Закони против правдата

22.03.2023 01:29
Закони против правдата

Додека на улиците и во парламентот се одвива конфликт помеѓу владејачките партии од една и опозицијата и граѓаните од друга страна, тие во исто време соработуваат во Кнесетот каде со здружени сили пишуваат и усвојуваат закони насочени против израелските Палестинци. Ако ги изземеме арапските партии, не се слуша никакво противење на новите законски предлози.

Израел нема неутрален став кон етничкиот идентитет на своите граѓани1 и заради тоа Палестинците кои живеат во земјата, иако државјани, никогаш немале позначајно политичко влијание. Треба да се има предвид и ползечкиот апартхејд кој доаѓа од окупираните територии и полека се шири во земјата токму преку разни законски предлози. Таков е и законот за одземање државјанство, односно престој на обвинетите за дело тероризам кој Кнесетот го усвои во февруари. Врз таа основа министерот за внатрешни работи ќе може да одземе државјанство и лицата обвинети за акт на тероризам да ги протера на окупираните територии, потоа лицата за кои веќе е одредена затворска казна или ако лицето добие финансиски надомест од палестинските власти. Интересно е што овој закон никако не се третира како повреда на човечките права, вклучувајќи го и фактот дека тој нема да се применува на Евреите осудени за тероризам.

Израел долго се гордееше со начинот на кој формално го чуваше привидот на рамноправност на сите граѓани и одвојување од она што се случува во земјата и на окупираните територии, особено во периодот на либерализацијата на општеството помеѓу 1992-2000 година. Меѓутоа, по 2000-та грижата за меѓународниот углед на земјата и примената на демократските начела слабее. Се донесуваат дискриминаторни закони како што се амандманот на основниот закон за Кнесетот, со кој може да се дисквалификува секој што ја поддржува борбата против израелската држава (поддржувањето на создавање Палестина се толкува како антиизраелски став). Потоа во 2002 година беше усвоен амандман на законот за национално осигурување со кој се одредува дека детскиот додаток се намалува за децата чии родители не служеле војска (ни харедите, ултра-ортодоксните Евреи, ни Палестинците не служат воен рок, но државата најде начин харедската заедница да не трпи последици). Најпосле, тука е законот за државјанство од 2003 година со кој не се дозволува добивање дозвола за престој на брачен другар кој доаѓа од окупираните територии. Оправдан е сомнежот дека нема да има крај на ваквите закони, зашто првото читање во Кнесетот го помина и новиот предлог за одземање државјанство и протерување семејства на лица обвинети за тероризам.

Јицак Рабин и Јасер Арафат

Повод се сè позачестените напади на Палестинците кои се израелски граѓани. На државата ѝ е потешко да ги предвиди ваквите напади, зашто ги изведуваат поединци а не групи2 и затоа се обидува да ги спречи со примена на порадикална политика кон населението. Но вистинскиот мотив за ваквиот закон е намерата практиката од територијата, која се одликува со произволност и неограничена власт, да се примени во мешовитите градови и палестинските четврти. Израел во минатото веќе имаше еден обид за протерување на Палестинците, но без законска рамка. Владата на Рабин во 1992 година привремено протера 415 активисти на Хамас и Исламскиот Џихад во Либан, но тие беа вратени заради меѓународна осуда и американски притисок. Единствено Врховниот суд би можел да ја спречи примената на законот, но во процесот на ограничување на неговите овластувања тоа е малку веројатно, што значи дека ќе се отворат разни можности за протерување на палестинските граѓани. Кај усвојувањето на законот за одземање државјанство особено вознемирува фактот дека предлогот го поддржаа и претставниците на опозицијата, односно оној дел кој себеси се нарекува ционистичка левица, што покажува колку меѓу сите општествени актери е нормализирана идејата за еврејската надмоќ. Одново се поставува прашањето каква алтернатива нуди опозицијата.

Прашање е и каков дијалог е можен по ваквите законски предлози триесет години од потпишувањето на договорот од Осло. Бројни се причините зошто Осло не ги исполни очекувањата, но можеби вреди да се потсетиме на конференцијата која се случи четири години претходно и која укажа на поинакви пристапи. Ела Шохат во текстот „Патување во Толедо“ со носталгија пишува за организираната средба со мизрахи Евреите (од арапските земји) со палестинските претставници 1989 година во Шпанија. Во тоа време израелскиот закон забрануваше политички контакти со другата страна, а Палестинскиот национален совет го прифати мировното решение преку создавање две држави, што беше предвидено со Резолуцијата на ОН од 1947 година. Мизрахи делегацијата ја сочинуваа интелектуалци од Израел и други земји, додека во палестинската делегација, освен поетот Махмуд Дарвиш, имаше членови на комунистичките партии, припадници на Фатах, меѓу нив и Абу Мазен. Меѓу учесниците на конференцијата постоеше доверба која произлегуваше од искуствата со барање можни решенија во рамки на Отоманската империја и британска Палестина. Немаше разидувања околу интерпретацијата на Накбата, прогонот на Палестинците, и тоа овозможуваше односот помеѓу делегациите да не биде непријателски туку партнерски.

Кохава Леви (во средина)

На слични размислувања наведува и филмот „Савој“ (2022) на режисерката Зохар Вагнер. Филмот има хибридна форма, составен е од играни и документаристички делови и зборува за терористичкиот напад на Фатах на телавивскиот хотел изведен 1975 година. Нападот е само рамка во која се осветлува една друга страна на настанот. Тоа е приказната на Кохава Леви, жена по потекло од Јемен која (заради состанок со љубовникот) се затекнала во хотелот кога започнал нападот и која заради познавањето на јазикот станува посредничка во преговорите помеѓу војската и Фатах. Во трите денови додека траеше нападот, помеѓу неа и напаѓачите, благодарение на заедничкиот јазик и искуството, се одвива поврзување на човечко ниво во кое се создава еден вид разбирање. Покрај тоа што режисерката се занимава со односот на општеството кон жената, која е хероина но заради општественото лицемерие доживува осуда, таа суптилно укажува на уште едно нешто. Евреите од арапските земји можеа да бидат ресурс за израелската држава. Но мизрахи Евреите не се вселуваа како рамноправни граѓани и не им ни беше понудена активна посредничка улога. Од друга страна, и самите го избраа еврејството како заеднички деноминатор со владејачката елита, а го игнорираа економскиот и социјалниот момент кој го споделуваа со палестинското малцинство.

Така е и со демонстрациите кои сега се одвиваат ширум земјата. Дури и ако ја превидиме моралната страна на незаинтересираноста на граѓаните за тешката положба на Палестинците, не можат да се избегнат практичните импликации на нивните животи. Спрегата на економскиот и политичкиот интерес кој се одвива преку корупцијата и субвенциите за недвижности на окупираните територии, директно влијае на станбената политика на државата. Меѓутоа, демонстрантите одбиваат да ја видат поврзаноста на окупацијата и проблемите со домувањето кои ги тиштат повеќето граѓани. Затоа остана незабележано дека владата пропушти да го продолжи законот за социјални станови, додека истиот ден одобри изградба на 9 500 нови станбени единици на Западниот брег. Владата на штета на потребите на најзагрозените слоеви од општеството парите ги насочува кон окупираните територии каде се користат за изградба на инфраструктурна мрежа во интерес на приватни инвеститори кои градат еврејски населби на одземената палестинска земја.

Меѓутоа, ваквите нешта не ги покренаа граѓаните. Наместо тоа се случи нешто изненадувачко: граѓаните излегоа на улиците кога беше загрозена либералната и демократската слика која ја имаат за својата земја. Потребата да се биде дел од напредниот свет се покажа како поважна од прашањата за безбедноста или корупцијата.

(1) Во израелските лични карти постои категорија националност.
(2) Заради системот за видео надзор и следење кој го воспостави Израел, потешко е да се организираат групите.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://pescanik.net/