Американските масовни вооружени напади и владеењето на малцинството

25.06.2022 11:22
Американските масовни вооружени напади ќе продолжат сѐ додека мнозинство не го надвладее малцинството

 
Лесно е да се поврзат точките, бидејќи се близу една до друга и бидејќи ги претставуваат влезното и излезното место на раната нанесена на aмериканското општество од страна на супкултурата чија света тајна е огненото оружје. Во Тексас, додека се затегнуваат законите околу абортусот, постепено се олабавуваат оние за пушките. Овие оружја се симбол на специфична верзија на машкост создадена од бескрајна слобода, моќ, доминација, верзија на војнички идентитет во која секој пиштолџија е командант, а секој е потенцијална мета, во која стравот поттикнува агресија а правата на сопственикот на оружјето се толку широки што никој нема право да е безбеден. Во моментов, тоа е дел од воениот култ за белата супериорност.

Секаде кајшто населението е вооружано е воено поле, па може да се каже дека сепак САД е на раб на војна, која многу тешко може да се категоризира како цивилна. Останатите се принудени да се навикнат на сѐ поголеми и поопасни оружја, кои не се наменети за цивилна употреба, туку сѐ повеќе се употребуваат во масовни напади против цивили низ Америка. Таков беше и неодамнешниот настанот кога 19 четвртоодделенци и две учителки во Увалде, Тексас, беа убиени од страна на лице чиј 18-ти роденден го оспособил да го купи полуавтоматското оружје и стотиците кутии муниција што ги искористил.

Во времето кога бил додаден вториот амандман во Уставот, за полнење на пушките било потребно околу една минута, а сите оружја биле еднострелни. Наспроти тоа, во 2017 г. сторителот на масакрот во Лас Вегас испукал повеќе од илјада куршуми од хотелскиот прозорец, убивајќи 60 луѓе во десет минути. Тинејџерот во Бафало кој убил 10 црни купувачи и едно вооружено лице од обезбедувањето не бил добро регулиран, како што не бил ни антисемитистот кој уби 11 лица во синагогата во Питсбург, ниту пак хомофобот кој уби 49 и рани 53 лица во ноќниот клуб во Орландо, ниту анти-имиграцискиот убиец во Ел Пасо кој уби 23 и рани 23 лица, ниту убиецот на деца кој одзеде 26 животи во Њутаун, Конетикат, од кои 20 беа на шест и седумгодишна возраст.

За да се приспособат на култот на пушките и на ланецот масакри, наставниците и децата вежбаат школски рутини кои постојано ги потсетуваат на фактот дека може да бидат убиени. За да се присопособат, школите трошат милиони долари на засилено обезбедување на зградите, на рутини и вежби, а федералната влада троши милиони за полицајци во кампусите. За да се приспособат, општините низ цела држава трошат уште повеќе пари на полиција и опрема во своевидна вооружувачка трка која понатаму ја оправдува милитаризацијата на полицијата. Но, со мала корист – во Увалде силно вооружените полицајци во панцири изгледа дека успеале да го заштитат само пукачот, контролирајќи ги родителите додека нивните деца умирале, наместо да се втурнат внатре, онака како што биле тренирани, опремени и платени, Сето ова е своевиден данок за нас останатите, и во пари и во благосостојба, за да можат пиштолџиите да продолжат да си пукаат.

Едно од повознемирувачките нешта за американската десница е дека тоа е култ манипулиран од корпорации и лични интереси кои силно профитираат од нејзините опсесии. Ова најмногу важи токму за оружјето. Пред помалку две децении, Националната асоцијација за пушки и производители на оружје одлучи да се пренасочи од промовирање на ловџиската култура и опрема и на руралниот живот, кон промовирање моќни воени оружја вклучувајќи ја и придружната опрема, претворајќи ги конзервативните белци во импромпту командоси. Стравот и омразата ги зголемуваат профитите па така обете култури се одгледуваат посветено, од страна на индустријата за оружја, десничарските новински агенции и различните стручњаци, демагози, милициски лидери и нео-нацисти.

