1029 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Нед, 19.01.2025 20:59
Драги припадници на ЛГБТИ заедницата и поддржувачи,
Загрижени од енормниот раст на пријави на инциденти, вербални напади и закани во физичкиот и онлајн простор последниве денови, закани и напади предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба.
Како граѓанско општество остануваме посветени на градењето општествена кохезија, на надминувањето на раздорот и на застапувањето за помирување меѓу нашите граѓани.
Со големо жалење и за првпат бараме од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот правата на ЛГБТИ заедницата, но нашата грижа за заедницата овојпат нè приморува на тоа.
Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани.
Ве советуваме на 29 јуни, како и денот потоа:
-Да избегнувате да се движите на просторот на којшто се одржува протестот;
-Да избегнувате да носите обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор;
-Да се движите низ осветлени и фрекветни улици и простори;
-Секогаш имајте мобилен телефон при рака; во случај на каков било инцидент – веднаш контактирајте ја полицијата;
-Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе;
-Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија; побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријавете го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции;
-Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија; излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции;
-Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ! Штом сте на безбедно - веднаш пријавете.
Свесни сме дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа ви излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да ги пријавите во Хелсиншки комитет за човекови права - Helsinki Committee for Human Rights:
Од 09:00 до 15:00 часот 02/3119073
Од 15:00 натаму 078/734217
Чувајте се и останете во добро здравје.
Линк до апелот: http://coalition.org.mk/archives/12481