекршувањата на таа дисциплинна повлекуваат кривична одговорност. Сепак, и во морален, како и во културен поглед, тој во основа останал примитивец. Неомекнат од културата, а со олабавена морална кочница, има сурова сила на претек. Школската диплома, како влезница во кругот на интелигенција, му дала претерано високо мислење за самиот себе.

Во општествениот натпревар тој дипломиран примитивец се бори без скрупули, а со целосно уверување дека го бара само своето право кое школата му го признала. Тој ги потиснува ривалите немилосрдно, како да не се живи суштества туку материјални пречки. Тој е добар „лакташ“ - израз кој се проби во општа употреба истовремено со појавата на полуинтелектуалецот.

Да претпоставиме дека во него се разбудила политичка амбиција и дека успеал да стане министер. Таа положба можел да ја зграби само преку силно туркање во стрмоглава јагма и затоа ќе смета дека сега тоа е нешто „негово“. Од таа своја придобивка или подобро кажано плен, ќе гледа да извлече што повеќе личен ќар. ќе биде „корупционаш“, но нема да биде сосема свесен за тој факт, толку тоа ќе му изгледа природно и на место. Еден полуинтелектуалец, кога слушнал дека се зборува за негова оставка, рекол:

„Кој е луд да се одвои од полно ќесе?!“

Нему му изгледало непоимливо човек да не ја користи министерската функција, како што би било непоимливо човек покрај полно ќесе да остане гладен.

Политичката амбиција на еден полуинтелектуалец всушност и не е политичка. Таа се состои само во тоа човек преку политиката да се збогати и да загосподари на високи функции. Тој не знае за никакви повисоки и општи цели. Дури кога полуинтелектуалецот ќе избие на врвот на политичкиот успех, се гледа дека морално закржлавел. Покрај полуинтелектуалецот кој успеал, постои и полуинтелектуалец кој не успеал.

Веќе вистинскиот интелектуалец, невработен или запоставен, е готов опозиционер. Полуинтелектуалецот во таква положба е дотолку поопасен, затоа што не знае за какви било морални обѕири кои би го ублажиле неговото огорчување. Не беше случајно тоа што многу огорчени интелектуалци отидоа во комунисти.

Полуинтелектуалецот е болна општествена појава, која обелодени две нешта:

1. Дека културниот образец е потребно дополнување на националниот и политичкиот образец, што особено се чувствува тогаш кога влијанието на тие два обрасци престанува да слабее;

2. Дека школата која се ограничува на давање знаење, без паралелно воспитување на карактерот, не е во состојба да ја спречи појавата на таков општествен тип каков што е полуинтелектуалецот.

Слободан Јовановиќ (1869-1958) е ценет правник, историчар, книжевник и политичар на некогашното Кралство Југославија, чие значење е немерливо и денес. Исто така, тој е првиот Србин кој го носи името Слободан. Од неговиот книжевен опус овде е издвоен дел од книгата „Еден прилог за проучување на српскиот национален карактер“, со наслов „За полуинтелектуалецот“. Одломката е актуелна и точна и после половина век од објавувањето.

Извор: Политикин забавник
Слики: Моника Блатон

ОкоБоли главаВицФото