Семејство на кубански начин

14.10.2022 01:50
Семејство на кубански начин

Кубанците на народен референдум рекоа „да“ за истополов брак, ратификувајќи еден од најпрогресивните семејни закони во светот. За него се изјаснија повеќе од 66 проценти од гласачите. На референдумот одржан кон крајот на септември право на глас имаа повеќе од осум милиони Кубанци постари од 16 години, а одзивот беше 74 проценти. Новиот Código de las Familias ќе го замени оној од 1975 година. Со новиот закон се легализираат истополовите бракови, се зајакнуваат правата на жените, постарите и негувателите, а зајакната е и заштитата од семејно насилство.

Пред референдумот Семејниот закон предизвика силни контроверзи. Во првата половина од годината за него се дискутираше на десетици илјади месни состаноци. Предлозите од овие состаноци се вклучени во текстот на законот, а парламентот на средината на јули ја усвои завршната верзија која потоа беше ставена на гласање. Критичарите ја осудија процедурата како нетранспарентна, а законот го оценија пред сè како кампања со цел подобрување на владиниот имиџ. Во неделите пред гласањето владата ја пумпаше поддршката за опцијата „за“ - државните медиуми детално дискутираа за „причините за гласање на Семејниот закон“, неговата важност ја нагласи парламентот, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел текстот на законот го нараче „определување за живот“. Меѓутоа, не стануваше збор само за процедурата, ни содржината на законот не беше без контроверзи. Различните аспекти како што се воведувањето „брак за сите“ или овозможување истополовите двојки да посвојуваат деца предизвикаа жестоки дискусии за време на јавното советување. Изворното воведување истополов брак е планирано како дел од новиот устав од 2019 година. Тогаш заради недостаток на општествен консензус и противење на црквата тоа прашање беше изоставено, а на дневен ред беше вратено со новиот Семеен закон. Кубанската бискупска конференција пред гласањето силно заговараше задржување на дефиницијата на бракот како заедница на маж и жена и предупредуваше за таканаречената родова идеологија. Католичката црква е единствена институција од кубанското цивилно општество која има национална инфраструктура, а власта ја признава како соговорник. Како и на други места во Латинска Америка, слободните евангелски цркви имаат сè поголемо влијание.

Контроверзни теми беа и реформата за старателство над децата и првата на децата во семејството. Старателскиот термин patria potestad - „родителски авторитет“, традиционално поврзан со таткото како глава на семејството, заменет е со терминот „родителска одговорност“. Законот исто така предвидува должност на родителите да ги одгледуваат децата во духот на почитувањето на авторитетите, „љубовта кон семејството“, „татковината“ и „нејзините симболи“. Конзервативните делови од општеството и црквата сметаат дека „традиционалното семејство“ е загрозено и предупредуваат на „поткопување на родителскиот авторитет“. Еден од слоганите гласеше „децата им припаѓаат на родителите, а не на државата“. Од друга страна, ниедна од христијанските деноминации јавно не истапи против неодамна усвоената нова верзија на казнениот закон, кој сè уште вклучува смртна казна и со тоа се крши христијанската заповед „не убивај“. Од тоа може да се заклучи дека во случајот со Семејниот закон помалку стануваше збор за одбрана на христијанската доктрина, а повеќе за политички интереси. Не само заради тоа, ЛГБТИК+ активистот Роберто Рамос Мори смета дека референдумот бил погрешен, иако самата содржина на законот ја фали како современа и мошне добра. Меѓутоа, смета дека законодавното тело избегнало одговорност препуштајќи му ја одлуката на народот, особено зашто од седумдесетте прописи кои се променети по промената на уставот, единствено Семејниот закон е ставен на референдум.

-Некои елементи од законот не треба да бидат предмет на дискусија ниту да бидат подложни на референрум. Заштитата на малцинските права е одговорност на државата и не треба да зависи од ставот на мнозинството - вели Рамос Мори.

За кубански стандарди одѕивот беше релативно скромен, а процентот негативни гласови релативно висок, особено земајќи предвид дека противниците на законот во државно контролираните медиуми немаа нималку простор и дека државата масовно го потврдуваше потврдниот исход од референдумот. Фактот дека една третина од гласачите се изјасниле „против“ не зборува само за резервираноста околу содржината на законот, туку делумно и за незадоволството од тешката економска ситуација. Заради колапсот на туризмот како последица од коронавирусот, завршувањето на бројните медицински мисии во странство и посилните американски финансиски санкции, кубанските девизни приходи речиси сосема колабираа. Недостатокот на стока во продавниците и тешката економска криза потсетуваат на периодот од деведесеттите години на минатиот век. БДП во пандемијата опадна за 13 проценти, бројни секојдневни стоки се достапни само за странска валута или на црниот пазар, а инфлацијата достигнува троцифрени броеви. Покрај тоа, се влошува енергетската криза која изби пред неколку месеци. Кубанските термоелектрани од советски тип се во жална состојба и итно им треба ремонт. Повеќечасовните рестрикции на струјата повторно се норма на Куба, а се случуваат зачестено заради недостаток на гориво или резервни делови. На почетокот на август во најважното складиште за гориво во Матанзас по удар на гром изби голем пожар во кој загинаа 16 луѓе, а ситуацијата ја влоши и ураганот Ијан. Рестрикциите на струја придонесоа илјадници Кубанци да излезат на улиците и да протестираат во целата земја против недостатоците на храна и лекови, а за политички промени. Годинава стотици демонстранти беа осудени на затворски казни, во некои случаи долгогодишни. Наместо ново излегување на улица, многу Кубанци сега го напуштаат островот. Особено младите масовно ја напуштаат земјата. Куба во моментов го доживува можеби најголемиот бран иселувања во историјата, најмногу во САД, но и во Мексико, Шпанија, Русија и Србија. Се шпекулираше и дека населението своето незадоволство би можело да го искаже на референдумот гласајќи „против“.

„Пропагандата на владата и нејзините противници ја политизираа дискусијата околу нацртот на Семејниот закон до таа мера што понекогаш е тешко да се види што воопшто се прави на референдумот“, напиша писателот и преведувач Родолфо Аплизар Кастиљо во текст за порталот La Joven Cuba. „Според моето мислење, законот и неговата содржина им се најмалку важни на оние кои водат кампања за „да“ или „не“. Многумина од оние кои ја застапуваат едната или другата позиција впрочем не знаат за што зборуваат“, додаде. И Рамос Мори верува дека многумина воопшто не го ни прочитале законот.

-Гласаат против него едноставно заради двегодишната криза и губењето на кредибилитетот на државата - тврди тој.

Откако гласаше на своето гласачко место, претседателот Дијаз-Канел призна дека има тензии околу референдумот, како и дека многумина гласале „против“ во знак на протест и за да изразат незадоволство од владата заради тешката ситуација во земјата. „Верувам дека со распишувањето референдум во актуелните околности искажавме храброст. Знаеме дека економската и општествената ситуација се тешки, дека владее оскудица и рестрикции на струја, како и дека важен дел од економијата е парализиран“, нагласи.

Многумина до дочекаа исходот од референдумот со олеснување. „Правдата е задоволена. Станува збор за враќање на долгот на генерации кубански мажи и жени чии семејни планови со години го чекаат овој закон“, порача Дијаз-Канел на Твитер. Задоволство од резултатите изрази и Сам Олзабал. Дваесет и петгодишната активистка која се занимава со менструалното здравје и родово условеното насилство ја нарече легализацијата на истополовиот брак победа за ЛГБТИК+ движењето на Куба, која е „остварена благодарение на работата на многу активисти и активистки“. Меѓутоа, смета дека законот има и слабости.

-Трансродовите лица во контекст на семејството воопшто не се споменуваат. Секако, многу понапред сме од бројни латиноамерикански земји, но пред нас има долг пат - рече Олазабал.

Дваесет и едногодишната студентка по психологија од Хавана, Селија, исто така е задоволна од исходот. Освен суштинското сложување со текстот на законот, наведува и попрагматични причини за својот став.

-Гласав „за“ зашто сакам да се оженам со најдобрата пријателка и да видам дали на тој начин ќе добијам шпанско државјанство - вели девојката.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/