Предавање на Михаел Хајнрих на КРИК 06

23.09.2021 12:31
Предавање на Михаел Хајнрих на КРИК 06

По дводневниот интензивен семинар кој се одржа на 21 и 22 септември,  Михаел Хајнрих, вечерва (23 септември), со почеток во 20 часот, во МСУ,  ќе одржи јавно предавање во рамки на КРИК 06, насловено „Како да се чита Капитал на Маркс? Вредност и фетишизам“. 

Капиталот на Маркс е најфундаменталната анализа на капиталистичкиот начин на производство. Ние, секако, треба да го читаме и препрочитуваме Марксовиот „Капитал“, и покрај тоа што станува збор за тешка задача, особено кога се во прашање првите неколку поглавја, кои се клучни за разбирањето на целокупното негово творештво.

Во своето предавање и низ разговорот Михаел Хајнрих ќе се обиде не само да ги разоткрие односите помеѓу некои основни категории, туку ќе се посвети и на разоткривањето на тоа што значи „читање“, воопшто, и кои ќорсокаци на читањето треба да ги избегнуваме. Предавањето е базирано неговата книга „Како да се чита Капитал на Маркс?“ Преводот на англиски јазик неодамна е објавен во „Monthly Review Press“ во Њујорк.

Михаел Хајнрих е еден од најреномираните специјалисти на Марксовото дело и најистакнат автор на движењето на толкување наречено Neue Marx-Lektüre, или „ново читање на Маркс“. Предавал економија на Универзитетот за применети науки во Берлин и бил главен уредник на ПРОКЛА: весник за критични општествени науки. Тој во својата книга „Наука за вредноста“ пишува за критиката на Маркс за политичката економија. Неговиот вовед во трите тома на капиталот на Карл Маркс е веројатно најпопуларниот вовед во економските дела на Маркс во Германија. 

„Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“ е темата на шестото издание на „КРИК“ – фестивал за критичка култура.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија и Allianz Kulturstiftung
Логистички партнери на фестивалот се: Музеј на современа уметност, КСП Центар-Јадро и порталот окно.мк
Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.