Изјава на републикански кандидат од САД: Палестинците не се народ, тие се терористи

12.12.2011 13:19
Њут Гингрич

Фаворитот на републиканската партија за идните претседателски избори во САД, Њут Гингрич, ги нарече Палестинците „терористички народ“, иако палестинскиот премиер Салам Фајад го повика да се извини поради претходната изјава, кога рече дека Палестинците се „измислен народ“.

Во интервјуто кое го даде за американскиот Еврејски канал, Гингрич го оквалификува палестинскиот народ како измислен бидејќи му припаѓа на арапскиот народ. За Палестинците тој изјави: „Сетете се дека Палестина не постоеше како држава – била дел од Отоманската империја. Мислам дека го измисливме палестинскиот народ кој во суштина е арапски народ и историски е дел од арапската заедница, и имаше многу шанси да оди на многу места“.

Палестинскиот премиер Салам Фајад изрази огорченост поради изјавите на Гингрич и побара извинување од републиканскиот кандидат поради неговите „вулгарни, навредливи и исмејувачки забелешки“.

Палестинскиот премиер изјави дека Гигрич „целосно и неприфатливо ја извртува историската вистина“ и укажа на тоа дека ни најголемите екстремисти во Израел не го изјавуваат она што го кажа Гингрич. На потенцијално идниот претседател на САД палестинскиот премиер му препорача да прочита некој книга по историја.

„Тој и оние кои му веруваат би требало повторно да ја изучуваат историјата, бидејќи сè зборува дека единственото што го знаат е периодот на Отоманската империја. Начинот на кој ги извртуваат историските факти е неприфатлив“, изјави Фајад.

Високиот претставник на Арапската лига, Мохамед Собеих, исто така ги осуди расистичките изјави на американскиот претседателски кандидат. За новинарите тој изјави дека Гингрич ги жртвува интересите на САД за избирачките гласови и дека неговите изјави се спротивни на демократските вредности и меѓународните договори.

Замолен да ја прокоментира изјавата на палестинскиот премиер, Њут Гингрич изјави дека рекол сè што требало да рече: „Некој мора да има храброст за да ја каже вистината. Тие луѓе се терористи. Во училиштата тие изучуваат тероризам“.

Останатите републикански кандидати на претседателските избори за 2012 г. не ги поддржаа изјавите на Гингрич, иако нагласија дека го поддржуваат Израел.

Израелските високи државници, посебно поранешниот премиер Голда Меир, до 1980-те години го негираа палестинскиот народ. Тој став и денес го негува најекстремната десница во Израел.

Повеќето историчари ја сметаат 1834 г. за година на раѓање на палестинскиот арапски национален сентимент, кога арапските жители на Палестинскиот регион се побуниле против отоманското владеење.

Извор: е-novine