Причините за една војна

15.08.2022 16:24
Причините за една војна

 
„Сè уште не знаеме што ни се случи во 2001“ е рефрен кој, во Македонија со неподнослива леснотија го повторуваат политичари и интелектуалци, од кои сепак се очекува да знаат. Во меѓувреме, навистина не знаејќи што ни се случи во 2001, една сосема нова генерација ученици и студенти, со чувство на загубено достоинство, протестираат по улиците на македонските градови. Тоа чувство нема да исчезне додека тие не ја осознаат вистината. Оваа анализа е уште еден мој обид во таа насока.

Политичката литература која последнава деценија го истражува искуството на дваесет и двете држави настанати со распаѓањето на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, доаѓа до корисни генерални сознанија. Една од нив е дека изборот на несоодветна стратегија на градење држава и градење нација во услови на демократија, може да го постави целото општество на погрешен колосек. Хуан Линц и Алфред Степан, долгогодишни истражувачи на демократијата во светот, прават една корисна шема за односите меѓу државата, нацијата (или нациите) и демократијата. Изборот на стратегија за градење држава и градење нација во услови на демократија, заклучуваат тие, зависи од конкретната ситуација во која се наоѓа државата. Ситуацијата, пак, зависи од присуството на други нации на државната територија, покрај титуларната нација.

Ситуација прва: ако не постои друга нација, лесно се консолидира демократска нација-држава, со мнозински систем на одлучување. Ситуација втора: кога на територијата на државата, покрај титуларната има и друга нација, демократската нација-држава е можна ако другата нација не е национално разбудена. Ситуација трета: кога другата нација е национално разбудена, тоа произведува конфликт, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива. Демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Ситуација четврта: кога покрај титуларната нација постои нација која е милитантна, тоа генерира толку многу конфликт или репресија што ја прави демократската консолидација крајно неизвесна. Имено, ваквата држава ќе биде изложена на силни притисоци за територијално раздвојување особено ако е можна територијална демаркација меѓу етничките групи. Во такви услови можно е раздвојување и воспоставување демократски систем во двете држави. Доколку не постои територијална основа за етничкото раздвојување, мирниот „развод“ е невозможен, а продолжената милитантност не дозволува консолидација на демократијата.

Ситуацијата на која најмногу личи Македонија во 1991 е Ситуацијата три. А, сепак, Уставот од 1991 година ја избра Ситуацијата еден, поставувајќи ја Македонија на погрешен пат на демократска транзиција. Можеме да најдеме бројни оправдувања зошто се определивме токму за мнозинскиот систем на граѓанска демократија: од стравот за сопствениот опстанок па до подивеаните национализми кои ја раскинуваа југословенската федерација долж етничките линии. Но, избирајќи ја погрешната стратегија, не само што не ја унапредивме демократијата во Македонија туку, десет години подоцна, завршивме скалило подолу на споменатата листа на ситуации – со милитантна албанска нација, со воен конфликт и барања за цепење на државата долж етничките линии. Имено, во 1991 се определивме за стратегија карактеристична за држава во која покрај титуларната не постои друга нација. Согласно ваквата логика – самите си го изгласавме Уставот.

Така нашите политички водачи ја испратија пораката дека Македонија е на етничките Македонци зашто секоја држава треба да тежнее да стане нација-држава, а секоја нација треба да стане држава. Тоа некогаш и можело да се прогласи и, како во Франција во деветнаесеттиот век, да се реализира во практиката. Француската држава, водена од јакобинската идеја за „нација една и неделива“,преку координирана политика во образованието, јавните служби и војската, систематски го потисна и го елиминира мултилингвизмот и мултикултурализмот во земјата. Денес, на почетокот на дваесет и првиот век во Европа, таквата политика е однапред осудена на неуспех.

Во деценијата по прогласувањето на Уставот добивме потврда за уште една научна аксиома во политиката – дека, во услови на слобода, решавањето на правичен начин на релацијата „полис-демос“, или „држава-народ“, мора да му претходи на обликувањето на демократските институции. Зашто, демократска држава е можна само ако, како држава, има легитимитет во очите на сите нејзини составни делови. Во спротивно, нема демократска држава.

Во случајот на Македонија Уставот, за да биде прифатен, требаше да исполни исклучително тешка задача – да конструира правичност на релација „држава – народи“. За тоа, пак, беше потребен договoр меѓу „демосите“, кој не се постигна во 1991. Тој недостаток не можеше да биде надминат со „демократија“ зашто, како што предвидува научниот авторитет Роберт Дал, „вредноста на демократскиот процес ја претпоставува правичноста на државата… оти нејзе не може да ја направи правична демократскиот процес“.

Ние Македонците знаевме што е правична држава за нас и концептот го преточивме во уставен текст, кој самите си го изгласавме. Накусо: национална држава на македонскиот народ и права на малцинствата. Но, маките на демократското живеење, маките на живот во слобода за сите , а не само за нас, се огледаат во неопходноста и другите да се прашаат. Тоа не го сторивме.

А кога доминација на Македонците во парламентот го блокира процесот на артикулација на интересите на Албанците во државната политика, ситуацијата се излеа на улиците. Уставниот систем, кој немаше заштитни механизми за малцинствата, за да може политиката да ги апсорбира нивните барања и да ги преведе во државна политика, се најде во улога на генератор на кризата. Во такви услови национализмот, а не демократијата, стана „единствената игра во градот“, а гневот и заемната нетрпеливост растеше со секој изминат ден. Македонија зачекори на патот кој водеше до етнички конфликт. Се работеше само за време кога македонскиот национализам ќе биде предизвикан од албанскиот национализам во форма на конфронтација меѓу двете етнички заедници. Тоа ни се случи десет години по донесувањето на Уставот.

Во 2001, под меѓународен притисок и со помош на НАТО, се прекина вооружениот конфликт, а Македонија беше принудена да ја напушти политичката стратегија од 1991 година, која не го издржа тестот на времето.Охридскиот договор ја постави македонската демократија на друг колосек. Се најдовме во Ситуацијата три на Линц и на Степан која гласи: Кога друга нација е разбудена таа произведува конфликти, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива; демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултиетничка држава. Во основата на новата стратегија е консенсуалната демократија во форма на комбинација на политичкиот либерализам кој почива врз правата на индивидуата и колективните права на народите. Доколку бргу се изгради еден нов консенсуален стил во македонската политика кој успешно ќе се носи со нужноста од деликатно етничко балансирање на сите нивиоа на политичкото одлучување, Македонија би можела да тргне на патот на демократска консолидација. Во спротивно, а тоа го покажуваат искуствата на многу држави, сè погласни ќе бидат барањата за територијално раздвојување во форма на федерализација или цепење на земјата.

Проблемот во Македонија денес е што нема политичко движење кое безрезервно би ја отфрлило старата и би се идентификувало со новата демократска стратегија. Тоа е логично. Десетте години доминација на национализмот ја прави стратегијата непопуларна кај македонскиот народ, а нема политичар на светот кој сака да биде непопуларен.

Згора на ова, наметната однадвор, новата демократска стратегија не е резултат на нашата свест. Така се добива впечаток дека дури и оние македонски политичари кои го поддржуваат Охридскиот договор на него не гледаат како на нова страница на демократската историја на државата, туку како на изнудена статистичка операција која треба да се истурка до крај. Таквото поведение не може да биде без последици. Оти отсуството на визија кај политичарите и кај интелектуалците за една нова демократска Македонија, го отежнува процесот на транзиција, а демократската консолидација ја прави карајно неизвесна.

Во меѓувреме, не знаејќи што ни се случи во 2001 година, младата генерација би можела да почне да работи против својата иднина.

(Прв пат објавено во 2004 година)

Фотографиите се од филмот Cure For Wellness (2016)

Слични содржини

Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Став / Историја
Став / Теорија / Историја
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото