Tеорија на заговор: Дали нè лажат? (2)

14.12.2023 14:27
Tеорија на заговор: Дали нè лажат? (2)

 

Mckenzie Wark

Секој од нас непрекинато е изложен на лаги. Секоја комуникација е лажна. Таа секогаш на одреден начин е различна од она на што се однесува. Неретко е врзана дури и за нешто што воопшто не постои. Таа фундаментална, неукинлива природа на комуникацијата е стварното концептуално јадро на искуството на параноја.

Паранојата е делумно согледување на вистинитоста на лагата. Делумно и поради својата осуденост на статусот според кој вистината е некаде околу нас. Повеќето луѓе во поголемиот дел од својот живот порадо ја прифаќаат лагата, не сакајќи да се соочат со вистината за неизбежноста на лагата.

Тоа е една од извонредните согледби на Ниче. Бидејќи не сме доволно силни да живееме со лагите, правиме разлика меѓу добрите лаги, според кои се управуваме во животот, и лошите лаги, против кои се бориме. Сакаме да имаме нешто што не може да се има ‒ вистината. Само зашто се соодветни на нашите копнежи, нашите слабости и нашите интереси, прифаќаме дека одредени лаги се повистинити од други или пак се лажеме самите себе дека не можеме да продреме низ лагата, преправајќи се дека веруваме во неа.

Дотолку е сосема оправдано да зборуваме за патологијата на лагите. Постојат добри и лоши лаги, етични и неетични лаги, корисни и опасни лаги, што нè принудува да правиме разлики помеѓу нив, да ги третираме со посебно внимание и да ги читаме со посебна мисловна будност. Но сето тоа сепак се само лаги, и тоа е единствената вистина.

Mckenzie Wark е предавач на катедрата за медиуми при универзитетот Macquarie во Австралија. Автор е на ценети критички дела меѓу кои треба да се издвојат книгите Sensoria и Virtual Geography.


Susan Blackmore

Кога станува збор за дрогите, сите постојано сме изложени на лаги. Во таква измамничка атмосфера, мал број луѓе се осмелуваат да зборуваат за специфичните духовни искуства поттикнати со употребата на некои дроги, за увидите кои ги следат таквите искуства или едноставно за уживањето во консумацијата на некои дроги. Често слушаме за злоупотребата на дрогите, на што секако треба да му се стави крај, но мошне ретко нешто можеме да слушнеме за контролираната употреба.

Што е уште полошо, нашите деца постојано слушаат лаги во училиштето. Ги учат дека сите илегални дроги се опасни и никој не им дава корисни информации за начините на дејствување и употреба на одредени дроги. Дотолку децата немаат можност да изградат здрав однос спрема јаките дроги, па им преостануваат само две можни насоки ‒ можат во потполност да ги избегнуваат дрогите (што го применуваат само малобројни меѓу младите луѓе), или се губат во злоупотребата и во потполната збунетост.

Време е дрогата да им ја одземеме на криминалците и да ја пренесеме во просторот на контролираниот пазар (што ќе резултира со голем даночен доход). Дури тогаш ќе ја дознаеме вистината.

Susan Blackmore предава на катедрата за психологија на универзитетот West England. Авторка е на седум книги, меѓу кои треба да се спомне делото The Meme Machine.

 

Pay

Корпорациските односи со јавноста се вид уметност или наука на претставување на информациите со цел да се максимализира профитот. Понекогаш таа дејност е проактивна, како во случајот со рекламите.

Заговорот на Заливската војна посебно е драматичен пример ‒ компанијата Hill & Knowlton, инаку закачена на буџетот на кувајтската влада, ги дуваше и ги нагласуваше стравотиите на ирачкиот диктатор со цел да ги наведе американските даночни обврзници да ја поддржат војната.

Понекогаш дејноста е дефанзивна и е насочена кон разбивање на критиката и спречување на ерозијата на корпоративната слобода да се прави што се сака. Така, на пример, компаниите вклучени во опасни и потенцијално штетни потфати изработуваат таканаречени црни веб страници во случај на катастрофа или бунт на јавноста. Кога капењето нафта или некое слично откритие конечно ќе прокапе и во јавноста, црната веб страница, подготвена месеци или дури години наназад, укажува на значајната невиност на компанијата, на нејзината ужаснатост со неочекуваната катастрофа и на посветеноста кон идното унапредување на сигурноста.

Корпорациските односи со јавноста секогаш се некаква форма на лажење ‒ од наивните, ситни лаги до најлошиот вид дезинформирање. Во САД тие се заштитени со институтот слобода на говорот, зашто во седумдесеттите години на 19 век снажните корпорации, со помош на јака пропаганда, успевале за себе да си осигураат статус на правни личности, а со тоа и сите уставно осигурани права кои произлегуваат од таквиот статус.

Бидејќи целта на корпорациските односи со јавноста секогаш е максимизирање на профитот и бидејќи самата дејност е зачудувачки моќна и проширена, односите со јавноста снажно влијаат врз обликувањето на јавната свест и демократските процеси, па дури и врз Уставот кој треба да го осигура корпорацискиот стремеж кон добивка. Во секој случај, во споредба со корпорациските односи со јавноста, сите лаги кои циркулираат во просторот на медиумите и политиката изгледаат сосема безначајни.

