Стрип - од „шунд литература“ до елитно академско четиво

06.10.2023 14:58
Стрип - од „шунд литература“ до елитно академско четиво

 

Двајт Мекдоналд, еден од највлијателните критичари и филозофи во САД во 50-ите на минатиот век, ги вреднувал стриповите како безвредни остварувања и шунд литература. Стрипот имал и опасно психолошко хомогенизирачко влијание кое ги поништува старосните граници во смисла: ги инфантилизира возрасните, а ги повозраснув децата [анг. They (comics) adultized children and infantile adults].

Иако, од денешна перспектива, забелешките на Вертхам и Мекдоналд се надминати и неосновани, во тоа време тие се сметале за прогресивни и уверливи. Особено поради нивниот марксистички тон, олицетворен во загриженоста на авторите за влијанието на маркетиншката пропаганда на стриповите врз оформувањето на т.н. потрошувачки фетишизам (анг. commodity fetishism) и во „препознавањето“ сексистички, расистички и фашистички „вредности“ во стриповите. Оттука овие критичари не само што имале огромно општествено влијание кај родителите и јавноста, туку биле широко прифатени и од тогашната американска интелектуална елита како уште една критичка опсервација која ги потврдува изворните слабости на масовната и популарната култура.

Под силно влијание на овие обезвреднувачки вредносни позиции, стрипот и графичката литература долго се сметале за schundliteratur phenomenon, капиталистичка измислица за поттикнување потрошувачки навики (иако работничката класа ги обожавала, па често стриповите се нарекувале литературата на работничката класа).

Стриповите биле вреднувани и како воспитно-образовно опасен феномен кој штетно влијае врз етиката и естетиката на младите, врз моралното однесување и литературниот вкус. Доминирал ставот дека штом стрипот е безвреден како појава во поп-културата, тогаш бесмислен е и секој научен, теоретски или филозофски приод кон него.

Историски гледано, стрипот е дел од популарната култура. Иако се сметал како помалку вредно графичко четиво за еднократна забава, од 70-ите години на минатиот век се појавија толку импозантни остварувања што овие обезвреднувачки вредносни позиции не само што почнаа да се разнишуваат, преиспитуваат и разголуваат како неосновани, туку стрип остварувањата овозможија и потполно напуштање на претпоставката дека стриповите се безвредна и опасна шунд литература.

Кон ова превреднување особено влијаеше појавата на стрипот Маус на американскиот стрип уметник Арт Спигелман, стрип кој ја освои престижната Пулицерова награда за книжевност. Исто така и публикувањето на пресвртните стрип-серијали во американскиот mainstream кои започнаа сериозно да ги третираат политичките и општествените премрежја во тоа време.

Се појави и снажниот бран на т.н. Британска инвазија во стрипот која ги подигна ликовно-уметничкиот и литературно-наративното ниво на стрип творештвото. Издавањето на ремек-делата од француско-белгиската традиција, италијанската и шпанската стрип-култура (Mort Cinder, Eternaut, Corto Maltese, Dylan Dog, Ken Parker и други), препознавањето на капацитетот на стрипот да биде платформа за покренување на прашањата за правата на жените во исламскатата култура (како во графичките романи и стрипови Persepolis и Embroideries на иранско-француската стрип-уметница Марџан Сатрапи), како и појавата на граѓанско одговорното стрип-новинарство на Џо Сако (Joe Sacco) и други, овозможија комплетно и конечно надминување на вредносните позиции и на релативно долготрајните стереотипи за стрипот како безвредна и опасна појава во популарната култура.

Ова естетичко превреднување и надминување на ставот дека стрипот е на дното на вредносната продукција во современата култура овозможија простор за научен и теориски приод и истражување на историјата и филозофијата на стрипот, како и можност за истражување на комплексните форми на идеолошката моќ и политичката рефлексија кои стрипот, како феномен на популарната култура, ги носи со себе. Без уверувањето на академската, научната, културната, професионалната и општата јавност дека стрипот е несомнено естетски вреден и легитимен како форма на креативно и активистичко изразување, не можеше ни да започне поинтезивен теориски третман и филозофско истражување на онтологијата на стрипот како медиум, и на естетичката природа на графичката литература воопшто. Заклучно кажано, естетското превреднување го овозможи легитимитетот и на самото филозофското промислување на стрипот.

Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)

Слични содржини

Стрип / Култура / Теорија
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Историја
Стрип / Теорија
Стрип / Теорија

ОкоБоли главаВицФото