Трето издание на „Омнибустопија“

14.10.2021 13:12
Третото издание на „Омнибустопија“

Третото издание на несекојдневниот мултиуметнички настан „Омнибустопија“ оваа година ќе се одвива два дена во Скопје на 15 и 16 октомври. Она што ќе биде различно од минатите години е што нема да биде изнајмен автобус на ЈСП за одржување на настанот, туку случувањето ќе биде на поткровјето во „Јавна соба“.

Овогодинешната програма овозможува приказ на мултимедиските дисциплини во областа на анимираниот филм и музиката, а покрај тоа ќе се одржат и неколку тематски дискусии, соопштуваат од организацијата „Аксиома“.

Во петок, со почеток од 20 часот, најпрво ќе се емитува краткиот анимиран филм со не толку кратко име; „The Cook, the Thief and the Fish wishes the Sid Vicious’s wishes/The Cow, the Drummer and Joe Strummer hang the Farmer и Once upon a time in the west, Joey Ramone flew over the Cuckoo’s nest/Mother, I’m your father, I’m your sister, brother, I’m your mother“ на Вук Митевски и Владимир Лукаш.

Во 21часот, настанот ќе продолжи со јавна дискусија за архитектонската, (мулти)културната и интелектуалната артикулација на јавниот простор. Модератор на дискусијата ќе биде Јордан Шишовски, професор по теорија на архитектура.

Активностите на 15-ти октомври ќе завршат со концерт на бендот ‘Palindrom’.

На 16-ти октомври, со почеток во 20:00 часот, прво ќе се одржи дискусија на тема „Хип хопот стана средовечен. Што му претстои во ‘староста’?“. Модератор на дискусијата ќе биде д-р Вангел Ноневски, а учесници ќе бидат истакнатите хип-хоп артисти Ристо Солунчев (од Чиста околина) и Гоце Трпков (попознат како DJ Гоце).

Во 21:00 часот ќе се одржи концертот на џез квартетот Taxi Consilium, којшто неодамна имаше промоција на својот деби албум. “The Essential Sunday Gloom” беше избран за еден од најдобрите џез албуми според Bandcamp за месец мај 2021 година.

„Омнибустопија III“ ќе се затвори со диџеј сет DJ Гоце во 22 часот, кој досега ја делел сцената со голем број светски познати имиња и кој е најбараниот хип хоп продуцент во регионот.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и ќе се одвива според мерките за заштита од ковид и на влез ќе бидат потребни сертификати за вакцинација.

Инаку, „Омнибустопија“ за прв пат се одржува во 2018 година и е организиран од страна на Асоцијацијата за културна соработка и истражување – „Аксиома“, што ја застапуваат Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш.

 

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Уживање / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото