Молдавија на Балканот

15.05.2023 14:50
Молдавија на Балканот

 

Ајде да не звучам од самиот старт на оваа колумна, како вечен нихилист и песимистички дефетист, и да кажам дека од „оваа дупка не бидува држава“, за да не „плукам“ по земјата што неизмерно ја сакам, ќе бидам попрецизен: од ова племе од народ, не бидува државотворна нација. Просто неверојатно е, невозможно, вие година и половина по добивањето на условениот почеток на преговорите со Европската Унија, кои во практика треба да значат трансформациска преобразба на целокупните неподносливи сфери на досегашното општествено живеење и подобрување на нивниот севкупен аспект, да дебатирате постојано на сите национални телевизии околу толку фамозните уставни измени за влез на бугарското малцинство во Уставот, како предуслов без кој не се може да почнат преговорите со ЕУ, по седумнаесетгодишно чекање во место од добивањето на кандидатскиот статус кон крајот на веќе далечната 2005 година.

Наместо целокупната политичка, институционална, општествена, граѓанска, медиумска и невладина енергија да ја насочиме кон подготвување на и онака малкуте преостанати капацитети за ефикасно, ефективно и целесообразно преговарање со ЕУ, како да ги подготвиме нашите институции максимално можно да ги искористат неповратните ЕУ фондови за развој, за земјите што се во преговарачкиот процес, како насушна потреба за земјата кандидат/преговарач, да може да се трансформира и да ги задоволи колку-толку строгите критериуми за полноправно членство во Унијата, да го подигне својот животен стандард, да изгради инфраструктура која личи на модерно развиена европска држава, а не на полураспадната африканска, ние како „пијан за плот“ сме се фатиле на темата „бугаризација“ на Македонија, и како ќе нè одмакедончеле, бугаризирале, ќе ни го сменеле идентитетот и не знам веќе какви слични небулози и карикатурални работи ќе ни направеле, за кои обичен човек не смее да ги помисли при здрав памет, не пак како политичар, аналитичар или новинар, вие да ги трескате во национален етер.

Само народ што има сомнеж во својот идентитет и не е сигурен во него може да се плаши дека некој денес ќе му го смени во дваесет и првиот век, при сопствена, суверена, самостојна и независна држава. Та нели се фалиме дека сме преживеале пет века турско и дека сме опстоиле свои на своето, без официјализиран јазик, без своја црква, без свои државни институции, а сега ламентираме над сопствената судбина дека ќе нè избришале. Имаме ли мозок што тоа правиме и велиме.

Три децении работат против Македонија!

Ја разбирам потребата на посткомунистичките мршојадци што како истакнати „поранешни амбасадори од кариера“, денес ултранационалисти, да прават сè оваа држава да не влезе во Европската Унија, и да стане пристојно место за живеење за сите свои граѓани, бидејќи така ќе ги загубат привилегиите, државните функции и синекурите, бидејќи се научени како искусни алигатори да пливаат во распаднатото посткомунистичко полудржавно блато, но навистина не можам да ја разберам потребата на некои аналитичари и новинари кои ги сметам дека се при здрав разум и дека општествено творат за доброто на нацијата и државата, да се впрегнати во ширење на хистеризацијата околу бугаризацијата на Македонија, и со тоа (не)свесно спречуваат продолжување на патот на државава кон ЕУ и развиениот свет и ја држат да биде „последната караула на српскиот свет“ (И. Величковски).

Знаете ли, бе, што е најголемиот пораз, срам и унижение за оваа држава, овој народ и цела една нација? Се крие во реченицата на универзитетскиот професор по политички студии од универзитетот Синсинати во САД, по баба кукушанецот, Бугаринот Иван Динев Иванов, кој на дебата на една национална телевизија со еден наш познат политички аналитичар му го кажа следниот статистички податок: „По распадот на комунистичкиот лагер во цела Источна Европа, вие (Македонија) имавте 1,8:1 повисок бруто-домашен производ по глава на жител во однос на нас (Бугарија). Денес ние (Бугарија), по повеќе од триесет години имаме двојно поголем (2:1) бруто-домашен производ по глава на жител од вас (Македонија)“. Што значи за цели три децении на општествениот, економскиот и животностандарниот развој, нашите мили источни соседи Бугарите, не само што нè престигнале, туку и нè претркале во развојот и сега по сите официјални светски параметри се двојно побогати од нас како нација/граѓани.

Па нели е ова доволен доказ да земеме колективно да се самоутепаме, да се скриеме во некоја пештера, на северен или јужен пол, во вселената или во друга галаксија, бидејќи не постои поголем пораз и национален срам од ова? Па, што правеа тогаш нашите „политички елити“ во овие три децении освен што крадеа, корумпираа, манипулираа со емоционалните чувства на граѓаните за најсензитивните национални прашања (проблемот со уставното име со Грција, идентитетско-историските проблеми со Бугарија и прашањето на уредувањето на меѓуетничките односи со сограѓаните Албанци) и од тоа печалеа избори? И потоа крадеа, повторно крадеа, корумпираа до коска, крадеа, крадеа и крадеа како за последно, обезбедувајќи се за „пет колена на идните нивни генерации“? Очигледно ништо друго.

Три децении не знаеме накаде тераме!

Ај Бугарија, да ја оставиме, станала членка на ЕУ пред повеќе од 15 години поради геополитички причини. Ама што правиме со соседна Албанија и полураспадната Босна и Херцеговина, која преживеа страшна граѓанска војна на почетокот на 90-тите при крвавиот распад на Југославија, со повеќе од 100.000 жртви и 1,5 милиони раселени лица. На последните економски параметри и статистички податоци на „Евростат“, и тие веќе нè престигнуваат по БДП по жител, односно покажуваат перформанси на економски помоќни земји од нас. Па, тоа е уште поголем срам, јад и чемер од „успесите“ на Бугарија во однос на нас. Останавме со едно Косово, кое уште не е целосно меѓународно правно призната држава, членка на ООН, но во однос на автопатиштата, богами стана Швајцарија на Балканите за нас.

Додека хистеризираме и како ненормални за в лудница се расправаме за штетноста од договорите со „Бехтел и Енка“ и дали има корупција во предвидениот најголем инфраструктурен проект од независноста до денес кај нас, ризикуваме и понатаму да останеме слепо црево кое ќе го заобиколуваат, наместо автопатска меѓународна раскрсница каде што ќе се пресекуваат меѓународните коридори 10 и 8 токму низ нашите градови, долини и полиња.

А нели како деца нè учеа по предметот природа на општество дека „нашата земја има поволна географска положба, бидејќи се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров“. Навистина не знам што да кажам, изјавам или напишам веќе. Ризикуваме да завршиме како „Молдавија на Балканот“. Последната дупка на најсиромашниот регион во Европа. Од најутепаните, ние најутепани да бидеме. До сега можевме да се тешиме дека сме пред Албанија, БиХ и Косово. За Бугарија, Хрватска, Србија, Романија и Црна Гора не ми се ни зборува, одамна нè одминаа. А за Летонија, Естонија, Полска, Чешка, Словачка и другите источни и балтички земји кои кога стартуваа во 1991 со нас, беа или на исто, дури и полошо рамниште од нас, а кои благодарение на нивните колку-толку поодговорни и подржавотворни политички елити, го достигнаа речиси европскиот просечен развој на стари земји членки на ЕУ, за тоа не да не ми се говори и не ми се пишува, туку ми се плаче. Не, не ми се плаче, ми се рика во планина, од дното на душата. Проклетници, до кое дереџе нè доведовте!

Слики: Paco Pomet

Извор за текстот: Слободен печат 

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Став / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото