Илјадници Германци ја напуштаат црквата за да не плаќаат данок

18.02.2022 01:56
Илјадници Германци ја напуштаат црквата за да не плаќаат данок

Еве еден малку познат факт: христијаните и евреите во Германија плаќаат помеѓу осум и девет проценти данок на приход за црквата - или синагогата - секој месец. Оваа практика, позната како Kirchensteue („црковен данок“ на германски) или Kultussteuer („данок на богослужење“), овозможува верниците да го помагаат финансирањето на верските институции во кои се крстени и во кои се регистрирани како деца. Тоа ги вклучува католичките, протестантските и еврејските синагоги, додека православните христијани, будистите, муслиманите и некои други групи се изземени.

Само да ви го доловиме контекстот: тоа значи дека некој кој заработува просечна берлинска плата, која на месечно ниво изнесува малку повеќе од 3 500 евра пред оданочување, на крајот ќе плати повеќе од 46 евра црковен данок. Износот се пресметува врз основа на вашиот данок на приход, односно данок од приход и плата која ја добивате на крајот од месецот, а тој процент во Германија може да варира помеѓу 14 и 45 проценти. Во овој пример, во текот на една година, вие ќе „донирате“ 550 евра за услуга која можеби не ја ни користите.

Во 2020 година, католичката и протестантската црква во Германија собраа 12 милијарди евра од овој ситнеж, 800 милиони евра помалку од претходната година. Тоа е затоа што сè повеќе Германци одлучуваат да ја напуштат црквата, делумно за да го избегнат данокот кој во некој облик е содржан во германскиот закон од 1919 година. Само во 2019 година повеќе од половина милион луѓе ја напуштиле црквата, а бројката на оние кои плаќаат црковен данок драстично опадна и за католичката и за протестантската деноминација. Извештајот за 2021 година откри дека уште една третина германски верници размислувале за напуштање на верата минатата година.

Една од таквите поранешни следбенички е Андреа, 26, која ја напуштила протестантската црква во 2020 година. Донела одлука на Божиќ кој го поминала со семејството во Гитерслоу, мал град во западна Германија. Бабата на Андреа ја прашала кога последен пат била во црква. Вистина е дека не стапнала в црква уште од училишниот излет во 2014 година. „Фактот дека помина толку време не ѝ беше пријатен“, вели Андреа. „Ми рече дека ќе се моли за мене. Тогаш донесов одлука целосно да ја напуштам црквата.“

Андреа веќе со години ја разгледувала одлуката, откако се преселила во Хамбург заради студиите, но никогаш докрај не размислувала за тоа. „Делумно заради мрзеливост, делумно заради незнаење и делумно зашто не сакав да ја разочарам баба ми“, рече.

Карстен Фрерк, хуманист и стручњак за црковни финансии, објаснува дека германските христијани теоретски треба да платат данок дури кога официјално ќе станат членови на црквата, по потврдата. Меѓутоа, во практиката, данокот се одзема од платата на крајот од месецот на секој што бил крстен.

Секако, постојат и други причини заради кои сè повеќе и повеќе Германци одлучуваат да ја напуштат црквата. Во Германија, како и во другите земји, Католичката црква ја потресоа многу скандали. Во јуни 2021 година, кардиналот Рајнхард Маркс, еден од највисоките свештеници во земјата, понуди оставка - која ја одби папата - како одговор на извештајот за откритието дека Германската католичка црква прикрила најмалку 3 677 случаи на злоставување деца помеѓу 1946 и 2014 година. Во август истата година, нацијата ја шокираа морничави детали од повеќедеценискиот случај на сексуално злоставување малолетници кој се случи во шеесеттите и седумдесеттите години во куќа која ѝ припаѓала на Католичката црква во близина на Минхен.

Црковните службеници на високи позиции често се обидуваат да ги прикријат нештата со вонсудски спогодби. Но кога станува збор за надомест, германскиот огранок на Католичката црква е изненадувачки скржав. Изминативе три години надбискупијата во Келн потроши околу 2,8 милиони евра на медиумски адвокати и консултанти за комуникација, но малку повеќе од половина од оваа сума на деца кои преживеале злоставување.

Парите од даночните обврзници црквата расипнички ги троши и на други начини. Во 2013 година, бискупот Франц-Питер Тебарк-ван Елст стана озлогласен благодарение на разоткривањето на неговото разуздано трошење. Инспириран од позлатените резиденции на папата, германскиот бискуп потроши повеќе од 31 милион евра на реновирање на својот дом. Да: 31 милион.

Додека многу цркви им наметнуваат некаков облик на данок на верниците, германскиот систем донекаде е строг. На пример, Италија и Шпанија бараат од луѓето да донираат дел од годишниот приход - 0,8 и 0,7 проценти годишно - на плата од 3 500 евра пред оданочување, се добива износ од околу 24,5 до 28 евра месечно, во споредба со 46 евра во Германија. Освен тоа, даночните обврзници можат да изберат дали ќе ѝ ги испратат парите на црквата или на некоја секуларна организација (како на пример, истражувачки институт), без оглед на верската припадност. Но и други земји во Европа бараат од верниците да плаќаат данок на богослужење, како што се Австрија, Швајцарија, Финска, Шведска и Данска.

Фрерк се повикува на Франција како пример на земја со поинаков пристап во плаќањето давачки за црквата. Таму, вели, не постои црковен данок, туку ден кога луѓето ѝ донираат на својата црква. „Тоа го промовира црковниот систем“, вели Фрерк. Пасторите често ги повикуваат на вечера кај семејствата во својата верска заедница и тие им се придружуваат на трпезата. „Во таква ситуација сите добиваат; семејството се чувствува почестено зашто пасторот им се придружува и кажува молитва“, објаснува Фрерк. За возврат, црквата добива скромна финансиска помош.

За среќа, напуштањето на црквите во Германија - барем во формална, правна смисла - е мошне едноставно. Сè што треба да направите е да имате повеќе од 14 години и да поседувате важечки пасош или лична карта. Меѓутоа, процесот не е сосема без компликации, зашто секоја германска држава има малку поинакви правила и прописи кои го покриваат процесот на самоисклучување. На пример, во Берлин, Бранденбург, Северна Рајна-Вестфалија и Тиргинија морате да посетите вистински суд. На други места е доволно да отидете во општината. Некои држави бараат да платите надомест, други ви дозволуваат да ја напуштите црквата бесплатно. Меѓутоа, ниедна држава не бара официјално да се изјасните за причините кои стојат зад одлуката.

За да ја напушти црквата, Андреа морала да земе слободен ден и претходно да закаже состанок во локалниот суд. „Фактот дека морав да се појавам лично ме изнервира“, рече. „Секако, на крајот помина брзо, но имав чувство дека процесот е дополнително отежнат. На крајот на краиштата, претплатата за весник можам да ја откажам преку пошта“.

Откако ќе платите надомест, по пошта ќе добиете известување за напуштањето. Морате да ја чувате потврдата на безбедно место - тоа ви е неотповиклив доказ дека легално сте ја напуштиле црквата. Доколку, заради некоја причина, даночната управа од вас бара повторно да почнете да плаќате црковни даноци, овој документ би требало да обезбеди доказ со кој ќе ве остават на мира.

Додуша, фактот дека црквата добива известување може да предизвика главоболка. Андреа добила писмо од пасторот од поранешната парохија, кој сакал да ги слушне причините за нејзиното заминување, досадувајќи и провоцирајќи како поранешно љубоморно момче. Писмото исто така ја известило Андреа дека не ги исполнила своите должности како христијанка.

Сепак, не жали зашто се откажала од припадноста на Црквата. Парите кои ги давала за тоа сега одат во нејзиниот пензиски фонд. „Ми се чини дека е поразумно“, вели Андреа, „отколку да размислувам и претпоставувам за исполнет живот по смртта“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Robert Wechsler

Извор: https://www.vice.com/