Структурата на стрипот

06.07.2023 11:07
Структурата на стрипот

 Потрагата по одделна онтологија на стрипот или по неговата уметничко-дисциплинарна специфичност и автономност може да има полза и од сознанијата и анализите на структуралните елементи на стрипот. Одредувањето на естетичката природа на стрипот како уметнички форма делумно се определува и од техничките состојки на стрипот како посебен комуникациски модел за графичко раскажување.

Основна градбена единка на стрипот е стрип таблата (анг. layout). Таа претставува една страница со композиција од цртежи наречени стрип панели (анг. panel), стрип квадратчиња (анг. frame, box) или стрип кадри во кои илустрациски се конкретизираат поединечните детали и преку (с)ликовно експозе се изразуваат мигот, дејството и приказната. Од големината, формата, стилот и аранжманот на стрип панелите зависат раскажувачкото темпо и квалитетот на стрипот.

Помеѓу секој стрип-панел се наоѓа празен простор (анг. gutter). Овој структурален елемент, иако навидум е само празен јаз меѓу стрип панелите, е пресуден за рамнотежата меѓу видливото и невидливото во стрипот. Овој празен простор ни овозможува рецептивна или читателска реакција во форма на одредено (до)замислување на содржините од приказната преку визуелниот поттик од цртежот во претходниот стрип панел.

Во зависност од форматот и големината на таблата, таа може да има два или повеќе раскажувачки редови (анг. tiers) составени од еден или повеќе стрип панели. Одредени стрип табли со еден или два цртежи (стрип-кадри) со кои започнува или завршува (с)ликовното раскажување, или кога авторот сака со нив да го интензивира вниманието на читателот и да ги воспостави времето, местото, расположението на протагонистите и сл. - се нарекуваат почетни/завршни кадри (анг. splash). Кога одреден цртеж ќе се распространи на повеќе од една страна, тогаш тие цртежи се нарекуваат цртежи во широк кадар (анг. spreads).

Во рамките на иконографијата на (с)ликовниот јазик, стрип авторот одлучува кој момент, аспект или елемент од приказната ќе биде визуелно прикажан, а кој ќе треба читателот да го (до)имагинира. Поточно, што ќе биде видливото, а што невидливото во расказот со слики. Оттука еден од најзначајните елементи при создавањето стрип е т.н. енкапсулација (анг. encapsulation) или визуелното дофаќање на ударниот, најважниот или клучниот миг на приказната. Од ова ликовно експозе на мигот и дејството директно зависи заемното дејство меѓу стрип панелите и, врз основа на тоа, зависи и рецепцијата на читателот. На овој начин се придодава нов семантички слој при читањето. За многумина овој структурен елемент е есенцијална карактеристика на стрип творештвото.

Покрај наведените формални и фигурални елементи, во стрип творештвото се разликуваат низа текстуални алатки со кои се репрезентира дијалогот на протагонистите и се дообјаснува визуелната нарација. Основни текстуални алатки се текстуалните облачиња (анг. speech bubble), натписите (анг. caption), стриповската ономатопеја (анг. sound effects) и сл. Текстуалните облачиња (се нарекуваат и говорни облачиња) го прикажуваат дијалогот на протагонистите. Стилизацијата на говорните облачиња ги определува видот и карактерот на дијалогот; тие го поврзуваат празниот простор меѓу зборот и цртежот.

Говорните облачиња имаат своја предисторија. Се појавуваат во средновековните ракописи во вид на говорни ролни или ленти (анг. phylactery) кои биле цртани близу усните на протагонистите. Натписите (анг. caption) како текстуална алатка во стрип творештвото претставуваат глас на нараторот и преку нив се води текстуалната нарација. Најчестата стилизација на натписите е во форма на текстуални квадрати јасно назначени и издвоени од стрип панелот или таблата. Како главни паноа над стрип панелите тие често служат и за назначување на времето или местото на дејството, како и за дополнителни информации со цел подобро разбирање на дејството и приказната.

Стрип ономатопејата преставува звучен ефект со зборовни решенија кои поддржуваат звук. Тие се еден вид безгласни звучни слики или иконички обликувани зборови кои сугерираат звук, дејство, мисла изразена со фонетска, графичка или иконична имитација.

Во продукцијата на стрип може да учествува еден човек, но често работи авторски тим: автор на цртежите (анг. cartoonist или graphic narrator), автор на контурите (анг. inker или embellisher), автор на сценариото (анг. writer или graphic novelist), автор на колорот (анг. colourist), автор на писмото (анг. letterer).

Според културно-традициската и продукциската различност во светот се издвојуваат три главни стрип школи: а) за американската стрип култура се врзува најчесто суперхеројскиот стрип, underground стрипот и графичките романи; б) европскиот стрип првенствено е препознатлив по француско-белгиската школа и италијанско-шпанската школа кои ја негуваат уметничката страна; в) јапонскиот стрип или мангите кои во рамките на општите статистики на печатење и продажба преставуваат најголемо современо продукциско жариште на стрип културата во светот.

Стрипот, значи, преставува раскажувачка уметничка форма составена од книжевен текст и ликовна композиција. Неговата семантичка vice versa дијалектика се остварува како експозиција: зборот го определува значењето на сликата и обратно, сликата го определува значењето на зборот.

Избор и уредување: П. Вулкански

Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)

Извор за стрип кадрите: Al Bryant, DOLL MAN, The Tiny Terrors, 1943.

ОкоБоли главаВицФото