Интимен театар од Битола гостува на фестивалот КРИК

18.09.2021 10:46
Интимен театар од Битола гостува на фестивалот КРИК

Програмата на шестото издание на КРИК - фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, продолжува вечерва (18 септември) со гостувањето на Интимен театар од Битола.

Во Музејот на современа уметност - Скопје, со почеток од 20 часот ќе биде изведена претставата „Леонс и Лена“, која раскажува за лични приказни од животите на четворица млади луѓе, што упорно се борат да успеат да живеат во градот кадешто се родиле, и константно се спротивставуваат на огромниот притисок од нивната непосредна околина да заминат, и да емигрираат засекогаш. Нивната борба за живот во сопствениот град, е нивната љубовна песна, посветена на тој град. Ликовите од „Леонс и Лена“ фанатично веруваат во идејата за останување и се активно водени од мотото за ненапуштање на сопствениот дом. Во време на масовно емигрирање, оваа претстава е своевиден дигнат глас за останувањето и радувањето. Таму каде што не си дојденец, и дефинитивно не си емигрант! Во претставата играат: Анастазија Христовска, Никола Стефанов, Валентин Дамчевски и Антонио Китановски. Режисерка е Софија Ристевска Петрушева.

Темата на годинашново издание на КРИК - фестивал за критичка култура е Јазол - привремено постоење, анксиозност и загубена иднина.

Интимен Театар е оформен во октомври, 2013 та година во Битола, и досега има продуцирани девет театарски претстави. Во склоп на самиот театар постои и младинска театарска сцена, како и театарска школа Фабрика за мечти, во којашто се едуцираат деца и млади на возраст од пет до осумнаесет години.
Интимен Театар се занимава со теми коишто се од општествено и социјално значење за локалната заедница во којашто самиот театар функционира, како и со документаристички пристап во поставувањето на овие теми на сцена.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од Гете-институт Скопје, Министерство за култура и Allianz Kulturstiftung.