Премолчувањето на израелскиот колонијализам

13.05.2021 13:44
Премолчувањето на израелскиот колонијализам

Чад од израелските воздушни напади во Газа (11.05.2021)

  Изминативе две-три недели видовме доселенички колонијализам во акција, кога општинскиот суд во Ерусалим пресуди бројни палестински семејства да се протераат од нивните домови во населбата Шеик Џарах, во окупираниот Источен Ерусалим. Истите овие Палестинци, раселени од Јафа и Хаифа во 1956 под мандат на Јордан, е одлучено да бидат насилно исфрлени од нивните домови од страна на доселениците, со засилување од израелските полициски сили, иако спроведувањето е засега одложено. Секако, ова поттикна бес и протести на многу семејства и локални жители против уште еден чекор кон анексација на Источен Ерусалим.
 

Во џамијата Ал Акса, за време на ноќната молитва сред рамазанските празници, вооружени војници фрлија шок-бомби и солзавец. Сега насилството ескалираше до ракетни напади oд Хамас и воздушни напади од Израел. Од вторникот, овие инциденти резултираа во смртта на дваесет и четири Палестинци, вклучително и деца, и стотици повредени, според Министерството за здравство во Газа.

Многу мејнстрим весници ги формулираа овие настани како „судир“ или „конфликт“ поради „иселувањата“, со наслови кои придонесуваат кон едно веќе добро познато јазично опкружување. Овие зборови успеваат во едно нешто: „варосување“ и минимизирање на нео-колонијалната етничка држава, и претворање на континуираната опресија над Палестинците и негирањето на нивните човекови права во меѓународна нормалност.

Нормализацијата на колонијализмот започнува, како и секогаш, во јазикот. Ваквите јазични решенија, без разлика дали се неодговорни или само неуки, го зајакнуваат гледиштето дека се работи за конфликт во кој и двете страни имаат средства да бидат еднакво насилни едни кон други. Но всушност, Израел е една од најмилитаризираните окупаторски нации во светот, поддржани од САД со билиони долари и со оружје. Динамиката на моќ во која верува најголем дел од западното општество едноставно не постои, и недоволното разбирање на ситуацијата е резултат на децениското поистоветување на антиционизмот со антисемитизмот, што го пренасочува разговорот од етничкото чистење во Палестина.

Протести на Палестинци кај џамијата Ал Акса во Ерусалим (7.05.2021)

Главнотековните медиуми имаат тенденција секој разговор за смртта на Палестинците да го насочуваат кон Хамас и нивните ракети. Утрото на 11 мај Хусам Зомлот, предводникот на палестинската мисија во Обединетото Кралство, гостуваше на BBC Newsnight објаснувајќи дека реакционерните мерки на групата (која иницијално беше финансирана од страна на Израел во очаен обид да се спротивстави на секуларистите во Палестинската ослободителна организација) не треба да ги засени прекршувањата на човековите права што се случуваат на дневна основа и што резултираат во се’ поголем број жртви. Палестина не се наоѓа во вакуум на моќ наеднаш раководен од Хамас, туку е намерно дестабилизиран регион, од кој голем дел функционира како затвор на отворено под контрола на Израел.

Тенденцијата е кон замаглување, намерно или не, а раширеното одбивање да се потврди криминалното постапување на Израел е дел од тоа како окупацијата метастазирала во парадокс: еднаш за овие „судири“ се известува како за сензационалистички испади, друг пат, смртта на Палестинците е вообичаен и неинтересен настан.

Во Обединетото Кралство политичарите од умерената левица одбија да заземат силна позиција против апартхејдната влада. Денови откако Џереми Корбин бараше од Џо Бајден да примени „огромен притисок и влијание врз израелската влада“, Кир Стармер, тековниот лидер на Лабуристичката партија, твитна млако потврдување на насилството. Барањето на Стармер израелската влада да „работи со палестинските лидери со цел деескалирање на тензиите“ е во согласност со перцепцијата дека израелската влада сака да работи со палестинските лидери – сепак, само пред една година израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави: „Ние ги диктираме безбедносните правила ... Тие ќе останат палестински субјекти.“

Како последица на ваквиот дискурс израелската анексација на палестинска земја, со која се кршат меѓународните закони, станува прифатлива. Палестинците се обидоа да се борат со ова потиснување преку социјалните медиуми со видеа и хаштагови како #SaveSheikhJarrah каде ја документираат бруталноста околу нив. Но многу од нив беа цензурирани: некои постови беа скриени, други избришани. Замолчувањето на побуната во дигиталната сфера е уште една опасна форма на системска контрола, негирање на слободата на говорот и ограничување на слободата на печатот.

Постапките на Израел се сродни со сите неоколонијалисти. При извршувањето на злосторствата, одбивањето да ја видат илегалноста и нехуманоста во тековната окупација на Палестина станува стандардот. Во нашиот медиумски дискурс колонизаторот толку долго бил протагонистот, што зборовите сами си се пишуваат. Манипулацијата со јазикот со цел припадници на народ кој повеќе од седумдесет години е лишен од достоинство и човечност да се претворат во негативци е особено одбивна.

Превод: Ф.К.

Извор: Jacobin Magazine
Насловна слика: Anas Baba / AFP via Getty Images

ОкоБоли главаВицФото