Стрипот и графичката култура имаат пресудно значење

24.07.2023 08:58
Стрипот и графичката култура имаат пресудно значење

 

Во визуелната цивилизација во која денес живееме се покажува дека врз создавањето на клучните современи планетарни симболи стрипот и графичката литература имаат поголемо влијание од, на пример, книжевноста. Иконографијата на стрипот денес ја проникнува не само поп културата. Иако стрипот извесен период во вредносна смисла се сметаше за најниска културна продукција, за шунд и евтина забава, во последните децении на минатиот век се случија значајни промени во естетичкото вреднување и во научното третирање на стрипот. Се покажа дека тој преку својата ликовно-раскажувачка стратегија е многу покомплексен и многу порелевантен феномен отколку што на почетоците се претпоставуваше.

Кога станува збор за европскиот, поточно за француско-белгискиот стрип, во референтната литература се нотира 1962 година кога е основана првата официјална институција за системско проучување и вреднување на стрипот, францускиот Центар за истражување на графичката книжевност (C. E. L. E. G – Centre d’etude des litteratures d’ expression graphiques). Исто така во Франција две години подоцна е основано Здружението за проучување и истражување на цртаната книжевност.

Овие две институции почнуваат да издаваат специјализирани списанија – Giff-Wiff и Phoenix во кои се објавуваат студии посветени на стрипот.

Во 1965 г. се бележи првата меѓународна научна конференција посветена на стрипот во Франција на која голем број тогашни видни социолози, универзитетски професори, антрополози, синеасти, ликовни критичари, истражувачки на визуелните уметности и комуниколози приложуваат научни соопштенија и реферати за стрипот.

Во 1967 г. во Париз во Музејот за декоративна уметност е одржана успешна и влијателна меѓународна изложба посветена на стрипот. За време на изложбата, францускиот новинар и ликовен критичар Жан-Пол Креспел (Jean-Poul Crespelle) напишал промотивен текст во списанието France Soir кој од денешна перспектива може да се вреднува како пророчки: „За стотина години социолозите ќе можат токму во стриповите да ги пронајдат најсигурните историски извори за проучување на духот на нашето време“, напишал Жан-Пол Креспел.

Стрипот доби научен и академски третман и во рамките на европската семиотика. Ролан Барт (Roland Barthes) во есејот Rhetoric of the Image објавен во неговата антологиска збирка огледи со наслов Image—Music—Text од 1964 и Умберто Еко (Umberto Eco) со книгата Apocalittici e integrati која се смета за прв обид за креирање општ систем на семиотика на стрипот.

Во САД и Обединетото Кралство теориските приоди кон стрипот често се подведуваат под општиот методолошки поим: студии за стрипот (анг. comics studies) кои ги подразбираат естетичките, семиотичките, филозофските, социолошките, комуниколошките, историските, (поп)културните, родовите и другите научно-академски аспекти на стрипот.

Во студиите за стрипот се земаат предвид и анализите од областа на стрип критиката. Во рамките на студиите за стрипот, како важен предвесник на овој теориски приод се бележи книгата на американскиот критичар на културата и писател Гилберт Вивијан Селдс (Gilbert Vivian Seldes) со наслов The 7 Lively Arts од 1924 г. Селдс ги отфрли тогашните вообичаени стојалишта и разбирања за џезот, филмот, стрипот и бродвејскиот театар како банални и естетички проблематични. Важни се и книгите Comics and Their Creators: Life Stories of American Cartoonists од Мартин Шердан (Martin Sheridan) и исклучително значајната историографска студија со наслов The Early Comic Strip: Narrative Strips and Picture Stories in the European Broadsheet from c. 1450 to 1825 објавена 1973 од британскиот историчар на уметноста Давид Канзал (David Kunzle). За почетна точка во современите англофони теоретски студии на стрипот се сметаат делата Comics and Sequential Art на американскиот стрип уметник Вил Aјснер (Will Eisner) од 1985 г. и Understanding Comics на американскиот стрип уметник и теоретичар Скот Меклауд (Scott McCloud) од 1993 година.

Во нашата стрип-култура за најзначајни остварувања во рамките на теорискиот приод кон стрипот се сметат книгите на македонскиот сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист Томислав Османли. Особено книгите, Стрип, запис со човечки лик (1987) и Стрип - деветтата уметност (2021). Неговите истражувања на историјата на македонскиот стрип, влијанието на современата ликовна уметност врз стрипот и неговите критички огледи за стрип авторите и стрип јунаците се ненадминлив придонес за македонската култура и уметност, драгоценост за секој оној кој ќе се обиде да го (про)мисли стрипот како феномен на популарната култура.

Назначениве книги и теориски приоди овозможуваат пресвртница во вреднувањето и проучувањето на стрипот и графичката литература; пресвртница која овозможи промени во рецепцијата на стрипот како медиум од понизок ранг врзан за новинскиот хумор и помладата публика. Така, врз темелите на многуте стрипови со затворени фабули и ограничен опсег (она што подоцна ќе се нарече графички роман), се случува логичен раст на естетскиот углед на стрипот како медиум, и постепеното отфрлање на критичката перцепција на стрипот како тривијална алатка за раскажување.

Историски гледано, академскиот третман на стрипот отпрвин значеше аналитичко сосредоточување врз естетските критериуми за разликување на вредните од безвредните стрипови, на авторски облагородените од комерцијално безличните стрипови и на стриповите со интелектуална тежина наспроти потценетите раскази во слики. Потоа научниот приод се насочи кон истражување на општествено-економските услови кои го овозможија молскавичното ширење на стрипот како поп-културен феномен, особено во т.н. златна доба на стрипот, укажувајќи на поврзаноста на стрипот и потрошувачкото општество. И заклучно, следната проблемска насока на академскиот третман на стрипот претпоставуваше фокус кон раскажувањето и раскажувачките техники на стрипот, особено во релација со наративните стратегии на другите визуелни уметности или со некои (над)минати визуелно-раскажувачки форми.

Сметам дека естетскиот легитимитет на стрипот како уметнички дисциплина произлегува од овие три посебности:

а) Одделна онтологија на стрипот или теорија за неговата самосвојност, специфичност и автономност како визуелно-наративна уметничка дисциплина; што е стрипот;

б) Одделна дијахронија или преглед на засебна предисториска, историска и постисториска (дигитална) линија на развој на стрипот и графичката литература во рамките на историјата на уметноста и културата во која се препознава и реализира стрипоморфниот автономен медиумски идентитет на графичкото раскажување;

в) Приказ на специфичното и автентично општествено-идеолошкото и културолошко-едукативното влијание на стрипот и графичката литература.

Битието на стрипот како древен и самосвоен иконографски јазик, повеста на секвенцијалната уметност и графичкото раскажување, како и политичко-идеолошката моќ и значење на сликата и фигуралните раскажувачки стратегии се трите столба кои го сочинуваат естетичкиот одговор на академскиот заговор против стрипот.


Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)

Стрип кадри: Jesse Marsh - Tarzan (1951)

Избор и уредување: П. В.

ОкоБоли главаВицФото