Како што поранешниот извршен директор за оружја, а сега нивен противник, Рајан Бусе, напиша во „Гардијан“: „Бидејќи зголемената критика на Националната асоцијација за пушки (NRA) се покажа политички ефективна, некои во бизнисот со оружје сфатија дека оваа порака може да се присвои од индустријата за огнено оружје во насока на продажба на повеќе оружје. За успех беше потребна само посветеноста на застрашувачки опасната реторика и сè помоќното оружје.“

Републиканските политичари ги голтаа донациите од индустријата и усвоија закони со кои продажбата на оружје доживува бум, профитот вртоглаво расте, а оружјето почнува да се појавува на нови начини. Бесот што доведе до оружјето беше разгорен со расизам, омраза против имиграцијата, мизогинија, воени слики, нео-конфедеративни фантазии и гнасни цртани верзии на машкост, а пушките сето тоа го направија опасно. Ова е овозможено од владеењето на малцинството, бидејќи мнозинството Американци, исто како што сакаат да важат правата за абортус, така сакаат и ограничување на пристапот до оружје.

Културата на оружје ме потсетува на културата на силување, конкретно, на конвенциите кои пред сѐ ги сметаат жртвите, а не сторителите, одговорни за ограничување на насилството. За жените тоа значи дека ни се вели радикално да ги преуредиме нашите животи за да избегнеме сексуален напад, наместо да очекуваме дека општеството ќе ги заштити нашите права и слободи. Ни се вели да ограничиме каде и кога одиме, да внимаваме на самотијата, гужвите, баровите, пијалоците, дрогата, дремките, забавите, јавните места, јавниот превоз, странците, градовите, дивината, да ја гледаме нашата облека, па дури и нашиот изглед, како потенцијална провокација, како своевидно барање да ни се случи нешто. Да ги оневозможиме нашата слобода и самодоверба за да се приспособиме на културата на насилство. На истиот начин, сега треба да се навикнеме на културата на оружје.

Идејата за неограничени права е наменета да важи за ограничен број од нас. Законите за отворено носење оружје, често се укажува, не би им дозволиле на црнците да се врткаат низ супермаркетот со огромни пушки на себе и со самодовербата што би можеле да им ја наметнат на другите на овој начин; Филандо Кастил беше директно застрелан само зашто му кажал на полицаецот дека имал пиштол во автомобилот во 2016 година; 12-годишниот Тамир Рајс беше застрелан зашто држеше играчка-пушка во Кливленд во 2014 година. А бранот нови закони за абортусот што се усвојуваат и веројатното укинување на Ро против Вејд значи дека на оние кои може да забременат им се одбива надлежноста врз сопственото тело додека сопствениците на оружје ги бараат своите права над телата на другите.

Во Оклахома, секоја што ќе забремени има помалку права од кластерот од неколку клетки видливи само под микроскоп. Секоја бремена жена може да се соочи со кривично гонење како убиец ако не го доноси бебето до крај. Тие се соочуваат и со гротескна наметливост - кривична истрага за спонтан абортус, принуденоста да се трудат да му докажуваат на несочувстениот правен систем дека бременоста е резултат на силување или на инцест, чувството дека нивната бременост е надгледувана и тие се потенцијални осомничени. Постои ужасна симетрија меѓу оваа експанзија на патријархалното насилство и губењето на репродуктивните права.

Пушките ја претставуваат моќта на малцинството над мнозинството и станаа симболи на една партија која стана култ кој бара малцинска моќ преку одземање на избирачките права и прогон на жени, доселеници, црнци, квир лица, транс лица - сите тие беа цел на масовни пукања во последните години. Ова е истата партија која се обиде да ги поништи изборите преку насилство поттикнато од горе, од култните водачи, вклучувајќи го и поранешниот претседател и разните експерти и демагози. „Судење преку борба“, исвирка Руди Џулијани откако ја поттикна толпата да дивее низ Конгресот. Ако пушките се икони, тоа е зашто насилството е светост што се брани како право и идентитет.

Полуавтоматските оружја се инструменти на смртта донесени од култот на смртта. И масакрот ќе продолжи сѐ додека мнозинството не го надвладее малцинството на власт кое профитира од неа и ја спроведува.

Превод од англиски: Давид Бабамов

Извор: The Guardian