1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
По многу притисоци, лидерите на Србија и на Косово го прифатија новиот концепт на дијалог што треба да води до нормализација на меѓусебните односи, иако нивните разговори во Брисел, само што тргнаа, веднаш запнаа поради старите нерешени проблеми.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак ја поздравија согласноста од Александар Вучиќ и од Албин Курти да нема расправа за европскиот план, но не успеаја да ги надминат разликите.
Се покажа дека претседателот на Србија и премиерот на Косово цврсто се држат до „црвените линии“ со кои пристигнаа. Сите разговори за трајно решавање на конфликтот Вучиќ ги услови со формирањето Заедница на српски општини, четири северно и шест јужно од реката Ибар. Курти и понатаму има многу резерви кон оваа спогодба, која е постигната во Брисел во 2013 година, бидејќи е убеден дека ЗСО првенствено би му била лојална на Белград, а не на Приштина.
Вучиќ пристигна за да не потпише ништо, Курти беше спремен веднаш да ја потпише тукушто објавената спогодба, чија точка 4 предвидува Белград да не го попречува стапувањето на Косово во меѓународните организации (се толкува и во ОН) и точката 7, која говори за соодветното ниво на самоуправа за српската заедница.
Планот што го креираа францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц кон крајот на летото доби поддршка од САД и од сите членки на Европската Унија, вклучувајќи ги и петте што не ја признаваат независноста на Косово.
Западните посредници по низа безидејни години стигнаа до заклучок дека визиите на Белград и на Приштина за нормализација на односите се толку оддалечени и дека постојаните размени на обвинувања и кревањето тензии се закана за безбедноста на Западен Балкан и на Европа, па го променија пристапот и претставија план, чија содржина се смета за „максимално достижна во актуелните политички прилики“.
Морков и стап
Анексот на амбициозниот мировен проект предвидува конкретни временски рамки и начин на примена на сите десет точки во рок од неколку месеци, а одредени се и механизмите преку кои ЕУ ќе го следи спроведувањето. Ова е втор договор на Белград и Приштина откако во 2011 година беше отворен дијалогот со посредство од ЕУ. Првиот беше Бриселската спогодба од 2013 година.
Интензивната дипломатска активност е потврда на намерите на Европејците и на Американците конфликтот да го избришат од картата на безбедносно ризични точки на Западен Балкан во време кога САД и ЕУ се соочени со војната во Украина.
Притисокот е засилен врз двете адреси. Западните дипломати и посредници интензивно во изминатите недели патуваа во Белград и во Приштина, вадејќи од торбата морков и стап. Не се воздржуваа да порачаат дека оној што нема да го прифати планот го очекуваат изолација и сиромаштија, а во спротивно се отвораат перспективи на мир, просперитет и побрзо напредување кон ЕУ.
Шолц, Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони ден спроти состанокот им испратија на Вучиќ и на Курти писма чија содржина не е објавена, но јасно е дека ги предупредуваат да не ја пропуштаат можноста, која многумина ја сметаат за историска. Веројатно слична била содржината на телефонските разговори на специјалниот советник во американскиот Стејт департмент Дерек Шоле.
Неспремност за компромиси
Се очекуваше отворање на разговорите за спроведување на планот, но Вучиќ и Курти потврдија дека немало пробив, бидејќи преговарачите останаа на позициите со кои пристигнаа во Брисел. Се чини дека западните посредници уште еднаш ги потцениле потенцијалите на балканската неспремност на компромиси, условена од отпорот со кои двајцата се соочени во своите домови.
– Србија ќе победи – изјави тој пред да отпатува, испратен од обвинувања од дел од опозицијата дека „прифаќа капитулација“. Неговите политички ривали се во поволна позиција: ако прифати, едни ќе тврдат дека е предавник, а други ќе кажат дека пропуштил историска шанса.
Освен десничарските проруски и антиевропски националисти, кои веќе организираа протести низ Белград, прашање е како ќе реагира Српската православна црква, која знаеше да го нарече Вучиќ „велепредавник“ поради Косово, но подоцна се смири, по значителните финансиски издвојувања од државата.
Проблеми има и Курти. Албанците на Косово демонстрираат барајќи да не се формира ЗСО, чие основање премиерот се обидуваше да го одложи, но доби јасни пораки од Брисел и од Вашингтон дека од тоа нема ништо и дека сите потпишани обврски мора да бидат исполнети. На Курти веројатно му е јасно дека одбивањето би значело крај на неговата политичка кариера.
На Западот му се брза
Притиснати од таков товар, лидерите од Белград и од Приштина не пропуштија да разменат обвинувања. Вучиќ кажа дека се надевал дека ќе има некакви компромиси, но „Курти не е спремен“. Косовскиот премиер изјави дека сакал да го потпише текстот на европскиот план, но „српската страна не сакала“.
Многу нешта потсетуваа на 33-те досега потпишани меѓусебни спогодби, но малку од нив се активирани во практика. Овој пат на западните посредници им се брза. На лидерите на двете страни јасно им порачаа дека немаат намера да го пропуштат моментот, па за 18 март закажаа нов состанок во Северна Македонија, на кој ќе се разговара за примената на спогодбата, усогласена од Вучиќ и Курти.
Перспективите за воспоставување „еднаквост, симетрија и добрососедство“, што ги нуди европскиот план, не се отвораат премногу често, но изградбата на доверба и надминување на наследството од минатото, за што говореше Борел, во случајот на Србија и на Косово не може да добијат повисока оцена од „претпазлив оптимизам“. Сѐ зависи од енергијата што Западот ќе ја вложува за да го реши најголемиот проблем на Западен Балкан.
Карикатури: Хусеин Хуле Ханушиќ
Извор за текстот: Слободен печат