Материјалистичка критика на граѓанската Југославија

13.09.2023 11:17
Материјалистичка критика на граѓанската Југославија

 

Со довршувањето на процесот на реставрација на капитализмот на нашите простори, како и со „смената на генерации“ која се случуваше последниве триесет години, либералната, граѓанска, односно среднокласна југоносталгија го презема приматот меѓу оптиките на позитивната идеализација на социјалистичка Југославија. Средната класа, деилузионизирана од својата прекарна положба во општеството на капиталистичката (полу)периферија, каде се наоѓа под перманентна закана од губење на положбата и премин во редовна работничка класа или во економска емиграција, свое засолниште пронајде во идеолошката имагинација на југословенската модернизација. Меѓутоа, за каква слика на Југославија толку копнее средната класа?

Иако југословенското општество го оствари најдинамичниот економски раст во педесеттите години, овој период не е во центарот на таа имагинација. Тој се претставува како сив период на комунистичката тоталитарност, божемно гушење на личните слободи, „суров“ колективизам. Наспроти тоа, во фокусот на граѓанската југоносталгија се наоѓа митологизираната слика на Југославија од средината на шеесеттите до средината на осумдесеттите години, како општество со економска благосостојба кое наводно обезбедило меритократски принцип на професионално остварување и влезна социјална мобилност, како и лична слобода и покрај обичаите на еднопартискиот систем.

Така предмет на носталгија стануваат стоките за широка потрошувачка од југословенско производство, југословенската бруталистичка архитектура со акцент на модернистичките споменици од НОБ, југословенскиот туризам, југословенскиот рокенрол, па дури и елементите кои излегуваат од строгата матрица на урбаната средна класа, како што е новокомпонираната народна музика, чии носталгични тропи, на пример, ги експлоатира филмот Тома.

Бидејќи драмските уметници се наметнаа како трибуни на малограѓанскиот менталитет и елитистичкиот ресантиман, заради илустрација на тезата ќе земеме една изјава на Мирјана Карановиќ за нејзиниот југословенски идентитет:

„Дома и на училиште учев дека не се важни ни верата, ни националноста, туку дека се важни луѓето. За лектира читав дела од целата таа голема земја и учев за историјата, гледав претстави, ТВ драми и филмови на сите јазици и дијалекти кои постоеја. Младинскиот театар, Театарот Кугла Глумиште, Ослободувањето на Скопје, Фестивалот МЕСС, Паоло Маѓели, Душан Јовановиќ, Дејан Мијач. Во мојата татковина беа сите убави места: Хвар, Охридското езеро, Похорје, Црното езеро на Дурмитор, Ѓаволски варош, Мотовун, Свети Стефан, кафеаната Т'га за југ во Скопје, пулска Арена. Азра, Филм, Идоли, Оргазам, Хаустор. За мене Југославија беше најубавата и највозбудливата земја на светот.“

Од исповедта на Мирјана Карановиќ за југословенскиот идентитет би можеле да заклучиме дека бил космополитски, зашто да се биде Југословен не е национална одредница туку идеја за „граѓанин на светот“ кој гледа кој каков човек е, а не каква е неговата националност. Навикнат да ужива во поубавите страни на животот, во уметноста, туристичкото и угостителското изобилство, квалитетната популарната култура, добриот стар рокенрол, тој ја трансцендира тесноградоста на националниот идентитет. Југословенот е убава душа зафатена од вртлогот на историјата и потисната на маргините на општеството, каде е осудена да биде чувар на последните вредности на хуманизмот во нехумано општество.

На иста линија е и драматургот од помладата генерација Миња Богавац, која смета дека мултикултурна Југославија беше предвесник на ЕУ, односно уште подобра од ЕУ, зашто:

„Имавме социјализам, ја имавме идејата за братство и единство на народите и народностите, тоа беа обиди за воспоставување општество засновано на социјална правда. Денес веќе нема такви држави во светот и затоа мислам дека Југославија беше најдобриот државен пилот проект кој се случил во историјата на новиот век. Знам дека заврши лошо, сосема ми е јасно дека експериментот не успеа, но сè уште мислам дека мораме да признаеме: тоа беше одлична идеја! Не бевме подготвени за неа, но - беше одлична!“

Иако Миња Богавац изрично го споменува социјализмот, тој сепак останува во контекст на една експериментална идеја која не можеше да заживее кај нашите народи. Колективните „ние“ не бевме подготвени, зашто силите на етнонационалистичкиот провинцијален дух (паланка) однесоа победа над космополитските Југословени. Значи, виновни се масите кои не беа дораснати на идејата за целосно граѓанско остварување во држава на благосостојба; нивната смрдеа беше загушена од краткиот здив на ветриштата од Скандинавија на Балканот.