Pay е член на компанијата Reserved Trademark која се занимава со различни видови корпорациски консталтинг.

 

Don Webb

Лагите се koine, заеднички јазик на светот. Однапред знам дека вработениот во фотокопирница ме лаже кога тврди дека сè уште не ми ги ископирал оставените книги зашто треба да го чекам редот ‒ а јас за возврат го лажам дека своите книги ги оставив пред времето кое тој го тврди.
Каква дребулија. Сепак, работите функционираат токму така. Десет милиони дождовни капки создаваат малецко езеро. Луѓето кои трагаат по големи лаги на адресите на Големиот Брат или некој сличен живеат во голема заблуда бидејќи ѕверат во брановите и мислат дека тие им го попречуваат погледот во Реалноста. (Можеби би им помогнало кога за момент би размислиле за теоријата на хаосот.) Суштината е во целото езеро, но никој од нас не се грижи за фактот дека токму ние го полниме со своите мали лаги.
Кога оваа белешка му ја проследив на Алекс Брнс, го известив дека поракава ја бев пратил на погрешна адреса, та дека затоа доцнела некој ден. Што да се каже, освен дека езерото порасна за уште една капка.

Don Webb е повеќекратен добитник на бројни награди и автор е на повеќе од 200 кратки приказни и текстови. Меѓу романите посебно се истакнуваат The Double: An Investigation и Essential Saltes.

 

Mark Amerika

Се разбира дека имам чувство дека постојано ме лажат ‒ изворот на лагите е Мултинационалното Воено Медиумско здружение за коешто пишував во својот прв роман под наслов The Kafka Chronicles, една приказна која делумно се занимава со Големите Лаги кои циркулираа во медиумите за време на Заливската војна. Навистина е необично чувството да се биде залепен за екранот во позиција на доброволна жртва на медиумите и пропагандните војни, да се допушти дезинформациите непречено да продираат во мојот крвоток како јазичен вирус избеган од контрола.

Лажењето е форма на уметност. Верувајте ми на збор како писател, односно личност која манипулира со јазикот настојувајќи да ја прераскаже вистината на начин одредени зборови одново да добијат значење и смисла. На едно место во мојот роман, во одделот под наслов Нашето и ние, раскажувачот вели:

Јазик: најдобра стратегија: спакувајте прав говор: додадете неверојатен заплет и слика: ослободете ја фантазијата од секој срам: впуштете се во прекопување на идот.

Во славните, изминати денови кога инспирираната, внимателна нација тежнееше кон конвергенција на илјадници светлински точки, постоеше само нејасна претстава за некаква направа за гледање ‒ а безбројните истражувања на јавното мнение и денес нагласуваат дека ние всушност сакаме да нè лажат, дека сето тоа е последица на нашите барања.

Еве уште еден навод од мојот роман, Хрониките на Кафка:

Ние, значи, сме ти: ние сме оние што треба да умрат за нив: за кои нив?: вклучете го телевизорот и дознајте: тие не се срамат да ги покажат сопствените лица: ионака ја имаат добиено нашата поддршка: тие велат ние: тие велат наше: тие велат ние: ние го правиме тоа што тие ни го велат.

Mark Amerika е еден од најценетите експериментални раскажувачи во Америка. Објавува во рамките на Alt-X Network.

 

John Shirley

Има ли смисла да се обвинуваат за лажење големите компании и владата ‒ кога лагите се составен дел од нашата култура?

Соопштенијата на различни канцеларии за односи со јавноста се објавуваат како вести... Сите ние добро знаеме дека политичките ТВ‒огласи се чиста лага, но сепак преминуваме преку тоа бидејќи ни се чини дека мора да биде така. Во Калифорнија неодамна на телевизија фармацевтското здружение ги предупреди луѓето дека можноста да се купат евтини лекови од, на пример, Канада, би можела сериозно да го загрози нивното здравје: беа назначиле дека тие лекови се опасни. Канадските лекови? Опасни? Огласот во најмала рака е чиста измама.

Но тоа е во ред и е дозволено. Тоа е нашата култура. Ние сме култура на лажговци. Со оглед на тоа дека секој сегмент на општеството е зафатен со таквата состојба, нашето прифаќање на лагите пронајде своја совршена форма во концептот за власта.

John Shirley го опиша Вилијам Гибсон како нулти пациент на сајберпанкот, средиште на вирусот кој е изразито заразен. Ширли е автор на радикалната, пророчка сајберпанк трилогија Eclipse, Eclipse Penumbra и Eclipse Corona.

 

Howard Bloom

Најголемата лага на денешницата е таа дека сите ние сме постојано мети на различни заговори ‒ жртви на различни глобални корпорации, владини агенции, локални трговци и сите други кои настојуваат да манипулираат со нашите умови.

Заговорничкото мислење, како повеќето можни приоди кон стварноста, истовремено е исправно и погрешно. Дури и најискрените меѓу нас постојано се обидуваат да утврдат ште е стварноста и никогаш не успеваат во тоа.

