Изложба што ги обелоденува ЛГБТК + корените на панкот

18.02.2019 01:31
Изложба што ги обелоденува ЛГБТК + корените на панкот

„Копнежот во панкот: отворена провокација 1971-1985“ (Punk Lust: Raw Provocation 1971-1985) го истражува пресекот на сексуалноста со панк музиката. Ќе ве изненади фактот дека голем дел од неа е квир.

Нема да ви замериме доколку кога ќе се спомне зборот „панкер“ на ум ви паѓа лут, слабичок, хетеро-бел маж, налик Сид Вишес од Секс Пистолс или Џои Рамон од Рамонс. Но иако „панк“ и „квир“ можеби звучат контрадикторно, панкот бил (и сè уште е) прилично квир: без разлика дали се работи за Том Робинсон Бенд и нивната горда изјава „Glad To Be Gay,” бисексуалниот пејач на бендот Базокс, Пит Шели, кога прашува дали „Ever Fallen In Love (With Someone You Shouldn’t’ve?)” или транс пионерката Џејн Каунти со прашањето до публиката дали е „Man Enough To Be A Woman”, панк музиката од одамна се занимава со сексуалноста и родот како средства за отфрлање на репресивните општествени норми.

Punk Lust: Raw Provocation, 1971-1985, изложбата поставена во Музејот на сексот во Њујорк, ги претставува овие и други заборавени ЛГБТК+ панк икони на новите генерации. Куратори на изложбата се културниот критичар Карло МекКормик, писателката и музичарка Вивиен Голдман, и уметницата и куратор во Музејот на сексот Лиса Ривера, во која се прикажани над 300 предмети, вклучително и ретко видени фотографии, драгоцени предмети од лични колекции, како што е кожената јакна на Џони Тандерс во сопственост на Тиш и Снуки од Маник Паник, и визуелна уметност од квир уметници, како што е Дејвид Војнаровиц, кои оставиле влијание, но и црпеле мотивација од панк музичарите.

Изложбата истражува сé, од пресекот на панкот со сексуалната индустрија, влијанието на геј културата на кожа врз панк модата, длабокото влијание на квир културата на панк корените. Но, целта на изложбата не е само да шокира туку да истакне дека трансгресивната естетика на панкот претставува радикална и бунтовничка критика на хетеронормативноста, која што одекнува до денес.

Разговаравме со кураторот Лиса Ривера за инспирацијата да се постави изложбата, разликата меѓу ангажирноста на панкот и дискoто со сексуалноста, како и тоа дали се соочија со отпор во намерата да се откријат квир влијанијата врз панкот.

Руби Реј, Пет Бег и Алис Бег, 1978, архивски пигмент принт. Во сопственост на уметникот)

Која беше првичната инспирација да се организира изложбата Punk Lust?

Изложбата почна со колекцијата (на панк сувенири) на Тоби Мот и неговата книга со наслов: Showboat:Punk/Sex/Bodies. Јас лично имав желба да ја поставиме изложбата затоа што панкот е голем дел од мојот идентитет. Пораснав со панкот. Татко ми се идентификуваше како панкер во 1970тите години и ме научи за животот преку неговата колекција на плочи. Соработката со Вивиен Голдсмит и Карло МекКормик исто така беше добра. Вивиен членуваше во бендот The Flying Lizards, има независни албуми, и работеше за списанието Sound. Додека Карло пак се познава со секого во Њујорк. За потребите на изложбата се слушнаа со многу луѓе со кои се немаа видено со години. Изложбата е многу лична за сите. Особено е значајно што успеав да поврзам сé со квир културата на единствен начин како никој досега.

(Иги Поп: Пенетрација, бр. 10, 1977, Фанзин. Тоби Мит/Колекција Мот, Лондон)

Изложбата почнува со панк влијанијата, повеќето од кои се квир, како Џон Вотерс, Дивајн, Кенди Дарлинг, и други од редовите на Ворхол. Какво е влијанието на квир културата врз панкот?

Сакав сé да поврзам со Енди Ворхол и Дејвид Боуви. Доколку ја погледнете историјата, особено на британскиот панк, ќе забележите дека сите го обожувале Боуви и андрогинијата општо. Слично, Ворхол постигнал многу возбудливи моменти со Велвет Андерграунд и нивниот пресек со квир и транс заедницата во 1960-тите години, со песните како што се  „Venus in Furs” или „Candy Says.” Биле откровение за сите млади луѓе што ги слушале нивните песни. Џејн Каунти исто така е личност заборавена во оваа историја. Таа била цимерка со Холи Вудлон и Џеки Куртис, и исто така учествувала во протестите во Стоунвол. Интересно е и да се забележи што гледал Малком МекЛарен, а тоа е филмот на Кенет Енгр „Scorpio Rising“ и културата на кожената облека. Постои поголем пресек со геј културата на кожа отколку што претставувате.

(Sniffin’ Glue, бр.8, март 1977 г. Фанзин. Тоби Мот/Колекција Мот, Лондон)

Мило ми е што ја спомнавте Џејн Каунти бидејќи таа се јавува како значајна фигура во изложбата.

