Како Булгаков го спречи концертот на Лајбах во Киев

15.03.2023 10:35
Како Булгаков го спречи концертот на Лајбах во Киев

Ниту прогласот до украинскиот народ под наслов „Не сакавме да ве навредиме,“ заедно со поздравот „Слава на Украина,“ не беше доволен за да ѝ се дозволи на словенечката група Лајбах да настапи во Киев, со оглед на тоа што тие рекоа дека ги сакаат Достоевски, Булгаков, Чајковски. Мајаковски...

Уште во март минатата година, веднаш по почетокот на руската агресија врз Украина, во интервју за Новости, членовите на словенечката група Лајбах изјавија дека би сакале да настапат во тие две земји. „Уметноста и културата - иако не се гледаме целосно во тој ранг - треба решително да делуваат како фактор за поврзување и надминување на глупавите предрасуди. Подготвени сме веднаш да одиме во Украина, а потоа во Русија и да одржиме настап во двете земји, ако тоа би било логистички возможно“, рекоа тогаш.

И навистина, една година подоцна сè беше подготвено. За 31 март беше договорен хуманитарен концерт во Киев, билетите беа пуштени во продажба, а Лајбах ќе биде првиот - барем попознат странски рок бенд - што ќе настапи во Украина од почетокот на војната, по што се подготвув за продолжувањето на турнејата „Love is Still Alive“ директно во Русија, и сето тоа по учеството на отворањето на Светското првенство во нордиско скијање во Планица и одржувањето на дваесетина концерти во последните месец дена, главно на северот на Европа, со закажано гостување на 14 март во Загреб.

Ваквиот потег не е невообичаен за оваа провокативна словенечка група, која од своето основање во раните осумдесетти игра на таа карта многу вешто, притоа не воздржувајќи се да влезат и на места кои, во принцип, слободољубивите бендови не би ги ни помирисале, па така во 2015 г. настапија во Северна Кореја, за што беше снимен импресивен документарен филм, како и во Сараево за време на опсадата на тој град во 1995 година, а да не ги спомнуваме сите тие концерти за време на Југославија.

Сепак, на крајот ништо не излезе од планот. Организаторите одеднаш го откажаа концертот во Киев. Како што тврдат од Лајбах, од нив било побарано да дадат изјава дека сите Руси се лоши и дека руската култура е безвредна, со што, како што велат, се разбира, не сакале да се согласат.

Приказната всушност почна да се шири по нивните изјави за британскиот весник Гардијан, во кои тие не кажаа ништо повеќе од она што со години упорно го повторуваат, а за што зборуваа и во гореспоменатото интервју за Новости, со тоа што овојпат појаснија дека рускиот напад врз Украина го гледаат како „цинична посредничка војна за геостратешките интереси на суперсилите и финансискиот капитал“, со акцент на САД и Кина кои ги поместуваат фигурите на светската шаховска табла.

Тие порачаа дека во оваа војна најмногу се загрозени украинскиот народ и Украина како земја и дека нејзините катастрофални последици ќе ги почувствува не само Русија, туку и Европа и другите региони.

„Мирот може и мора да се постигне само и исклучиво преку интензивна дипломатија, сериозни разговори на зелена маса, особено меѓу Америка и Кина, кои се главните играчи на шаховската табла, како и двајцата протагонисти на непосредниот конфликт, Украина и Русија” - истакнаа во одговор на е-пошта, како што вообичаено комуницираат со медиумите, што очигледно било премногу за украинските организатори, иако додадоа уште и дека уметноста не смее да му се поклонува на оружјето, туку гласно да му дава смисла и сила на живот со цел да се спротивстави на насилството на војната.

„Не смееме да дозволиме цинизмот на војната или цинизмот на стратешките интереси на капиталот целосно да ги претвори нашите животи во вонредна состојба“, заклучија тие, најавувајќи го концертот во Киев под името „Евровизија“, што е име на една од нивните песни, со што сакаа да ја нагласат европската припадност на Украина, и потсетија дека овогодинешниот музички натпревар нема да се одржи во Киев, туку во Ливерпул, Англија, токму поради војната.

Очигледно, уште тогаш се вжештија линиите меѓу Љубљана и Киев, со оглед на тоа што неколку дена подоцна, на крајот на минатата недела, Лајбах упати „проглас до украинскиот народ“ наречен „Не сакавме да ве навредиме“ во кој тие уште еднаш изјавува дека тоа е неправедна војна, изразуваат недвосмислена поддршка за Украина и Украинците и ги осудуваат руските агресори.