Иако овие изјави делуваат како арбитрарни забелешки и субјективни впечатоци, тие впрочем имаат одредена објективна тежина зашто на „здраворазумско“ и „секојдневно“ ниво ја репродуцираат идеолошката интерпретација на модерната српска историја на Латинка Перовиќ и низа историчари под нејзино влијание. Зрелата концепција на Латинка Перовиќ, според која политичкиот живот го обликува борбата помеѓу „доминантните“ и „несакани“ елити, на темелен начин е размонтирана во книгата на Мира Богдановиќ Елитистички пасијанс, затоа во рамки на овој текст нема подлабоко да навлегуваме во елаборација. Наместо тоа, да ја разгледаме изјавата на историчарот од помладата генерација, епигонот на Перовиќ, Миливој Бешлин:

„По смената на политичките елити во Србија и Хрватска, навистина ја снема можноста внатре-југословенските односи и спорови да се решаваат по демократски пат, преку отворен дијалог и разговори. Догматските и конзервативни елити кои дојдоа на нивно место, повеќето проблеми ги туркаа под тепихот на репресивните методи. Проблемите не исчезнуваа на тој начин. Покрај тоа, со смената на либералите во Србија, ветар во едрата доби конзервативизмот, па и национализмот. Најконзервативните титоисти од седумдесеттите и подоцна беа горливи поддржувачи на Милошевиќ и српскиот национализам.“

Според оваа интерпретација на југословенската историја, најзначајни настани кои ја запечатија судбината на Југославија беа гушењето на МАСПОК во 1971 година и, пред сè, чистката на српските либерали во 1972 година. Либералното раководство на републичките партии, „демократските сили“ кои тежнееја кон понатамошна либерализација на југословенската економија и конфедерализација на републиките, беше загушено од конзервативните сили на сојузното раководство и „длабоката држава“ олицетворена во сојузната служба за државна безбедност.

Значи, според либералното толкување, трагедијата на југословенската историја се согледува преку тоа што шанса за капиталистичка трансформација на општеството постоеше уште кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години, но таа е пропуштена неповратно. По периодот на рапидна индустријализација Југославија можеше целосно да се интегрира во светскиот систем на глобалниот пазар, со што како рамноправна партнерка можеше да им се придружи на западноевропските држави.

Граѓанската југоносталгија за овој период на историјата дотолку не носи никаква социјалистичка содржина, туку претставува ресантиман заради изгубената шанса за „транзиција по мерка на човекот“, „добар“ капитализам кој би ги обезбедувал позициите на средната класа во општествената стратификација. На тој план се одигрува салто мортале во кое централистичките југословенски тенденции се изедначуваат со националистичките, како носителки на колективистичкиот дух кој го гуши остварувањето на граѓанскиот идеал на индивидуалните слободи. Како што исправно забележува Бранислав Димитриевиќ:

„Оттука, југоносталгијата пред сè е носталгија за културната имагинација на постсоцијалистичката транзиција која започнува преку либерално-реформистичките процеси во Југославија токму во шеесеттите.“

Ваквите погрешни перцепции на југословенската историја произлегуваат од идеалистичкиот пристап на толкувањето на историскиот процес, односно од инхерентните идеолошки ограничувања на либералната парадигма. Имено, историскиот процес стриктно се сведува на политичката димензија, во која различни репрезенти на различни позиции се борат околу прашањето за модернизацијата, која се сфаќа исклучиво како отвореност кон либералните вредности на слободниот пазар и граѓанскиот индивидуализам. Различните актери, и покрај класните интереси кои ги претставуваат, така бидуваат поставени на една од двете оски во овој перманентен конфликт на „колективистите“ и „индивидуалистите“, „модернистите“ и „антимодернистите“.

