Хартиени дела од Ана Спасова во КСП „Центар - Јадро“

22.10.2021 14:20
Хартиени дела од Ана Спасова во КСП „Центар - Јадро“

„Consutum“ е насловот на самостојната изложба на дела од хартија на Ана Спасова, која вечерва (22 октомври), во 20 часот ќе биде отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Спасова ја третира хартијата како графички отпечаток, но и со интервенции врз неа со знаковно кодирани релјефни форми ја претвора ликовната замисла во структурен супстрат во самата хартија во улога на интегрирана ликовност, вели во рецензијата нејзиниот професор Марко Вујисиќ.

„Својствено на сите уметници кои работат уметност на хартија е да негуваат посебен однос кон неа. Поттикнати од своевидно визуелно и сетилно доживување ја преиспитуваат и за одредени креативни интервенции одбираат или модифицираат табак од хартија со различни димензии, обем и тежина. Таа бела, тонирана, структурирана, понекогаш деликатно нијансирана нерамна подлога се доживува како одвоен лист од некој имагинарен каталог од каде ја поттикнува инвентивноста од дотогаш скриените замисли да создадат автентичен свет на хартија, визуелна стварност со сите содржини од сопствениот творечки порив.
Ана Спасова ја третира хартијата како графички отпечаток, но и со интервенции врз неа со знаковно кодирани релјефни форми ја претвора ликовната замисла во структурен супстрат во самата хартија во улога на интегрирана ликовност. Во претходниот период, покрај графиките, креираше и мали објекти од хартија, кои со својата суптилна, лесна, бела и тонска патина, левитираа над тој нејзин изложбен агол. Листот или листовите од хартиени текстури, преку промислена артикулација на Ана Спасова до полна изразност ги аргументираа својствата на ликовен медиум. На оваа изложба насловена како “Consutum” (лат. „зашиено“) воведува и текстурирани површини и перфорирања со точки од каде во одредени сегменти се исчитуваат записи со Брајовото писмо - пораки во контекст на тематската синтакса“, пишува проф. м-р Мирко Вујисиќ

Ана Спасова е родена 1996 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата по графика со модул конзервација и реставрација, во класата на проф. Вујисиќ. Магистрира на истиот факултет – област графика. Работи како асистент на Катедрата по графика при ФЛУ. Учествува на повеќе од 40 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на неколку награди за своето творештво. Член е на Друштвото на ликовните уметници од 2019 година.