Рецепт за војна

25.03.2017 12:50
Рецепт за војна

Во изјавите на поддржувачите на Доналд Трамп во текот на минатогодишната кампања постојано се повторуваше реченицата: „Тој е успешен бизнисмен, а време е некој да ја води оваа земја како бизнис“. Ако тие гласачи очекуваа Трамп да кормилари со американската влада со технократска ефикасност, сигурно се разочарани од она што го видоа досега. Секако, самиот претседател упорно тврди дека сè функционира „како подмачкано“, но оставките, протекувањето на информации, непополнетите места и суспендираните извршни наредби покажуваат дека сè не оди баш така мазно.

Меѓутоа, се чини дека тоа не ѝ е важно на базата на Трамп: анкетите покажуваат дека поддржувачите и понатаму му се лојални (делумно затоа што не веруваат во извештаите кои покажуваат дека тој прави грешка по грешка). Но сега е на проба неговото ветување дека ќе постапува како нов извршен директор и ќе воведе ред во корпорацијата наречена САД: се донесува неговиот прв буџет. Трамп е доведен токму поради тоа: да ги скрати непотребните трошоци, да добие повеќе за помалку, да донесе мудри одлуки кои со децении некако им се измолкнувале на бескорисните вашингтонски политичари.

Дали ќе се изненадите кога ќе чуете дека овој буџет е сè само не паметен - дека е кусоглед, глупав и сам себеси си подметнува пречки? Суштината на предлогот е големо зголемување на трошоците за одбрана. Имено, Трамп бара дополнителни 54 милијарди долари за тенкови, бродови и системи на оружје. Парите ќе дојдат од намалувањето - „долар по долар“ - на потрошувачката за странска помош, дипломатија и заштита на животната средина.

Кусогледоста на оваа одлука е фрапантна. САД веќе трошат на одбрана повеќе отколку осумте наредни највооружени нации заедно. Имаат нуклеарен арсенал доволен за повеќе пати да се уништи целиот човечки живот на планетата. Но тоа очигледно не е доволно. Во интервју за Ројтерс Трамп рече дека нуклеарната моќ на САД заостанува и дека тој има намера да ја доведе на самиот врв - како САД веќе да не се недостижен нуклеарен врв.

Овој пресврт не е погрешен само затоа што е претеран, туку и поради опортунитетниот трошок - сите тие железа ќе бидат платени така што ќе се испразни арсеналот на американската „мека моќ“. Плановите на Трамп бараат буџетот на стејт департментот да биде намален за 30 отсто, придонесот на САД за меѓународните агенции како што се ОН за 40 отсто, а фондовите на Агенцијата за заштита на животната средина (која на грбот веќе има шеф кој не верува во климатските промени) за 25 отсто. Како Трамп да заклучил дека најдобро ќе ги заштити своите згради и хотели ако потроши милиони на сјајно ново противпожарно возило - и потоа да ги отстранил сите детектори за чад.

Така го гледаат тоа луѓето кои имаат воено искуство. Затоа уследи писмо од 120 пензионирани генерали и адмирали кои го преколнуваат Трамп да не ги смалува трошоците за дипломатија и хуманитарна помош. Тие го цитираат никого друг туку секретарот за одбрана на Трамп, Џејмс Матис, кој во 2013 рече: „Ако ги намалите финансиите за стејт департментот, ќе мора да докупам оружје“. Матис го разбира она што неговиот претседател не го разбира: дека дипломатијата и меѓународната соработка се најпаметниот облик на воена потрошувачка - затоа што ја намалуваат веројатноста дека скапото и смртоносно оружје некогаш ќе биде употребено.

Сега останува на Матис и другите генерали кои заземаат клучни функции во администрацијата на Трамп да се спротивстават на овој многу опасен пресврт. Како повеќето од оние кои носеле униформа, тие знаат дека војната е средство кон кое треба да се прибегне само во случај на нужда и дека не треба да му се радуваме. Но тие работат за претседател кој ја повикува војната иако сам не служел војска поради „коскен трн“ во стапалото - подоцна не можеше да се сети во кое стапало - иако настојувањата да избегне венерични болести а да не се откаже од промискуитетното однесување го опиша како свој „личен Виетнам“.

Трамп сака Америка „пак да победува во војни“. Неговиот буџет секако ја зголеува веројатноста Америка да започне нови војни - но не ѝ гарантира победа во нив.

Извор: The Guardian, 28.02.2017.