Во ваквата интерпретација на историскиот процес, да речеме, можно е Александар Ранковиќ (шефот на ОЗНА и УДБ) и Борисав Јовиќ (подоцна „десна рака“ на Милошевиќ) да бидат на „иста страна на историјата“, како „конзервативци кои ги опструираа модернизациските тенденции. И покрај тоа, постои извесна „тајна врска“, каде догматскиот комунизам на Ранковиќ божем „еволуирал“ во срспки национализам во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години, во склад со тезата дека двајцата ги поврзува авторитативниот и колективистички однос кон општеството. Зад овој став стои второкласниот србијански наратив според кој падот на Ранковиќ изнедрил една националистичка опозиција која постепено ќе ја презема власта во Србија. Во тој контекст Латинка Перовиќ сугестивно се прашува за судбината на Ранковиќ:

„Ако тој [Александар Ранковиќ] во младоста не го нашол комунизмот, туку комунизмот го нашол него 'како средство и податлив материјал', дали на прагот на староста исто така не го нашол и национализмот?“

Во прашање е една историска трансверзала во која се менуваат идеолошките предзнаци, но заеднички останува идеалот за „затворено“ општество и вредностите кои произлегуваат од тоа.

На оваа „аксиолошка“ поставка на историскиот процес треба да ѝ се спротивстави материјалистичкиот пристап, за да покажеме дека таквата идејна кохеренција на „конзервативната елита“ едноставно е идеолошка фикција на либералите. Доволно е да се споредат ставовите на Ранковиќ и Јовиќ за фундаменталните економски прашања, за да согледаме дека Ранковиќ всушност беше најмноќниот противник на економската либерализација („антимодернист“) во првата половина на шеесеттите години, што во голема мера придонесе за неговиот „пад“ во 1966 година, додека Јовиќ учествуваше во тимот на Киро Глигоров кој ја спроведуваше програмата за економска реформа насочена токму кон отворање на југословенското општество за пазарните процеси („модернист“), од каде и почнува неговиот политички подем.

Исто така, во оваа слика „догматската и конзервативна елита“, како што ја карактеризира Бешлин, тешко е да се вброи и самиот Милошевиќ, кој стапува на политичката сцена од позиција директор на Беобанка, токму како најрепрезентативен изданок на новата технократска класа која тежнееше кон понатамошна економска либерализација.

Значи, важно е да се има предвид дека историскиот процес не се одвива следејќи ги оските на темелните „идеи“ или „вредности“, како што тоа ни го претставуваат либералните историчари, туку преку класна борба околу спротивставените класни позиции од кои се формираат идеолошките односи наспроти општествената реалност, кои создаваат идеи за општеството. Преку ваквиот материјалистички пристап на историјата можно е да се демистификуваат погрешните идеолошки перцепции на југословенската историја и да се воспостави политички однос кон југоносталгијата на средната класа.

***

Како што веќе споменавме, во фокусот на граѓанската југоносталгија се наоѓа периодот од средината на шеесеттите до средината на осумдесеттите. Меѓутоа, овој период не претставува „златна доба“ на Југославија, туку токму спротивното, развој и кулминација на кризата на југословенското општество, предизвикана од продорот на капиталистичките односи во социјалистичкото општество[1].

По динамичниот и екстензивен развој од педесеттите, кој се одвиваше заедно со големи инфраструктурни проекти насочени кон трансформација од аграрно во индустриско општество, со обид за самоуправно социјалистичко управување на средствата за производство, уште на почетокот на шеесеттите доаѓа до успорување на растот на системот и посериозни разидувања и конфликти околу понатамошниот правец на развој на југословенската економија меѓу фракциите на политичката елита. Места на тивок конфликт беа прашањата за деетатизација на економијата и либерализација на пазарот и прашањето за подлабок продор на самоуправните принципи (двете тенденции се легитимираа како самоуправни).

Овој конфликт резултира со победа на концепцијата која сметаше дека решение за надминување на застојот во југословенската економија е реориентација на економската политика на „законите на понудата и побарувачката“. Наспроти тоа, поразена е идејата за продолжување на развојот преку инсистирање на планска економија. Одлучено е на претпријатијата да им се обезбеди поголема автономија во економското одлучување, а инвестициските политики да се предадат во рацете на „економските стручњаци“, кои ќе ги прилагодат на „пазарните закономерности“ - наспроти дотогашниот политички диктат на партиските кадри, диригираната економија и големите инфраструктурни инвестиции.

Оваа идеја е материјализирана 1964 и 1965 година со низа мерки фокусирани на отворање пат за послободно функционирање на пазарните односи во економијата, како и на раст на личните приходи, за во склад со тоа да се стимулира потрошувачката и да се генерира раст на економијата, а во 1966 година се донесува петгодишниот план кој треба да спроведе економска реформа. Намерата на новата политичка елита беше преку период на забрзана индустријализација да се преброди застојот во југословенската економија преку вклучување на светскиот пазар, односно укинување на царинскиот протекционизам и воведување пазарен принцип во рамки на домашната економија за да може на конкурентен начин да учествува на светскиот пазар.

