1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Костадин може да си верува во што сака и нас тоа како граѓани не треба да нè интересира. Прва ќе застанам да го бранам неговите верски права, ако му се ограничуваат. На пример, кога би бил мета на насилство од омраза или ако не може да најде вработување зашто оди во црква.
Но, Костадин има потреба зачестено да ни повторува дека е посветен верник, со верата негова да ни мавта пред нос и да ја брца и кај што не ѝ е место - во градоначалничките работи.
Костадин е толку голем верник што некој би помислил дека е и многу голем грешник! Некако двеве работи често одат рака под рака. Дали многу крадел, дали многу лажел, изневерувал или можеби и самиот се оддал на „гревови“ против кои ревносно се бори - не знаеме. Не треба да нè интересира, освен ако не се во прашање гревови поврзани со јавната функција.
Костадине, искрено се надевам дека, што и да е, Господ ќе ти прости, а уште поважно, и ти ќе си простиш, и ќе престанеш да се „бичуваш“.
Сега да видиме до каде се простира правото на Костадин да верува и дали некој му го загрозува. Или е обратно, поради неговото право загрозени се правата на другите.
Слободата на уверување, совест и религија е уредена со членот 9 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и таа вклучува слобода да се промени религијата, слобода да се манифестира религијата, самостојно или во зедница со други, јавно или приватно, при обожавање, учење, практикување и почитување. Слободата на религија е предмет на ограничувања предвидени во закон и неопходни во демократски општества со цел зачувување на здравјето, моралот, јавниот ред и мир, јавната безбедност и заштитата на правта и слободите на другите (член 9 став 2 од ЕКЧП). Но слободата на религија не смее да се сфаќа како право на мојата религија да доминира во едно општество, туку како право кое треба да обезбеди кохабитација на плурализамот од религии и верувања. Според Судот во Стразбур слободата на религија е пред сé прашање на индивидуално верување и совест, така што правото да се верува и промени религија е апсолутно и не е предмет на ограничување.
Но, манифестацијата на религијата е предмет на ограничувања од ставот 2 членот 9. Религијата и верувањето се лични карактеристики, поврзани со светогледот, вредностите и идентитетот на секој поединец. Па така, тоа што некој друг ја прекинува бременоста или тоа што двајца мажи стапуваат во брак, не може да го повреди твоето право на религија и вероисповед. Каква врска би можело да има тоа што некој сака да му се смени маркерот за пол во личната карта со твоето индивидуално разбирање, практикување и почитување на религијата?! На пример, моите атеистички свотегледи се заштитени од дискриминација, но не ми даваат за право да ширам говор на омраза кон верници и да ги нарекувам умоболни и штетни за општетсвото и младината. Во ЕСЧП се обратиле многу верници (психолози, службеници во матични служби за венчавање и други) кои сметале дека имаат право да не им пружат услуги на ЛГБТИ луѓе поради нивната слобода на вероисповест, и биле одбиени од страна на Судот.
Начинот на кој Костадин ја прктикува верата повеќе личи на обид неговата религија да доминира наспроти другите светогледи, при што треба да ја имаме предвид и обврската да се делува секуларно во извршувањето на јавната функција. Тој како градоначалник овозможи Струмица да се претвори во хаб на антиродови движења мотивирани од екстремистички толкувања на христијанската догма. Со својот градоначлнички авторитет и моќ ги промовираше овие идеи и движења на локално ниво; им овозможи инфраструктура на религиозни фондации и здруженија да спроведуваат бројни активности преку пропаганда против родовата еднаквост и ЛГБТИ правата; овозможи да влијаат на работата на Советот, да се вмрежат и да регрутираат поддржувачи за нивните антидемократски идеи. Секако, Костадин не е единствен, но тој како градоначалник со моќта за одлучување која ја носи јавната фукција, е клучна фигура без која работите немаше до овој степен да се радикализираат. Костадин овозможи врз основа на антиродовите ставови на Јаков Стобиски да се донесуваат одлуки во општината со бришењето на поимот род и родова еднаквост од локалните стратешки планови.
Тој ја користи својата вера која ја блендира со јавната функција за да промовира ограничување на правата на ЛГБТИ луѓето и жените. Неговото право да верува се претвори во негово право да шири клерофашистички идеи и политики на сметка на заштитата на правата и слободите на другите. Резултатот од неговото право да верува се покажа и со анти-ЛГБТИ стикерите кои вчера беа залепени во Струмица.
Во правото е јасно дека Костадин нема право да верува на овој начин, т.е. ваквиот начин на манифестирање на верувањето е ограничено со член 9 став 2 од ЕКЧП.
Навистина е чудна верската пожртвуваноста на Костадин. Повторно не може да ми излезе од глава дека нешто друго се крие зад неа, нешто пропуштаме, не гледаме, а можеби и допрва ќе видиме. Или доколку навистина се работи за толку големо и посветено верување, очигледно големината на верата ги изела сите други аспекти од личноста на Костадин. Во овој случај тој станува нефункционален верник, особено во однос на јавната функција, оти не е способен да се посвети на која било работа без да ја вмеша верата.
Извор за стрип кадрите: Comically Vintage