Бранко Прља со првата графичка новела во Македонија со помош на вештачка интелигенција!

05.05.2023 01:33
Бранко Прља со првата графичка новела во Македонија со помош на вештачка интелигенција!

На саемот на книгата 2023 можете да ја набавите првата македонска графичка новела (стрип) која е направена со помош на вештачка интелигенција.

Се работи за графичка новела направена според романот „3 минути и 53 секунди“ на Берт Стајн/Бранко Прља која за прв пат ќе можете да ја видите и набавите на Саемот на книгата (штанд на Антолог) од 4 до 10 мај во Арената „Борис Трајковски“.

Ова дело беше во финале за „Роман на годината“ 2015, преведено е на англиски за престижната издавачка куќа Dalkey Archive Press, издадено е и како аудио книга за Самоглас, а сега и во форма на графичка новела.

За графичката новела и вештачката интелигенција во уметноста

Апликацијата која е користена за создавање на илустрациите се вика Midjourney.

Според авторот, Бранко Прља „Употребата на вештачката интелигенција во уметноста е проблематична, но ако не го направиме тоа ние, уметниците, писателите, дизајнерите, тогаш вештачката интелигенција за создавање уметнички производи ќе ја искористат (и ја користат) бизнисмените.“

„Според мене е подобро уметниците да го покажат патот во кој треба да се движи уметноста, отколку тие кои не се занимавале никогаш со неа. Мораме да се прилагодуваме на времињата, да бидеме во тек и да не се плашиме од новите технологии.“

Неверојатниот напредок на генеративната вештачка интелигенција веќе донесе поместувања во речиси сите сфери на живеењето, но тоа што го направи во креативните индустрии е зачудувачки. Се поставува и прашањето на етичноста и авторските права.

„Она што е битно, според мене, кога генерираме слики со помош на вештачка интелигенција, е да не користиме стил на еден уметник, пр: Ван Гог. Лично кога ги користам овие илустрации во моите дела, секогаш користам комбинација на повеќе стилови на уметници, заедно со неколку генерички стилови кои се одраз на едно движење, правец или период во уметноста. Така се доближуваме до концептот на колаж кој е легитимен уметнички стил.“

Бранко Прља е автор со 20-годишно професионално искуство во пишување и графички дизајн. Основач е на Електролит (првиот МК електронски литературен конкурс), порталот Арно.мк, креативниот колектив Капка, агрегаторите за уметност и наука science.mk и creative.mk. Има издадено повеќе од 40 самостојни дела.

Извор: арно.мк

ОкоБоли главаВицФото