„Не доаѓаме за да бидеме прва, втора или трета група што ќе настапи во вашиот главен град за време на војната, како што објавија некои медиуми, туку доаѓаме како јасен израз на поддршка за вашата земја во оваа војна“, напишаа и рекоа дека се свесни. дека „некои од нашите изјави, кои можеби не биле во согласност со вашето размислување, никогаш не биле со намера да ве повредат на било кој начин или да ја намалат важноста на вашата праведна борба. Од првите денови на руската агресија против Украина, ние презедовме недвосмислен став и повторуваме дека во современото општество нема место за војна. Геополитичките прашања не можат да се решат со вооружен напад и политичко поттикнување. Исто така, веднаш ги откажавме сите планирани настапи во Русија и во сите интервјуа ја осудивме руската агресија во оваа војна. Да нема забуна, ние ја сакаме руската литература, музика и уметност. Ги сакаме Достоевски, Булгаков, Чајковски, Скрјабин, Мајаковски, Татлин, Родченко и Ел Лисицки - да наброиме само неколку - и секогаш ќе ги сакаме. Но, во оваа бесмислена војна меѓу Русија и Украина, ние сите сме во срцето на страната на Украина и нејзиниот народ, кој - како во старата библиска приказна за Давид и Голијат - достоинствено се бори против посилниот непријател. Ние жалиме со вас за невините жртви. Се радуваме со вас за вашите победи. Затоа, со овој концерт во Киев го следиме повикот на срцето, а не повикот на разумот. Од сè срце ѝ посакуваме на Украина мир и победа во оваа војна и ќе ни биде голема чест да настапиме во овие тешки моменти во храбрата и пркосна престолнина на вашата величествена земја. На сите што се сомневаат во нашите ставови, уште еднаш им појаснуваме дека Русија е главниот агресор во овој судир на деструктивни политички и геостратешки интереси. Руската армија илегално навлегла на странска територија со оружје и ја започнала оваа страшна војна. Затоа Украина има целосно право да се брани и мора да се брани со сите средства. Ние безусловно ве поддржуваме во тоа, затоа доаѓаме во Киев и во оваа прилика ги повикуваме светските сили што поскоро да седнат на зелената маса и да го прекинат овој неподнослив колеж и сите други војни и воени конфликти во светот. Сите приходи од продажба на билети ги донираме во хуманитарни цели, без никакви обврски“, се вели во прогласот со поздравот „Слава на Украина!“.

Меѓутоа, ниту овој проглас, во кој тие отворено заземаа страна во војната, не беше доволен Лајбах да ги помине острите ножици кои обично ги придружуваат завојуваните страни, а кои во овој глобално поврзан свет се уште поостри и затоа само се согласуваат на поделбата меѓу црно-бело, бидејќи истакнувањето на секоја нијанса протагонистите може да ги доведе до работ на „откажување“, односно откажување, во овој случај на припадноста кон западната цивилизација, со сето она што таа понатаму го донесува, а уште повеќе го носи.

Подоцна, во изјава за словенечката државна агенција СТА, членовите на Лајбах појаснија што се случило. Според нивните тврдења, организаторот го откажал концертот во неделата затоа што најавата предизвикала преголема полемика во Украина, како и поради тоа што од Словенците било категорично побарано буквално да кажат дека сите Руси се лоши и дека целата руска уметност е безвредна, на што тие не се согласиле.

Од музичката сала Бел Етаџ во Киев, каде што требаше да настапат, негираат дека побарале од Лајбах да се оградат од Русите, но и недвосмислено напишаа дека никој ништо посебно не побарал од Лајбах „откако посветиле цел пасус на руската литература во нивното обраќање до Украинците“. Во коментарите под текстовите на украинските медиуми, Лајбах дури се обвинети за руска државна пропаганда и лажно прикажување на Украина како западна марионета.

Залудно е значи Лајбах да повторува како гледа на рускиот напад, кого го гледа како жртва, а кого како агресор, залудни се сите изјави и извинување до нив. Секое отстапување, дури и мало, поврзано со руската култура, нужно води кон откажување, колку и да е тоа параноично, со оглед на тоа што споменатите руски писатели немаат апсолутно никаква врска со Путин и злото што тој го шири во последнава година.

Доволно е само едно прашање за да се најдете на листата на непожелни. Исто како што пред неколку недели напиша Славој Жижек, сонародник на „Лајбаџиите“ во текстот „Темната страна на неутралноста“ во кој остро го повикува Роџер Вотерс, еден од основачите на Пинк Флојд, бидејќи се осмелил. - повторно со јасна изјава дека рускиот напад врз Украина е нелегитимен и дека треба најостро да се осуди – да повика на прекин на војната и да ја доведе во прашање улогата на западниот свет во причините за руската агресија.

Жижек, додуша, не е како украинските организатори на концерти кои го блокираат доаѓањето поради Булгаков. Згора на тоа, предупредува дека руската култура нема никаква врска со Путин и дека таа, како и Украинците, треба да биде заштитена од овој автократ, бидејќи тие се подеднакво изложени на ризик - како од режимот на лудиот диктатор, така и од украинскиот режим, кој нужно гледа непријател во секој Русин, дури и ако тој е мртов сто или којзнае колку години. Русофобијата е одвратен феномен, како и фобијата кон било која друга нација и култура, велат членовите на Лајбах во споменатото интервју. Ова го знаеме од нашиот сопствен пример.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: https: portalnovosti.com