Блесокот на молњата

16.08.2010 12:33
Блесокот на молњата

Ноќ. Целосен мрак. Дожд. Видливоста е речиси никаква. А потоа, наеднаш – блесок на молња. Во дел од секундата светлината открива пејзаж. Во тој дел од секундата може да се види земјата околу нас. Не е онаква каква што некогаш беше.

Акцијата на нашата влада против бродовите со помош за Газа беше таков блесок на молња.

Израелците, што се однесува до нивниот светоглед, вообичаено живеат во мрак. Но во тој миг можеше да се види вистинскиот пејзаж околу нас; изгледаше застрашувачки. Потоа повторно мракот се спушти врз нас, Израел се врати во својот меур, а светот исчезна од видикот. Тој дел од секундата беше доволен да ја открие страшната глетка. Речиси на сите фронтови ситуацијата на Државата Израел се влоши по последниот блесок на молњата.

Тој пејсаж не го создадоа бродовите и нападот врз нив. Тој постои откако е воспоставена сегашната наша влада. Но ни тоа не беше почетокот на влошувањето. Тоа започна уште многу одамна.

Смртта на Холокаустот

Акцијата на Ехуд Барак и компанија само ја расветли сегашната ситуација и дополнително ја турна во погрешна насока.

Како овој пејсаж изгледа во светлото на Бараковата молња? На врвот на листата се наоѓа фактот кој, се чини, никој досега не го забележа: смртта на Холокаустот. Во целиот метеж што оваа афера го предизвика низ светот Холокаустот не беше дури ни споменат. За волја на вистината, имаше неколкумина во Израел кои го нарекоа Реџеп Таип Ердоган „новиот Хитлер“, а некои израеломрзци говореа за „нацистички напад“, но Холокаустот, практично, исчезна.

За време на две поколенија нашата надворешна политика се служеше со Холокаустот како со главно оружје. Ставот на светот кон Израел го одредуваше неговаата нечиста совест. (Оправданите) чувства на вина – дали поради сторените злосторства, дали поради тоа што се вртела главата на другата страна – предизвикаа Европа и Америка поинаку да се однесуваат кон Израел во споредба со која и да е друга нација – од нуклеарното вооружување до населбите на окупираните територии. Секоја критика на постапките на нашите власти веднаш се обележуваше како антисемитизам, и беше замолчувана.

Но времето си го прави своето. Чувствата во светот затапеа по новите трагедии. За новото поколение Холокаустот претставува нешто од далечното минато, поглавје од историјата. Чувството на вина исчезна во сите земји, освен Германија. Израелската јавност не го забележа тоа. Многу Израелци се деца или внуци на оние кои го преживеаја Холокаустот, и Холокаустот остави печат на нивното детство. Всушност, една огромна машинерија се грижи за тоа Холокаустот да не исчезне од нашите сеќавања, почнувајќи од детските градинки преку церемониите на спомен-деновите до организираните патувања „таму“.

Според тоа, израелската јавност ја шокира сознанието дека Холокаустот ја губи моќта како политички инструмент. Отапе нашето најголемо оружје.

Централниот настап на нашата политика е нашиот сојуз со САД. Да го употребиме изразот на толку омилениот Бенјамин Нетанјаху: тоа е „ѕидот на нашиот опстанок“. Овој сојуз многумина од нас со години нè штител од сите неволји. Знаевме дека од САД можеме да добиеме сè што ни треба: модерно вооружување со кое ја задржуваме надмоќта над сите арапски армии заедно, муниција за време на војна, пари за нашата економија, вето на сите резолуции против нас во Советот за безбедност на ОН, автоматска поддршка на сите акции на сите наши влади. Секоја мала и средна земја во светот знаеше дека, ако сака директен влез во палатата во Вашингтон, ќе мора да го подмити израелскиот вратар.

Пукнатини во столбовите на потпората

Но за време на минатата година во тој столб се појавија пукнатини. Не мали гребнатинки и сронувања кои се својствени за вообичаеното ронење, туку пукнатини предивикани од движењето на тлото. Заемната аверзија меѓу Барак Обама и Бенјамин Нетанјаху само е симптом на многу подлабокиот проблем.

Минатите недели шефот на Мосад изјави во Кнесетот: „За САД ние повеќе не сме позитивна ставка, туку товар“.

Овој факт со остри зборови го искажа генералот Дејвид Петраеус, велејќи дека трајниот израелско-палестински судир ги загрозува животите на американските војници во Ирак и Авганистан. Значењето на ова предупредување не го избришаа ни подоцнежните смирувачки пораки. Судбоносна промена не претрпеа само израелско-американските односи; и положбата на САД се влошува, што е навистина лош знак за иднината на израелската политика.

Светот, полека и тивко, се менува. САД сè уште се најмоќната земја, ама не се повеќе онаа семоќна суперсила која беше во 1989 г. Кина покажува мускули, земјите како Индија и Бразил се сè посилни, а одредена улога почнуваат да играат и земји како Турција – да, Турција!