Речиси сите колекции на кои наидовме содржеа еден куп материјал поврзан со Џејн Каунти, како и со Деби Хари. Обете го применувале архетипот на русокоса, со што ја уништиле Мерлин Монро претставата за феминизмот. Успеавме да изложиме голем дел од Џејн, а тоа ретко се случува. Нејзиниот бенд имал постојан ангажман во клубот Max’s Kansas City, додека Деби Хари сé уште работела како келнерка, а Пети Смит се обидувала да си го пробие патот. Џејн во тоа време веќе мавала по публиката со микрофони и настапувала со протетична вагина.

ЛГБТК+ културата и политиката типично се поврзуваат со диско сцената од тој период. Доколку се земе во предвид децениската подвоеност меѓу диското и панкот, кажете ми на кој начин се разликува нивната ангажираност со сексуалноста?

Кај диското се работи за екстатично ослободување по Стоунвол. Пред случувањата во Стоунвол, ЛГБТК+ луѓето биле страшно злоупотребувани, принудувани да излегуваат во барови поседувани од мафијата и да ги потплаќаат цајканите за воопшто да постојат. Диското е резултат на шансата да се стана дел од јавноста. Диското е женствено, квир и ги опфаќа сите бои на кожата. Кога долго време сте угнетувани и одеднаш ве слават, станувате поекспресивни и сфаќате дека животот нуди уште многу повеќе. Се работи за создавање на свет којшто можете да го истражувате, а кој не се однесува на хетеронормативните очекувања. Но исто така диско сцената претставувала начин како да се надминат музичките топ листи кои ги контролирале неколку белци од корпорацискиот свет. Во тоа време било тешко да се пробиеш, но во клубовите, каде што пуштале плочи, можеле да се натпреваруваат. Диското претставува извор на огромна моќ.

Панкот се јавува како анти-комерцијален; повеќе го поврзувам со сексуалната индустрија. Сетете се на Њујорк од тоа време, стриптиз баровите, професионалните домино фигури и сексуалните работници. Сето тоа не се перцепирало исклучиво како табу, туку како начин да се истражи сопствениот идентитет. Таа група на луѓе го обожувале Рамбо, Жан Жене и Вилијам С. Бароуз. Слободата постоела затоа што киријата можеле да ја платат од телефонски секс неколку пати во неделата и плус да останат пари за излегување секоја ноќ. Но бидејќи преку сето тоа се водела борба со моралните норми, се родило чувство на возбудливост.

Панкот се бори против лицемерното општество од 1970-тите години, години на враќање на рестриктивниот морал на 1950-тите, додека од друга страна филмот „Deep Throat“ во 1972 година постигнал најголема заработка во кино салите. Панкот се занимава со ваквите конфликтни идеологии и нивната апсурдност. Постои и одредена доза на нихилизам и желба да ги надминеш сопствените граници. Истото важи и за диското. Се јавува желба да се искуси што е можно повеќе од животот, без разлика дали те привлекува ризикот или задоволството.

(Вејн Каунти: Невин!!!, 1976 г., Винтиџ панк беџови. Во сопственост на Маник Паник/Панк Архива Њујорк)

Бројни познати панк музичари играат со родот, почнувајќи од New York Dolls. Користат шмника, штикли на платформа и женска облека. Како еволуира родовата флуидност со панкот?

Директно влијание на New York Dolls претставува Ворхол и Театарот на бесмисленото, секако. Интересно е, бидејќи соло музиката на Џони Тандер, на пример, тој има песна насловена „I’m A Boy, I’m A Girl“ ве тера да размислите што поточно сака да каже. На почетокот на 1970-тите години постои одредено ниво на двосмисленост од која движењето се отргнува. Еволуира во нешто поспецифично, насочено кон квир гранките на панкот, како хомокор или филмовите на Дерек Џарман. Постојат подиректни квир дела кои не се толку двосмислени.

Спомнавте дека квир влијанието на панкот ретко се истакнува. Дали наидовте на отпор во намерата да се пронајде квир страната на панкот?

Не воопшто. Може да звучи смешно, но кога се разбра дека поставуваме панк изложба за сексот сите рекоа „Тогаш никој немаше секс“. Морав да им објаснам дека не се работи за личниот сексуален живот туку за визуелниот јазик на сексуалноста, употребата на експлицитни стихови и сексуалната работа. Тогаш се отворија. Панкот всушност воопшто не е сексуално декадентен, многу поразличен од диско сцената. Постојат исклучоци секако, но повеќето го паметат како неплоден период, најчесто како резултат на хероинот или други нешта.

Но, да се навратам на твоето прашање за квир, бидејќи денес културната клима е поослободена од родовите бинарности, повеќето со кои зборував слободно раскажуваа за она што ги привлекувало или за желбата да се најдат помеѓу бинарности. Литературата во рок списанијата во тоа време била прилично мизогинистичка. Сега е помалку таква. Не мислам дека изложбата е ревизионистичка. Сепак Аманда Лир се најде на кориците на албум на Рокси Мјузик, кои беа прилично отворени, сексуални и слободни. Иги Поп исто така беше женствен, и секако постои слика од него облечен во фустан. Гледајќи го сето тоа од денешен аспект, генерацијата на 1970-тите чувствувала еден вид на слобода. Срамот во врска со спектарот на сексуалноста или желбата не е толку присутен.

Превод за Коалиција Маргини, Јулија Мицова

Извор: them

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото