Хрватскиот теоретичар Томислав Медак гостува на КРИК 05

24.06.2020 12:31
Хрватскиот теоретичар Томислав Медак гостува на КРИК 05

Програмата на годинешното јубилејно издание на КРИК – фестивал за критичка култура продолжува утре (четврток, 25 јуни) со предавање на хрватскиот теоретичар и филозоф Томислав Медак, насловено „За кревкоста, потрошноста и кршливоста: капиталистичка напуштеност и грижа“.

Предавањето ќе се одржи на англиски јазик, онлајн во живо на Фејсбук страницата на КРИК со почеток од 20 часот и ќе биде проследено со разговор кој ќе го модерира Анастас Вангели.

„Во моето предавање критички ќе го разгледаме поимот грижа, тргнувајќи од работата која Валерија Грациано, Марсел Марс и јас ја развиваме, заедно со група професионалци, активисти и универзитетски професори околу Pirate Care (https://pirate.care) – проект кој цели да иницира процеси на колеквтивно учење од бунтовните заеднички искусени практики на грижа кои се појавуваат како одговор на неолибералната „криза на грижата“. Низ целиот наш живот ние зависиме од поддршката на блиските, пријателите, туѓинците и институциите за да можеме да опстанеме – и за да го зачуваме светот во кој и ние и идните генерации треба да живееме. Таа меѓузависност од човечко и не-човечко постоење ги дефинира релациите на грижата, а обидот да ги одржиме го дефинира трудот на грижата. Постојаниот неопходен труд за да се одржи таа меѓузависност го прави нашето конечно постоење кревко и колективно“, вели Медак.

Според Медак, трудот на грижа е дефиниран со особено нееднакви односи на грижа. Оние што се носители на трудот, претежно прекарната работничка класа, нееднакво платени жени и мигранти, за возврат можат да очекуваат најмалку заштита. „Најзначајните работници“, задолжени за општествена репродукција, беа оние кои немаа друг избор освен да преземат ризик и навистина нивните заедници беа едни од најтешко погодените. Понатаму, пандемијата покажа дека општествените системи под капитализмот, самите зависат од виталноста и од навремените текови, и се кршливи кога се соочуваат со нарушувањето на животната средина, претставувајќи масовна закана за човековите животи - дури и храната, најосновното општествено добро - може да стане оскудно за голем дел од населението за само неколку дена. Климатските промени и планетарната еколошка криза прават сегашната закана, сепак, да изгледа само како епизода. Така што, потребно ни е радикално преобмислување на видот на трудот, кој е неопходен наспроти климатската промена проследена со сѐ поголем интензитет на нарушувања, а и на видови начини со кои ќе можеме демократски да го дефинираме и распределиме трудот.

Томислав Медак студирал филозофија, германски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб. Во фокус на неговите теориски интереси лежат констелациите на современата политичка филозофија, теорија на медиуми и естетика. Од 2000 година ја координира теориската програма и издавачките активности на Мултимедијалниот институт МАМА (Загреб, Хрватска). Тој се застапува за слободен софтвер и е член на Управниот Одбор на хрватскиот Creative Commons тим. Тој е член и на урбаната активистичка иницијатива „Право на Град“, Загреб и работи со загрепската театарска група BAD.co како перформер, драматург и режисер.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми. КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.
----------
Уреднички тим: Искра Гешоска, Артан Садику, Станимир Панајотов, Јана Коцевска и Тијана Ана Спасовска
Постојан соработник и консултант: Петар Милат
Специјален соработник: Бранимир Јовановиќ
Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култура / Ministria e Kulturësа Министерство за култура на Северна Република Македонија, Goethe-Institut Skopje, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација Отворено општество - Македонија

 

ОкоБоли главаВицФото