Недостатоците на францускиот предлог, според Флоријан Бибер

07.07.2022 13:03
Флоријан Бибер ги посочува недостатоците на фрнцускиот предлог

Извор: Дојче веле

Во седум точки, австрискиот професор и познавач на Балканот, Флоријан Бибер на Твитер објаснува зошто ткн. француски предлог за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ не е добар за земјата, и за ЕУ.

„Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето. Иако делува дека тој е добар за да му стави крај на ветото, тој постигнува малку и носи големи опасности“, пишува Бибер на Твитер.

 

Најпрво, според австрискиот професор, предлогот „го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите кои пристапуваат“.

Второ, според Бибер, тој е неизбалансиран зашто „е многу поблиску до бугарските барања одошто до македонската позиција“.

Трето, предлогот „во основа ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада сугерирајќи дека постои проблем со дискриминација на Бугарите во Северна Македонија“.

Четврто, францускиот предлог „игнорира дека проблемот е (делумно) создаден и од ЕУ. Десетици илјади македонски граѓани зедоа бугарски пасоши затоа што се ЕУ пасоши, а не затоа што се чувствуваат како Бугари. Барањата на граѓаните да бидат ЕУ граѓани (со цел да работат) се злоупотребени од Бугарија за да се тврди дека тие се „етнички“ Бугари.

Како петто, Бибер наведува дека предлогот „ги билатерализира и ги  дискредитира вистинските механизми за заштита на малцинските права".

Како шесто, Бибер смета дека предлогот ќе нема доволна поддршка во Северна Македонија, а „неуспехот да се ратификува договорот ќе биде интерпретиран како неуспех на Северна Македонија, а не на бугарските националистички барања“.

Конечно, заклучува австрискиот професор, „наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување“.

ОкоБоли главаВицФото