Во името на таткото и на плодот

28.06.2022 18:55
Во името на таткото и на плодот

Еден ден пред да го укине федерално гарантираното право на абортус (иако, барем според мене, сè уште делува подобро да се рече - правото на избор, како што главно ќе стои понатаму во текстот), Врховниот суд на Соединетите Американски Држави го поништи законот со кој се ограничуваше правото на носење оружје надвор од домот во државата Њујорк. Законот предвидува дека луѓето можат да носат оружје надвор од дома ако и само ако имаат добра причина да го сторат тоа. Врховниот суд утврди дека законот ги ограничува слободите гарантирани со Уставот на САД и го поништи.

Се разбира, и правото на жените на избор во САД се бранеше со членовите на истиот Устав, како право на приватност. Што, се разбира, беше предмет на критика, но не со цел да се укине правото на избор, туку, напротив, бидејќи се тврдеше дека тоа не е доволно широка основа за правото на избор навистина да важи за сите. Се правеше разлика помеѓу репродуктивните права (што би било правото на избор) и репродуктивната правда (што би значело правото на избор да биде достапно за сите).

Но, овде нема да зборуваме за тоа што и колку од овие права е втемелено во американскиот Устав. За тоа повеќе ќе кажат адвокатите. Важно е да се поврзат двете последователни одлуки на Врховниот суд - за слободата на носење оружје и за укинувањето на правото на избор. Во Њујорк правното инсистирање дека не може секој да излезе на улица со оружје беше мотивирано од желбата да се намали можноста за масовни убиства - читателот знае дека одвреме-навреме во САД некој зема оружје в раце и убива луѓе во улица, на училиште, на концерт... каде и да е.

Обидите да се ограничи, односно, да се услови, на федерално ниво, продажбата на оружје и неговото носење, редовно се попречуваат, ако не веднаш во американскиот Конгрес, тогаш сигурно во Сенатот. А, како што сега видовме, ако не во Сенатот, тогаш во Врховниот суд. Значи, истите оние на кои не им пречи тоа што слободата за купување и носење оружје е директно поврзана со масовните убивања, во име на животот им го одземаат правото на избор на жените. Тоа може да се разбере само на еден начин: судот се потрудил да обезбеди што е можно повеќе цели за уживателите на слободата на поседување оружје.

Ако е очигледно дека Врховниот суд својата одлука за абортусот не ја донел за да го штити животот, кои би можеле да бидат другите причини за тоа? Сегашниот состав на Врховниот суд го сметаат за најважното и далекусежното наследство на администрацијата на Трамп. Оттаму, одлуките на судот треба да се сфатат во контекст на политиките на Трамп. Нема причина да се бираат зборови, треба да се каже сосема јасно - привилегирање на богатите и расизам, тоа беа темелите на владата на Трамп, и (се разбира, на републиканската влада) до неодамна. Иако Трамп навистина ги загуби изборите, а републиканците освоија мнозинство и во Конгресот и во Сенатот, остана Врховниот суд да продолжи таму каде што Трамп застана.

Статистиката вели дека повеќето жени кои сакаат да ја прекинат бременоста во САД имаат потемна боја на кожа. Освен тоа, се работи главно за посиромашни жени кои веќе имаат едно, две или повеќе деца. Оттука, прекинувањето на бременоста не може да се сфати како каприц на уживање на правото на избор, туку како тешка одлука донесена под притисокот на немаштијата. Нема многу статистички податоци за абортусот поврзани со мажите, но одредени податоци сепак постојат. Помладите мажи чии партнерки одлучиле да ја прекинат бременоста имаат многу поголема веројатност да завршат училиште и да најдат подобро платена работа отколку нивните врсници кои имале дете со партнерката.

Не би згрешиле ако тогаш правото на избор го гледаме како прашање кое не е првенствено прашање на заштита на индивидуалната слобода и правото на приватност, туку всушност е во секој аспект прашање на социјални политики и мерки против дискриминација. Принудувајќи ги жените да раѓаат, на цели групи жители на САД систематски им се ускратува можноста да ја подобрат својата животна ситуација. Оној кому му е важна заштитата на животот (роден или штотуку зачнат, не е важно), нема да посегне по укинување на правото на избор, туку ќе се труди да ја подобри материјалната положба на луѓето кои при тешка изнуда посегаат за абортус.

Како во САД, така и на секое друго место. Одземањето на правото на избор не е никаков благороден гест на чување на животот и штитење на беспомошниот плод; тоа е грозоморна и арогантна демонстрација на сила над угнетените и обесправените со желба такви, значи, угнетени и обесправени, да останат. Сексуално образование во училиштата, вработувања на жените, сигурна и достапна здравствена заштита, посебни социјални политики со фокус на бремените жени и мајките - сето тоа се далеку поефикасни мерки за заштита на драгоцениот плод отколку укинувањето на правото на избор.

Но, насилниците не ги интересира плодот. Плодот е само изговор. Нив секогаш ги интересира само голата сила. Без двоумење треба да се каже - одлуката на Врховниот суд е токму тоа: демонстрација на сила, односно изживување. Како во САД, така и во Полска… каде и да е.