1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:40
Со стриповите сум од кога знам за себе. Воодушевувачки и неверојатно живо се сеќавам на првиот стрип кој ми го купи мајка ми. Киоск-издание на италијанскиот стрип серијал Текс Вилер (Tex Willer) и епизодата Teror u Savani. Уште ја памтам колоритна насловна страница со жолтата кошула на каубојот и местото каде стоеше стрипот изложен во трафиката - југословенски K67 модел на пластичен киоск, дизајнерско дело на словенечкиот архитект Саша Ј. Мачтиг (Saša J. Mächtig), кое и денес се смета за репрезентативно остварувања на југословенскиот модернизам. Со нескриена насмевка се сеќавам на тогашната возбуда и немерливата радост. Оваа силна емоција, на три или четиригодишна возраст, како да ја предодреди мојата релација со стрипот и стрип културата. Оттука, не само што преку стрипот ја научив латиницата и тогашниот заеднички јазик пред мајчиниот, не само што станав пасиониран колекционер на стрипови, туку сите мои морални определби, професионални интереси, уметнички вкусови, литературни афинитети и читателска пасионираност, во голема мера ги должам на стрип јунаците и стрипот воопшто. Оттогаш, од тој прв стрип, графичките романи, стрип серијалите, и (с)ликовното раскажување, ми претставуваат огромна љубов и неисцрпно естетско задоволство.
Мојата фасцинација со стрип културата започна со италијанските серијали од издавачката куќа Серџо Бонели (Sergio Bonelli Editore) кои доминираа во југословенската mainstream стрип-продукција во 80-ите на минатиот век. Од неверојатните авантури на Загор, Духот со секира, и приказните за епските подвизи од американскиот див запад на правдољубивите тексашки ренџери, па преку приказните за непокорот на борбата за слобода на населението од британските колонии во Северна Америка под заповед на Командантот Марк и Великиот Блек, до сериозното иницијациско соочување со егзистенцијалистичкиот хорор и ужасот на секојдневието преку серијалот Дилан Дог (Dylan Dog), со алтернативната историја и археологија преку дидаскалиите на професорот Мартин Мистерија (Martin Mystère) и со дистописката научна фантастика преку светот во иднината на специјалниот агент Алфа – Натан Невар (Nathan Never).
Врз темелите на оваа првична фасцинација ги започнав читателските излети во другите стрип школи и традиции на поп-културната продукција, како на пример: американското суперхеројско и алтернативно стрип творештво, француските стрип албуми, јапонските манги, стриповите од шпанското говорно подрачје, југословенскиот стрип итн. Искуства кои ми отворија инспиративни духовни хоризонти и естетски чувства дека оваа дисциплина на креативно раскажување преку слики може да создаде единствени и вредни уметнички дела. Така, поконкретно кажано, го открив естетското задоволство во стрип формализмот кој ги преиспитува границите на стрип уметноста и ги надминува каноните на самото уметничко создавање на стрип. Kако на пример: формализмот на стрип-уметникот Френк Милер (Frank Miller), кој во серијалот Sin City постигна ненадмилива графичко-наративна употреба на црно-белиот контраст, или формализмот на Крис Вер (Chris Ware), кој во стрипот Building Stories раскажа и наслика повеќеслојна и разноредоследна приказна во broadsheet новинарски формат со кинеографски елементи (flip books). Го открив задоволството и во стрип естетиката на чистата транспарентност на содржините, како кај Бил Вотерсон (Bill Watterson) со Calvin and Hobbes, Чарлс Монро Шулц (Charles Monroe Schulz) со Чарли Браун, Жорж Проспер Реми – Ерже (Georges Prosper Remi -Hergé) со Тин-Тин и др. Го открив задоволството што ми го будеа остварувањата на Френк Чо (Frank Cho), Чарлс Вес (Charles Vess), Мило Манара (Milo Manara), Пауло Серпиери (Paolo Serpieri) и други.
Највпечатливи остварувања ми станаа оние авторски приоди во кои графичкото раскажување се користи како алатка за изразување на личните вредносни и политичко-општествени ставови. Со други зборови, социјално ангажираните стрипови кои застапуваат политички, општествени, економски и етички каузи. Веројатно затоа денес кога ќе си припомнам за моите омилени стрипови, не можам а да не забележам дека ги сакам стриповите на Алан Мур (Alan Moore). Особено Watchmen, поради метастрипската деконструкција на конвенционалните суперхеројски архетипови и раскажувачки канони и V for Vendeta, поради иконичкото планетарно влијание врз голем број политички движења против тоталитарните ксенфобии и современи автократии, како и поради оживувањето на старото политичко-филозофско прашање за анархизмот и политичката слобода. Посебно ги ценам: стрип-серијалот The Sandman на Нил Гејман (Neil Gaiman), поради графичко-литературната вредност и книжевната префинетост која ја носи со себе, Transmetropolitan на Ворен Елис (Warren Ellis), поради дистописката иднина која изгледа толку блиска, колку и неминовна и вознемирувачки остварлива, како и графичките мемоари на Арт Шпигелман (Maus), Марџан Сатрапи (Persepolis и Embroideries), Џо Сако (Palestine, Safe Area Goražde и The Fixer), Ги Делил (Pyongyang: A Journey in North Korea, Burma Chronicles и Jerusalem), Честер Браун (Paying for It), Фредерик Питерс (Blue Pills) и многу други, токму поради важноста на општествено-политичките прашања кои ги покренуваат.
Воопштено кажано, стрипот ми овозможи специфично естетско доживување. Истото го препознав во креативната можност на авторот да воспостави рамнотежа меѓу видливото и невидливото во стрипот. Поточно, кое визуелно доживување авторот ќе ни дозволи да го (во)очиме како иконичка импресија, а кое доживување ќе го остави скриено меѓу панелите, барајќи од нас (до)имагинација. Оваа естетичка игра помеѓу видливото и невидливото во стрипот ја нема на таков автентичен начин во другите уметности. Во филмот нема (до)имагинирање, во книжевноста нема пикторијален поттик. Затоа естетското задоволство кое го носи стрипот по себе е посебно.
Последниве неколку години оваа страст кон графичкото раскажување прерасна во посветено културолошко истражување на феноменот на стрипот како составен дел на популарната култура. Еден од клучните мотиви зошто започнав академски и научно да се интересирам за стрипот и стрип културата беше тоа што на овие простори, во научната и културно-уметничка јавност, како сѐ уште да се чувствува еден игнорантен елитизам спрема стрипот. Или, како што македонскиот мултимедијален уметник Александар Станковски го нарече: академски заговор против стрипот. Поточно, уверувањето дека стрипот е евтина нискокултурна шунд појава во културата, „одговорна“ за „негување“ на лошиот литературен вкус на младите. Оттука стрипот не само што отсуствува од формалното образование, туку на извесен начин, преку недоволниот научен или академски пристап кон него, се преповторува уверувањето дека станува збор за слабост на масовната култура или небитен феномен наменет само за малолетната публика и плиткоумните.
Токму затоа моите мотиви за научно истражување на феноменот на стрипот, секако врз темелите на духовните хоризонти и втемелените естетски чувства дека стрипот како медиум има едукативен, артистички и севкупен уметнички потенцијали за создавање врвни и вредни дела, извираат од потребата за преиспитување на овие параестетски стереотипи за стрипот и графичката литература, како и во потребата од предочување на нивната комплетна неодржливост.
Затоа ја напишав книгава, како обид за проткајување на филозофијата и стрипот, или обид за втемелување на една филозофија на стрипот. Со други зборови, книгава има задача да понуди и презентира аналитичко расветлување на естетскиот легитимитет на стрипот и графичката литература. И тоа преку разјаснување на природата на стрипот како уметнички род, неговата историја и општествено-идеолошки влијанија. Всушност, книгава е обид да ги спојам работите кои најмногу ги сакам: стрипот и филозофијата.
Во името на борбата против теоријата за стрипот како симптом на слабоста на масовната култура, ви посакувам пријатно читање и топло добредојде од оваа стрипољубна страна на фронтот.
Избор и уредување: П. Вулкански
Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)
Извор за стрип кадрите: Comically vintage