1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Грција стана првата православна земја во светот која ги легализираше истополовите бракови откако парламентот го усвои новиот закон пред една недела. Одлуката беше дочекана низ целата земја или со радост или со гнев. Тоа беше редок пример на парламентарен консензус: 176 пратеници од различни делови на политичкиот спектар гласаа за предлог-законот. Против реформата беа 76, воздржани двајца, а 46 не беа присутни.
Членовите на ЛГБТК+ заедницата, кои гласањето го следеа од горните галерии, не ги криеја емоциите. „Ова го чекавме со години“, рече познатата геј активистка Стела Белија за законот, кој ќе им овозможи на истополовите парови не само да разменуваат завети на граѓански церемонии, туку и да посвојуваат деца. „Ова е историски момент. Многумина од нас не беа сигурни дека тоа некогаш ќе се случи“.
Гласањето стави крај на жестоката дводневна дебата - и на неколкунеделните јавни расправии - за реформата опишана од поддржувачите како „храбра“ и „одамна задоцнета“ или, пак, осудена како „антисоцијална“ и „нехристијанска“ од противниците, вклучувајќи ја тука и моќната православна црква.
И покрај огромниот притисок од неговата централно-десничарска партија Нова демократија, премиерот Кирјакос Мицотакис беше главниот предлагач на законот, кој треба да стави крај на „сериозната нееднаквост во нашата демократија“.
Во емотивниот говор пред гласањето, 55-годишниот водач, кој припаѓа на либералната фракција на неговата партија, рече дека мерката ќе ја усогласи Грција со 36 земји ширум светот кои веќе имаат усвоено законодавство за ова прашање. Конзервативизмот, рече тој, не треба да се меша со застарени ставови кои не се во чекор со современото општество.
„Реформата што ја донесуваме денес... ќе ги подобри животите на некои наши сограѓани, додека, сакам да нагласам, на многумина ништо нема да им се одземе“, рече Мицотакис, додавајќи дека законот ќе да им даде целосни родителски права на истополовите парови. „Ќе го премостиме јазот дозволувајќи им на сите, доколку сакаат, да ја институционализираат својата врска... исто како што тоа го прават хетеросексуалните парови.“
Сепак, имаше силен отпор од пратениците на Нова демократија, свесни кој гласа за нив во социјално конзервативната нација. Нагласувајќи го своето противење, поранешниот премиер Андонис Самарас во четвртокот му рече на парламентот дека истополовите бракови не се човеково право и дека „опасниот“ закон не треба да се усвои.
Без поддршката на Сириза, главната опозициска левичарска партија предводена од Стефанос Каселакис, првиот политички геј политички лидер во Грција, како и други помали групи, реформата немаше да помине.
Додека три опозициски партии гласаа за, некои го критикуваа законот дека не оди доволно далеку. Опишувајќи го нацртот како „несовршен“, Сириза го осуди фактот дека на истополовите парови сè уште им е забрането родителството преку сурогат мајчинство - опција која Каселакис би сакал да ја има со неговиот американски сопруг Тајлер МекБет.
Групите за права на ЛГБТК+, исто така, го критикуваа нацрт-законот затоа што не става крај на дискриминацијата и содржи ограничувања - дозволувајќи им пристап до асистирана репродукција само на немажените жени и на стрејт паровите. Конкретно, „говорот на омраза“ беше апострофиран за време на поголемиот дел од дебатата за законот, што трауматизираше многумина во заедницата.
„Самиот закон е многу проблематичен и јазикот што го слушнавме е толку навредлив што многу луѓе се вознемирени наместо да слават“, рече Елена Кристиди, психолог и ко-основач на група Орландо која се залага за услуги за ментално здравје за ЛГБТКИ+ заедницата. „Поразително е за геј мажите и транс луѓето кои сакаат да имаат деца... тие уште еднаш да чувствуваат дека државата не мисли дека тие се доволно добри за да ги имаат истите права како другите“.
Православните владици се заканија дека ќе ги екскомуницираат пратениците кои гласаат „за“, додека лидерот на екстремно десничарската партија Спартанци рече дека законот „ги отвора портите на пеколот и изопаченоста“. Оваа група беше една од четирите партии - вклучително и комунистичката партија ККЕ - кои со големо мнозинство го отфрлија законот. Тие четири партии инсистираа дека „монструозниот“ предлог треба категорично да се отфрли.
Сепак, Мицотакис инсистираше пречките за донесување на законот брзо да бидат отстранети. Предолго геј луѓето беа „невидливи“, потиснати од нивните семејства и социјалната средина во селата и градовите. „Да не се лажеме, тие беа третирани како помалку вредни“, им рече Мицотакис на пратениците, видно трогнат.
Неколку минути по гласањето во четвртокот вечерта, грчкиот лидер напиша на Твитер: „Изгласано е: Грција вечерва гордо стана 16-та земја на ЕУ што ја легализираше брачната еднаквост. Ова е пресвртница за човековите права, како одраз на денешна Грција - прогресивна и демократска земја, страсно посветена на европските вредности.“
The Guardian, 16.02.2024.