Резултатите од оваа економска реформа беа катастрофални, како во економски, така и во политички и социјален поглед. Продорот на пазарниот принцип во југословенското општество доведува до нагло зголемување на социјалните разлики, раст на невработеноста и формирање нова класа стручњаци која станува реален господар на акумулацијата. Државниот капитал се пренесува на банките, што произлегува од уверувањето дека тие подобро ќе располагаат со акумулацијата во новосоздадените пазарни услови и ќе предизвика создавање нова елита, вон каква било демократска контрола во банкарскиот и трговскиот сектор.

Ова општествено раслојување го следи понатамошното успорување на развојот на економијата. Економските учиноци од реформата се спротивни на очекуваните. Растот на општествениот производ во општествениот сектор се намалува во периодот од 1954-1965 од 9,7 на 6 проценти во периодот 1966-1970. И покрај овој пад на општествениот производ се бележи раст на личните приходи во зголемен распон, како индикатор за социјалното раслојување. Порастот на личниот приход е стимулиран во склад со неокласичните економски уверувања на креаторите на реформата дека широката потрошувачка е генератор на економски раст и развој.

Паралелно со центрифугалните сили на пазарот кои го раслојуваа југословенското општество, како во однос на имотната стратификација, така и во продлабочувањето на јазот помеѓу развиените и помалку развиените југословенски републики и покраини, кон крајот на шеесеттите се одвива и суштинска реорганизација на Сојузот на комунистите, предизвикана од жестокт конфликт во рамки на фракциите на владејачката класа.

Тензијата помеѓу центристите, на чело со Александар Ранковиќ и федералистите, чии најистакнати личности беа Кардељ и Бакариќ, по економската реформа добива облик на отворен конфликт. Конфликтот кулминира со „аферата за прислушкување“, каде Службата на државната безбедност на чело со Ранковиќ е обвинета за прислушкување на резиденцијата на Броз, а Ранковиќ е исклучен од политичкиот живот на познатиот Брионски пленум во 1966 година.

Победата на федералистите резултира со процес на федерализација на Сојузот на комунистите на Југославија, кој почнува да функционира повеќе како унија на републички партии. Притоа, не е напуштен принципот на демократски централизам, туку само е пренесен од сојузно на републичко ниво. Паралелно, преку низа уставни амандмани од 1967 до 1971 година на суштински начин се трансформира собранискиот систем, со воведување на процесот „федерирање на федерацијата“, во кој политичките одлуки се донесуваат со посредување помеѓу различните интереси и договор на републичките партиски елити. Меѓутоа, овој сплет на политички и економски процеси претставува шок за социјалистичкото општество, во кое се појавуваат низа конфликтни класни и класно-фракциски интереси меѓу кои не е лесно да се посредува.

***

Историски, противречностите на социјалистичкото општество се посредувани со одреден класен компромис помеѓу бирократските елити и широките народни маси. Првобитната класна структура на југословенското општество по 1945 година претставува класичен сталинистички модел на бирократизација на партиската авангарда, која станува нова владејачка класа. Додуша, оваа владејачка класа не е буржоаска, туку државно-социјалистичка. Иако со капиталот, земјиштето и средствата за производство кои се во државна сопственост не располага сопственички, како бирократски апарат сепак постапува како да има сопственички овластувања, односно именува директори на производството и диригира со инвестициите и целокупниот економски развој. Работничката класа и задружните селани остануваат во надничарски однос со државата како титулар на капиталот.

Развојот на државниот социјализам во првите години на ФНРЈ исто така се темели на класниот компромис помеѓу широките народни маси и управувачкиот слој, кој е постигнат со општа мобилизација со цел изградба и рапидна индустријализација на земјата заради поставување темел за социјалистичка трансформација на целото општество. Иако уште во првите години доаѓа до процес на бирокатизација, владејачката класа е проткаена со силна доктринарна социјалистичка свест и посветеност на еманципација на широките народни маси, изградени во време на илегала и војна.

По резолуцијата на Информбирото од 1948 година и конфликтот со СССР, владејачката класа мораше да пронајде нов начин на легитимација, поинаков пат кон социјализмот од остатокот од Источниот блок, па во 1950 година се донесува Законот за самоуправување, кој ќе го праобликува прво економскиот, а потоа и политичкиот систем на Југославија и ќе воведе нова динамика во класниот компромис на владејачката (бирократска) и работничката класа.

Со трансформирањето на сопственоста од државна во општествена, управувањето со претпријатијата им е препуштено на работничките колективи. Иако планирањето на економскиот развој и инвестициската политика останаа цврсто во рацете на политичките елити, а самоуправувањето беше воведено одозгора како вид на демократско самоограничување на моќта на владејачката класа, со тој чин е воспоставена правна рамка на потенцијалната реална партиципација на работничката класа во економското одлучување.

Уставниот закон од 1953 година, прогласен како „повелба на општественото самоуправување“, воведува дводомно собрание во кое, покрај Сојузниот совет, се востановува и Совет на производителите, со намера на работничката класа да ѝ се овозможи продор и во политичката сфера на одлучувањето. По повеќе од една деценија искуство на работничкото самоуправување на економски план, уставот од 1963 година требаше да го трансформира целиот општествен живот врз основа на идејата за самоуправувањето, и детално да го нормира системот на самоуправен социјализам.

Вториот устав на социјалистичка Југославија, наречен и „повелба на самоуправувањето“, е замислен така што ќе ја намали улогата на државата наспроти самоуправните организации. Собранието се одредува како врховен орган на власта но и на општественото самоуправување, а Советот на производители се проширува во четири совети на работни заедници: економска, социјално-здравствена, просветно-културна и организациско-политичка. Ваквите уставни решенија покажуваат намера да се продлабочат самоуправните односи во општеството, меѓутоа, како што забележува Горан Марковиќ:

„Клучната противречност на овој устав беше во тоа што не даде изрични институционални гаранции за превласт на работничката класа во органите на самоуправувањето, вклучувајќи ги тука и државните органи одредени и како органи на самоуправувањето.“

Значи, педесеттите и првата половина на шеесеттите се одликуваат со противречен развој. Владејачката класа го црпи својот легитимитет од идејата за трансформација на општеството врз основа на самоуправувањето, и со воведувањето институции на работничкото одлучување дава институционална рамка за артикулација на интересите на работничката класа. Меѓутоа, системот истовремено обезбедува нерамнотежа преку ваквата распределба на моќта зашто бирократската класа сака да ги задржи прерогативите на одлучувањето, што ја кочи реализацијата на институциите на самоуправувањето.

Ваквиот тензичен класен компромис се напушта кон средината на шеесеттите кога, според зборовите на Дарко Сувин:

„Олигархијата заедно со работничката класа и интелектуалците се оттргна од сојузот, без разлика колку и да беше премолчен и диктаторски и имаше упориште во самоуправувањето, и се насочи кон нејзина маргинализација (а со тоа и гетоизација на самоуправувањето).“

Маргинализацијата на самоуправувањето е на дело зашто таквиот класен компромис не можеше да функционира во продорот на пазарните односи - работничките совети како институции на работничкото самоуправување претставуваа суштинска пречка во акумулацијата на пазарниот капитал. Работничкото самоуправување го истиснува новата технократска фракција на владејачката класа, која се создава преку средби со партиските елити и бара меѓународен пазар за „професионализација“ на управувањето.

Располагајќи со акумулацијата, новата технократска фракција на владејачката класа сè повеќе претендира кон остварување политичка власт, а за нејзиниот подем придонесува и комплицираноста на југословенскиот правно-политички систем, кој ја потиснуваше демократичноста на самоуправувањето на сметка на правната и економската експертиза. Преку доктрината која понатамошниот развој на општеството го гледаше во зголемување на личниот приход, кој би бил насочен кон потрошувачката, оваа нова класа својот легитимитет го заснова на ветување благосостојба преку развој на пазарот.

Наместо работничка партиципација во процесот на производство, развојниот пат на Југославија се гледа во обезбедување потрошувачки стандард. Со растечкото економско раслојување на општеството, оваа нова фракција на владејачката класа го таргетира новоформираниот среден слој на населението како свој природен сојузник.

Со продорот на спонтаноста на пазарните сили се нарушува класниот компромис на елитите и широките народни маси и конфликтните интереси веќе не можат да се разрешат, а тоа генерира низа политички кризи кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите. Од бунтот на Косово во 1968 година, кој беше загушен со влегувањето на тенковите во Приштина и левичарските студентски демонстрации на универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана истата година, преку хрватскиот МАСПОК во 1971 година, до фракциските борби и чистките на либералите во Србија во 1972 година, изгледаше како Југославија да пука по рабовите.

За време на овие политички кризи се остварува нова конфигурација на класните односи во која технократската класа пактира со републичките политички елити, што дополнително го продлабочува јазот помеѓу републиките. Тоа на разни начини се согледува во двете најголеми републики: Србија и Хрватска. Додека во Хрватска со раководството на Савка Дабчевиќ-Кучар и Мико Трипало овој пакт го добива својот политички облик во една конфедералистичка позиција со елементи на национализам, во Србија конфедералистичката позиција добива нагласено економско-либерален карактер.

Раководството на Сојузот на комунистите на Србија на чело со Никезиќ преминува во остра опозиција на самоуправните сили, на најнепосреден начин претставувајќи ги интересите на технократската класа. Иако самоуправувањето не се напаѓаше отворено, постоеше моќна тенденција за негова маргинализација. Српските либерали се залагаа за понатамошна концентрација на капиталот преку окрупнување на економските единици и за промовирање на капиталистичките односи, пред сè во банкарството и трговијата на големо. Овие изразено антисамоуправни тенденции привремено се совладани со смената на српското раководство во 1972 година, на иницијатива на Јосип Броз Тито, која ја спроведоа старите кадри Петар Стамболиќ и Драгослав Марковиќ.

Меѓутоа, иако раководството на Никезиќ го заменија неутрални бирократи заинтересирани за зачувување на статус кво-то, во рамки на југословенската елита немаше сили кои имаа агилност за понатамошно развивање на самоуправувањето, а самите институции на самоуправувањето, заради системските ограничувања, никогаш не добија доволно автономија за да се развиваат со сопствени сили. Тие се неповратно редуцирани на обична форма, а последиците од продорот на пазарната економија во економското општество - акумулацијата на капиталот во рацете на технократските структури и узурпацијата на политичката власт - оставија крвав печат на југословенското општество.

Општествените сили кои се создадоа заради отуѓувањето на акумулацијата и воспоставувањето на капиталистичките односи (во услови на фракциски борби на републичките раководства), претставуваа центрифугална сила која во следните дваесет години го разоруваше југословенското општество. Подемот на национализмот доаѓа како нова легитимациска идеологија на отуѓените републички елити кои имаа намера својот политички капитал да го трансформираат во економски.

***

Материјалистичкиот пристап на историскиот процес кој ќе ја согледува динамиката на класната борба како носител на политичките процеси, дотоколку покажува дека таканаречените борби помеѓу „модернистите“ и „антимодернистите ја претставуваат либералната идеолошка фикција, која произлегува од носталгичната желба за еден „подобар“ капитализам кој никогаш не беше остварен. Критиката на среднокласната југоносталгија за нулта период на „постсоцијализам“, односно рана фаза на реставрација на капиталистичките односи во СФРЈ, која започнува уште во шеесеттите, може да биде спроведена само како марксистичка евалуација на неуспехот на реалната трансформација на југословенското општество според самоуправните принципи.

 

 

Белешка:

[1] Во текстот Југославија се третира како општество со државен социјализам во чии рамки се случи обид за спроведување оригинален проект за самоуправување. Како таква, беше соочена со две темелни противречности. Првата противречност беше заедничка за сите држави од реалниот социјализам - иако со револуција дојде до колективизација на сопствеништвото над средствата за производство, овластувањата се најдоа во рацете на новата бирократизирана партиска елита, што доведе до репродукција на класните разлики и надничарските односи на поинакви основи. Втората противречност, специфична за југословенскиот проект, се однесува на реализацијата на самоуправувањето. Иако самоуправувањето требаше да воспостави институционална рамка за демократизација на политичкиот, економскиот и воопшто општествениот живот, односно за реално вклучување на широките слоеви на работништвото во процесите на одлучување, што (според марксистичката доктрина) требаше да доведе до постепено „изумирање“ на државата, беше осмислено и спроведено „одозгора“, односно од самите партиски елити. На тој начин тоа добива карактер на „самоограничување“ на моќта на владејачката класа во класното општество, а нивото на тоа самоограничување го контролира самата елита. Во рамки на таквите односи моќта на институциите на самоуправувањето никогаш не можеше да добие реална автономија.


 

Стрип кадри: Fletcher Hanks (1889–1976)

 

 

Превод: Алек Кузмановски

 

Извор за текстот: https://slobodnifilozofski.com/

Слични содржини

Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Свет / Историја
Општество / Став / Историја
Стрип / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото