Стивен Фрај со рускиот хомофоб

20.03.2013 11:14
Стивен Фрај со рускиот хомофоб

Британскиот глумец Стивен Фрај се сретна со Виталиј Милонов, иницијаторот на злогласната забрана на хомосексуална „пропаганда“ во Санкт Петербург. Милонов го предложи и го напиша законот за кој критичарите велат дека се користи за дискриминација на хомосексуалците.

Хомосексуалноста, казнива со затвор за време на Советскиот сојуз, е декриминализирана во 1993 година, но голем дел од геј заедницата остана скриен поради вкоренетите предрасуди во руското општество.

Познатиот британски хомосексуалец и комичар со повеќе од пет милиони следачи на Твитер, ја посети Русија за време на снимањето на документарниот вим на Би Би Си со име „Out There“, за искуствата на хомосексуалците ширум светот. Во таа прилика разговараше и со Виталиј Милонов, кој го предложи законот според кој е можно парично да се казнуваат лицата или фирмите кои шират „пропаганда“ и можат „да го нарушат здравјето, моралот и духовниот развој на децата“.

За време на интервјуто кое траеше повеќе од еден час, Фрај покрај фотографијата со злогласниот хомофоб напиша на Твитер: „Милонов и јас“.

Глумецот вели дека имал напната дебата со Милонов. „Тој изгледа како да не верува дека постојат тинејџери кои се малтретирани поради геј ориентацијата, мисли дека тие го измислуваат тоа. Либералите ги гледа како разорувачи на Европа“, пишува Фрај на Твитер.

„Секогаш ќе ја сакам Русија и се надевам дека младината нема да дозволи да ја уништи отровната мешавина на национализам и верска заостанатост“, додаде подоцна.

Тој го опиша својот „домаќин“ како „необразован верски фанатик“ и „будала“, на крај додавајќи дека интервјуто со него било „многу тажно“.

Милонов, кој тврди дека православните вредности се во основата на петербуршкиот закон, вели дека разбира дека Европа имала потреба да избере сопствени вредности, но не признава исти права за нив.

„Фрај прави филм за хомосексуалците и според правилата на жанрот му треба спротивно мислење. Мене ми се чинеше дека тој воопшто не беше заинтересиран“, вели рускиот хомофоб. „За него, ние кои го промовираме законот против хомосексуализам сме само луди дивјаци“, точно ја утврдува својата дијагноза Милонов.

Сепак, Милонов го фали Фрај како „талентиран глумец, многу значајна личност“ и вели дека ќе се моли за него и неговото семејство.

Фотографијата на агенцијата РИА Новости на која се гледа како Фрај и Милонов се ракуваат ја прокоментира познатиот геј активист Николај Алексеев, кој организираше неколку геј паради во Москва кои беа брутално разбиени од полицијата и руските националисти.

„Навистина не ми е јасно зошто му дава публицитет. Фрај ќе си отиде, а хомофобијата ќе остане“, пишува Алексеев на Твитер.

Фрај претходно говореше во корист на геј правата во Санкт Петербург, каде локалните власти забранија „промовирање на хомосексуалноста“. Тој ги критикуваше пратениците во градското собрание со зборовите дека „мора да се направи нешто за да се спречат овие фанатични монструми“ и запраша: „Дали и Чајковски ќе биде забранет?“ Тој не ја пропушти можноста и да даде коментар за Владимир Путин.

„Луѓето треба да му се смеат на Путин, пред да биде предоцна, пред да полуди сосема. Смејте му се, изложете го на потсмев, немојте да го сфаќате сериозно“, изјави Фрај пред новинарите.

Законот кој минатата година го усвоија пратениците во вториот најголем град во Русија, активистите за човекови права го прогласија за средновековен. Тие се плашат дека не е јасно кажано што е точно незаконска пропаганда, што може да биде искористено за да се забранат протестите за правата на хомосексуалците.

За овој модел на нацрт законот веќе е расправано и во државната Дума, Долниот дом на Парламентот. Думата даде иницијално одобрување, а се очекува нацртот да биде одобрен во мај.

Људмила Алексеева, активистка за човекови права, вели дека законот претставува додворување на конзервативните гласачи, после протестите кои ја намалија популарноста на Владимир Путин. Официјални лица од Европа и САД веќе изразија загриженост поради овие мерки.

Извор: e-novine