Мировништво на израелско-американски начин: десетици мртви, илјадници ранети

18.05.2018 00:58
Мировништво на израелско-американски начин: десетици мртви, илјадници ранети

Со оглед на тоа дека паразитира на трагедијата од холокаустот додека истовремено Палестинците ги држи заробени во „најголемиот логор на отворено во светот“, владејачката израелска десница секако спаѓа меѓу прваците на цинизмот и хипокризијата. Но, денешната церемонија за преместување на американската амбасада од главниот град Тел Авив во Ерусалим ги надмина вообичаените стандарди. Зашто додека Џеред Кушнер, високиот советник на својот дедо Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги држеа своите излитени и полни со лаги говори, додека сопругата на Кушнер и ќерка на Трамп, Иванка Трамп во беж мантил и со испеглана коса парадираше пред зградата на амбасадата со задача да ја „просветли“, малку подалеку се трупаа тела на убиени Палестинци од минута во минута. До крајот на церемонијата бројот на загинати цивили во протестите по должина на израелската граница со Газа се искачи на 44 (во моментов се шпекулира со бројка од околу 100 загинати, заб. прев.), а беа ранети околу 2 000 луѓе.

Тоа беше седми по ред Марш за враќање, со кој Палестинците бараат укинување на илегалната окупација на палестинските подрачја според сите меѓународни стандарди – а, тоа го вклучува и Источен Ерусалим – како и право на враќање на протераните бегалци пред 70, кога е основана израелската држава, односно нивните потомци. Ден после преселувањето на американската амбасада, во вторник, ќе се одбележи годишнината од основањето на Израел, која Палестинците, заради присилниот егзодус на 700 000 луѓе, ја нарекуваат „катастрофа“, па се очекуваат рекорден број палестински жртви.

Говорите на Џеред Кушнер и Бенјамин Нетанјаху имаа многу сличности, а највпечатливи беа инсистирањето на поимот „вистина“ и приватизацијата на политичкиот потег на Трамп, симболичкото бреме без преседан, зашто со тоа се убиваат последните надежи дека Палестинците ќе добијат држава со Ерусалим како главен град.

Кушнер уште во првата реченица рече дека со ова САД ја „признале вистината“, онаа дека „Ерусалим е престолнина на Израел“, за потоа да ги наниже сите оние вредности кои се „заеднички“ за неговата земја и за Израел – слободата, човековите права и демократијата – и покрај тоа што израелскиот третман на Палестинците се сведува на режимот на апартхејдот, оној во кој за граѓаните од втор ред нема ни слобода, ни човекови права, ниту демократија.

Потоа Кушнер им се заблагодари на цела низа американски јастреби како заслужни за промовирање на мирот, па потоа го поздрави повлекувањето на Трамп од нуклеарниот договор со Иран. Констатираше дека „иранската агресија е закана за целиот свет“, на што поканетите станаа аплаудирајќи еуфорично. Палестинските цивили кои протестираат во Газа ги нарече „дел од проблемот, а не од решението“ и со патетичен тон најави дека овој потег на Америка ќе доведе до мир во регионот.

„Јас сум тука како горд Американец и внук на преживеани од холокаустот“, рече. „Во канцеларијата на масата имам фотографија од дедо ми и баба ми, за да ме потсетува на тоа каква цена се плаќа кога нациите не го разликуваат доброто и злото и колку пресудна улога имала Америка за вагата да натежне на страната на праведните“, заклучи на крајот, со апел до Бог да ги благослови САД и Израел.

После Кушнер, на собраните им се обрати Нетанјаху, до таа мера разгален од среќа што неговиот пословично арогантен гард се загуби сосема, отстапувајќи му место на отвореното потпикнување на „најмоќната земја на светот“. „Немаме подобри пријатели во светот!“, „Џеред Кушнер и Иванка Трамп, овој настан е тестамент за сите ваши настојувања за мир!“, „Колку величествен ден!“, „Со признавање на историјата вие создавате историја!“, „Сите сме ви благодарни!“, „Амбасадору Фридман, вие сте првиот американски амбасадор во Ерусалим и таа привилегија засекогаш ќе остане ваша!“, „Ѝ се заблагодарувам на Америка што пропагира вистина и мир!“, се нижеа извиците на премиерот. Потоа им се заблагодари на „храбрите војници кои ја бранат границата додека ние го зборуваме ова“ и ги поздрави разузнавачките агенции Мосад и Шин Бет.

Нетанјаху во два наврати нагласи дека Ерусалим „секогаш бил и секогаш ќе биде главен град на еврејскиот народ и еврејската држава“, „и ќе биде неделив“, со што порача дека идејата за Источен Ерусалим како главен град на Палестина за него не е опција. Со присетување на детството во Ерусалим, Нетанјаху исто така заврши со благослови, не споменувајќи ги Палестинците со ниту еден збор.

Со видео порака во прославата се вклучи и Доналд Трамп, кој исто така нагласи дека Америка со овој чин „евидентно признала – дека Ерусалим е главен град на Израел“, притоа не објаснувајќи зошто тоа би било „евидентно“.

Инаку, преселувањето на амбасадата е дел од „мировниот план“ на Трамп за Блискиот исток, план во кој не се знае речиси ништо освен дека во преговорите за него учествуваат американските сојузници Египет, Јордан, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Но, бидејќи со секој потег на неговото навидум безумно беснеење сака да ги задоволи интересите на најтврдата десница, мошне е извесно дека тој план воопшто нема да биде мировен.

14.05.2018

Извор: https://www.portalnovosti.com