Истражување: Секој трет млад човек сака да се исели од Северна Македонија

16.05.2022 12:39
Истражување: Секој трет млад човек сака да се исели од Северна Македонија

Преземено од Дојче Веле

Речиси секој трет млад човек сака да се исели од Северна Македонија. Најголема желба да се отселат имаат младите од Источниот регион, а најмала од Полошкиот. Причина за тоа е незадоволството од образовниот систем и недостигот на практична настава. Младите сметаат дека квалитетот на живеење може да се подобри преку доброто образование, можностите за вработување и намалување на корупцијата. Ова го покажува истражувањето на Агенцијата за млади и спорт спроведено во периодот од јануари до март 2022 година на ниво на државата. Во истражувањето учествувале 1.200 испитаници. Целта била да се создаде слика за ставовите, перцепциите и очекувањата на младите луѓе во државата.

Корупцијата е најголем проблем

Младите, коишто биле анкетирани, сметаат дека корупцијата постои секаде и од неа зависат сите области. „Кога би се намалила корупцијата лесно би можеле да се запишеме на факултет, да се вработиме според струката, но и да живееме во почист град“, вели еден од испитаниците.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека 68,4 проценти од анкетираните имаат негативен став кон образованието, а речиси 30 проценти проблемот го гледаат во наставниот кадар, за кој сметаат дека е неквалификуван и незаинтересиран.

Според податоците, 30 проценти од младите испитаници сметаат дека немаат доволно можности за развој во државава, додека 33,3 отсто имаат желба за развивање сопствен бизнис, но немаат доволно можности за тоа. За 24,4 отсто од испитанциите излезот е да се бара работа во странство, а 23,3 проценти од младите приватниот сектор го гледаат како најдобра опција за вработување.