Ова не е работа на една или две години, но секој што размислува за иднината на Израел за десет, дваесет години, мора да сфати дека, ако не се променат основите, ќе се влоши и нашата позиција. Ако нашиот сојуз со САД е еден од централните столбови на израелската политика, вториот е широката поддршка од Евреи низ свето. За време на изминативе 62 години можевме слепо да сметаме на нив. Што и да направевме – речиси сите Евреи во светот застануваа мирно и салутираа. Низ оган и вода, победи и порази, славни или мрачни поглавја – Евреите нè поддржуваа, давајќи ни пари, демонстрирајќи, вршејќи притисок врз нивните влади. Без размислување, без критика.

Повеќе не. Мирно, речиси молкум, и во тој столб се појавија пукнатини. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството млади американски Евреи се оттргаат од Израел. Не на тој начин што својата лојалност ја преместуваат од израелскиот естаблишмент на израелскиот либерален табор – туку целосно се оттргаат од Израел.

Ни тоа веднаш нема да се почувствува. AIPAC (American Israel Public affairs Committee) и понатаму сее страв во срцата на оние во Вашингтон, а Конгресот и понатаму ќе игра како што тие ќе свират. Но кога на клучните позиции ќе дојде новото поколение, ќе дојде и до ерозија на поддршката на Израел, американските политичари ќе престанат да ползат, а владата на САД постепено ќе ги смени своите односи со нас.

Во нашето блиско соседство исто така се случуваат длабоки промени, од кои некои се поблиски до површината. Инцидентот со бродовите ги откри. Влијанието на нашите сојузници постојано се намалува. Во подем се најде старо-новата сила – Турција. Хосни Мубарак е преокупиран со настојувањето да му ја пренесе својата власт на синот, Гамала. Исламската опозиција во Египет ја крева главата. Новата привлечност на Турција станува посилна од саудиските пари. Јорданскиот крал е присилен да се прилагоди. Оската Турција-Иран-Сирија-Хезболах-Хамас е сила во подем, а оската Египет-Саудиска Арабија-Јордан-Фатах во опаѓање.

Давид стана Голијат

Но најважна промена е она што се случува во светското мислење. Секое исмејување на тоа мислење ме потсетува на познатото потсмевање на Сталин („Колку дивизии има папата?“).

Неодамна една израелска ТВ куќа прикажа фасцинантен филм за германските и скандинавските волонтерки кои во текот на 50-те и 60-те години го преплавиле Израел за да работат (а понекогаш и се мажеле) во кибуците. Израел тогаш се сметала за мала нација опколена од непријатели кои го мразат, држава која возникна од пепелот на Холокаустот за да стане рај на слободата, еднаквоста и демократијата, кои својот највозвишен израз го најдоа во таа единствена творба – кибуцот. Сегашното поколение млади идеалисти од целиот свет, мажи и жени, кои некогаш би работеле како волонтери во кибуците, сега можат да се најдат на палубите на бродовите кои пловат кон прегазената, задушена и изгладнета Газа која ги трогнува срцата на многу млади луѓе. Оној пионерски израелски Давид се претвори во суров израелски Голијат.

Тоа не може да го измени ни некој гениј на спинот. Веќе со години светот, секој ден, ја гледа на ТВ екранот и на првите страници Државата Израел која е олицетворена во тешко вооружените војници кои пукаат на децата што фрлаат камења, во топовите кои истрелуваат гранати врз станбените населби, во хеликоптерите кои вршат „целни елиминации“, а сега и во пиратите кои напаѓаат цивилни бродови на отворено море. Во преплашените жени кои во рацете носат ранети мали деца, во мажите со ампутирани екстремитети, во урнатите домови.

Кога човек на една слика, која прикажува поинаков Израел, ќе види стотина слики како горенаведените, Израел станува чудовиште. Дотолку повеќе што израелската пропагандна машинерија успешно ги блокира секакви вести за израелскиот мировен табор.

Пред неколку години, кога сакав да ја исмејам наркоманската зависност на нашите водачи од употребата на сила, ја парафразирав изреката која во многу нешта ја одразува еврејската мудрост: „Ако силата не делува, употреби го мозокот“. За да покажам дека ние Израелците се разликуваме од Евреите, ги сменив зборовите: „Ако силата не делува, употреби уште повеќе сила“. Тоа го кажав како шега. Но, како што се случува со многу вицови во оваа земја, таа стана реалност. Сега тоа е кредо на многу примитивни Израелци, со Ехуд Барак на чело.

Во пракса, безбедноста на некои држави зависи од многу фактори, а воената сила е само еден од нив. Долгорочно, светското мислење е посилно. Папата има многу дивизии.

Во многу аспекти Израел сè уште е силна земја. Но, како што покажа ненадејното осветлување на аферата со бродовите, времето не работи во наша полза. Би требало да ги продлабочиме нашите корени во светот и регионот – што значи, да се постигне мир со нашите соседи – сега, додека сè уште сме силни.

Ако силата не делува, ни посилната сила не мора да делува.

Ако силата не делува, значи, силата не делува. И точка.

Извор: Zarez XII/ 287-8

Цртежи: Cadavres Equis

ОкоБоли главаВицФото