Лесно е да мразиш

17.05.2013 11:37
Лесно е да мразиш

Пред само десетина дена во два града во нашата држава, во Тетово и Битола беа поставени билборди како дел од една граѓанската иницијатива за правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродните луѓе. Еден од билбордите носеше порака: лесно е да мразиш, храбро е да љубиш. За неполни 24 часа од поставувањето на билбордите сè што остана од нив е испишаната порака „Смрт за педери!“ и делот ЛЕСНО Е ДА МРАЗИШ. Денес е 17 Мај, меѓународниот ден за борба против хомофобија и трансфобија. И токму на овој ден после долго апстинирање решив повторно да напишам колумна оти се насобрала некоја горчина и лутина во мене што бара најконструктивен начин да излезе.

„Имате четири секунди да се исчистите одовде“ - ни рече еден маж со маскирано лице и почна да удира по двајца активисти со кои заедно лепевме постери против хомофобија на Плоштадот Македонија, како дел од Маршот на толеранција посветен на правата на ЛГБТ луѓето. И по не знам кој пат дознав дека ова не е мој град, дека овде нема место за нас, дека ова не е моја држава или дека ние не сме нивни граѓани. Кога говорам за хомофобијата, за хомофобичниот говор на омраза и маргинализацијата, говорам за срамот, стигмата и исклучувањата со кои секојдневно живеат илјадници луѓе, со кои растат и се развиваат илјадници млади луѓе или подобро за „здравата животна средина“ обезбедена преку вакви и слични чистења. Сè уште сум запрепастена од леснотијата со која ова „еколошко“ проветрување, оваа санитаризација се спроведува од најмоќните актери во нашето општество.

„Раѓање здрави деца во здрава природна средина“ беше изјава на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски по однос на истополовите заедници и можноста за посвојување деца. Само за потсетување, доколку во меѓувреме заборавивте, министерот има надлежност да ги штити ЛГБТ луѓето од дискриминација и дискриминаторски говор, како и да ги промовира принципите на еднаквост и рамноправност за сите луѓе во нашето општество. Наместо тоа, од една лежерна и удобна позиција, зафатен во состојба на удобна леснотија, министерот ни објасни кој заслужува да живее во заедништво, да одгледува деца и да биде наречен здрав, подобен, нормален, пред сè човек.

„...граѓаните и во земјава, но и во целиот регион стојат зад ставот, дека на хомосексуалците им треба професионална, медицинска, а не законска помош“ се извести во прилогот на ТВ Сител на минатогодишниот меѓународен ден за борба против хомофобијата. Мене лично ми е веќе бесполезно да повторувам дека хомсексуалноста е одамна исфрлена од класификацијата на болести и психолошки нарушувања. Ми останува само да констатирам дека ваквите изјави имаат за цел зајакнување на предрасудите и омразата кон хомосексуалците кај јавноста и предизвикуваат вознемирување и дискриминација. И повторно со таа необјаснива леснотија на омразата не се штедат ударите врз цела една група граѓани чија среќа, достоинство и пристоен живот оваа држава го смета за луксуз.

Ова се само мал дел од примерите на хомофобија и омраза со која се соочуваа нехетеросексуалците и борците за човекови права изминатава година. Овој период беше одбележан и со зголемување на видливоста на ЛГБТ луѓето преку јавни настапи на геј активисти, формирање на нова организација ЛГБТ Јунајтед и отворањето на Центарот за поддршка на ЛГБТИ луѓето. Зголемувањето на видливоста за жал одеше пропорционално со зголемувањето на нападите, говорот на омраза и дискриминација. Храброста и одважноста на овие луѓе да проговорат отворено за својот живот, за проблемите со кои се соочува оваа заедница и најважно нивната желба за промени, за подобро општество беше „наградена“ со омраза или игнорирање, чија крајна цел е замолчување на секоја критичка мисла и убивање на различноста. Мојата порака до овие млади активисти е токму инспирирана од последните случувања со билбордите. Другари и другарки, навистина е лесно да мразиш, за тоа што го правите вие е потребна огромна храброст. Нека ни е честит денот!

ОкоБоли главаВицФото