Уметниците, поетите, научниците, пророците, професорите, сите тие се обидуваат да го пронајдат патот до скриената суштина низ заплетканото ткаење од привиди. Со сите сили се трудат да ни ги пренесат своите откритија. Истото всушност и самиот го правам. Но, изрекувањето вистина е процес.

Се надеваме дека секое испитување на стварноста нè доведува чекор поблиску кон јасното сознание кое ќе ги подобри нашите животи. Но, сè што велиме содржи одредена грешка, делче од лагата инхерентна на стварноста.

За работата да биде уште посложена, секој од нас живее во поинаков свет, има различни проблеми, различни способности и различен сензибилитет. Она шта за мене е недвосмислена вистина вам може да ви биде чиста невистина. Сакам ли со зборовиве да влијаам врз вас? Се разбира. Инаку не би го пишувал ова што го пишувам. Дали моите зборови се дел од заговорот насочен кон манипулирањето со вашиот ум? Ако тоа се, јас не сум свесен за тоа.

Она што ме загрижува е следното. Постмодернистите цела една генерација поучија дека речиси секое тврдење е измама којашто моќниците ја користат со цел да заведат. Сепак, дури и ТВ рекламите ‒ проникнати со настојувањето да нè убедат во нешто или да ни го променат мислењето ‒ неретко се обележани со чудата на обработената слика.

Пред нас стои избор: можеме да ја презираме поламинутната порција магија зашто зад неа стојат Мицибиши или Бјуик, или можеме да го заборавиме спонзорот и да им се восхитуваме на чудесијата на кинематографијата. Восхитот или неговото изостанување зависат од секого од нас. Во секој случај, нè лажат кога ни тврдат дека убавините на постојат и дека сè околу нас е само заговор.

Howard Bloom е придвижувач на Меѓународниот палеопсихолошки проект и гостувачки професор на универзитетот New York. Автор е на книгите Global Brain и The Lucifer Principle.

 

Greg Bishop

Теоретичарите на заговорот (како и сите нивни пријатели кои постојано ги пребаруваат сивите зони на воениот и државниот естаблишмент) тврдат дека ќе почнеме да обрнуваме внимание на лагите дури тогаш кога ќе имаме само три бои и три стила на облекување, исто толку видови автомобили и персонални компјутери, и канцеларии на секој автопат (компјутерски или асфалтен) за проверка на личните податоци. Ако тоа е вистина, тогаш им нема крај на дезинформациите и на неконтролираниот проток. Многу е поефикасно и подоходовно да нè убедат дека имаме избор, отколку отворено да посегнат по различни форми на контрола. Станува збор за лукавство кое нема скоро да биде отфрлено. Сè што ни преостанува е да продолжиме да се ориентираме спрема едноставната свест која стои во темелот на нашето поимање на нештата. Тој елементарен систем на алармирање секако треба да го одржиме во живот.

Дури и површниот поглед врз постоечката литература за заговори доволен е човека сосема да го избезуми. Ако прочитате премногу такви приказни (а ретко кој успева да се задржи на една!), параноидниот ментален склоп несомнено ќе завладее со вашиот ум. Каков е тој звук во телефонската слушалка. Кој вози зад мене? Зошто писмата во сандачето се затворени со леплива трака? Параноидноста станува ваш животен стил, како јадењето, дишењето и трагањето по некого со кого ќе ја поминете ноќта.

Од моментот кога лекарот во родилиштето ве плеснал по газот, непрекинато сте изложени на лаги. Единствената разлика е што сега сте пораснати.

Greg Bishop е уредник на влијателното списание за заговори, The Excluded Middle.

 

Phil Farber

Мислам дека најголемата лага е дека постојат други луѓе. Границите на јаството и нејаството само се фин привид со кој се служиме за да ја продолжиме играта на свеста. Со малку волја, вашата свест може да биде пренесена во вашиот компјутер, во вашата маса, фрижидер или илјада километри далеку од вас (ако не ми верувате, пријавете се за експеримент или вредете ме во сопствениот попис на лажговци). Свеста може да се пренесе во која било личност.

Најголема лага е дека нашата особеност, посебност или нашето его се одвоени од сето/секој друг(о). Проблематичното овде е она кој? Кој ја смисли таа лага? Дали самите сме ја создале? Дали ни ја всадиле родителите или општествените институции додека сме биле деца? Дали Господ ја создал таа голема лага?

Ако верувате во вистината, веројатно ќе ви биде тешко да прифатите дека сето она што го согледувате всушност е дел од сложен спектар од лаги чиешто разгранување навистина е восхитувачко. Постои ли макар една креативна личност за која верувате дека вашиот живот би можела да го направи понеобичен?

Phil Farber е уредник на Интернет магазинот Paradigm Shift кој се занимава со магија, музика, хипноза, медиуми и со прашањата на свеста. Автор е на книгата Future Ritual.

Крај.

Кон првиот дел. 

Избор и превод: П. Вулкански

Стрип кадри: Mandrake the Magician

Слични содржини

Свет / Култура / Теорија
Никола Гелевски
Свет / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото