Tеорија на заговор: Дали нè лажат? (1)

12.12.2023 03:09
Tеорија на заговор: Дали нè лажат? (1)

Уредниците на книгата You Are Being Lied To (2001), на истакнати американски активисти, медиумски аналитичари, научници, филозофи, авангардни уметници, икони на контракултурата и теоретичари на заговорот, им го поставија прашањето Дали нè лажат, зошто, и кој тоа го прави? Одговорите беа различни, од општествено-политичка критика до лична рефлексија. Пренесуваме некои од нив.


Charles T. Tart

Се разбира дека нè лажат! Слушањето туѓи лаги е составен дел од нашиот живот на Земјата, токму како што составен дел од растењето е пронаоѓањето разумен компромис меѓу наивното суеверие и патолошката параноја.

Сепак, туѓите лаги не ме загрижуваат во онаа мера во која ме загрижува нашата навика да се лажеме самите себе, без да сме свесни за тоа. Најголемиот лажго со кого морам да се носам токму сум самиот, со сите свои надежи, стравови, двоумења и психички одбранбени механизми кои битно го изобличуваат начинот на којшто го доживувам светот околу себе и се однесувам спрема него.

Charles T. Tart е научник ширум светот познат по психолошкото разгледување на природата на свеста ‒ посебно на променетите состојби на свест ‒ и како еден од втемелувачите на подрачјето трансперсонална психологија, и како упорен истражувач на парапсихолошките феномени.

 

Clifford A. Pickover

Историјата на светот е историја на лагите. Се чини вистинито да се каже дека не постои ниеден сегмент од историјата, религијата, политиката или науката кој не е осквернавен со измислици и измами. Лично многу добро сум упатен во научните и медицинските измами. Свесен сум, меѓутоа, дека зборот лага понекогаш е претежок, со оглед на тоа дека постојат повеќе можни пристапи до вистината, токму како што постојат многу приказни кои никогаш не стигнале до јавноста а сепак не се лажни.

Една од таквите приказни е и таа за продолжувањето на животниот век на човекот и за зголемувањето на неговата интелигенција. Иако во вестите често можеме да слушнеме дека луѓето во иднина ќе живеат подолго, мошне ретко наидуваме на тврдењата за тоа дека нашите деца или внуци до крајот на столетието ќе станат бесмртни.

Ако се земе предвид големиот напредок кој во следните стотина години ќе се случи на подрачјето на молекуларната биохемија, нема никакво сомневање дека научниците ќе ги откријат молекуларните и клеточните тајни на стареењето, па бројни луѓе ќе живеат засекогаш, освен ако не им се случи некоја кобна несреќа. Ме чуди што за тоа важно прашање толку малку се расправа и му се пристапува како да е шега. Неговите еколошки, економски, политички, општествени и религиски последици навистина ќе бидат екстремни. Замислете го бесмртниот Папа како со своите следбеници расправа за задгробниот живот ‒ или развојот на двете општествени класи, оние кои ќе можат да си ја дозволат бесмртноста, и оние кои се пресиромашни за да можат да се изложат на третманот против стареењето. 

Физичарот Clifford A. Pickover докторираше на универзитетот Јеил и автор е на повеќе од дваесет книги.

 

Jodi Dean

Познатиот словенечки филозоф Славој Жижек е автор на значајната теза според која вистината може да функционира како лага.

Тоа значи дека некој може да ми каже вистина, но да лаже во начинот на изнесувањето на таа вистина. Притоа не мислам на некоја сосема очевидна или небитна лага. Станува збор за тоа дека во низ медиумите сеприсутната посредувачка корпорациска култура, вистината ‒ односно искреноста, фактите или соопштенијата ‒ многу поефикасно од самите лаги го затвора човека во системот и го прави покорен.

(Токму тоа е една од работите кои изразито ме иритираат кај бројните теоретичари на заговорот. Тие, имено, пишуваат како да е некоја голема тајна фактот дека корпорациите склопуваат договори, продаваат лоши производи, ја загадуваат околината и слично.)

Неодамна гледав изразито лош филм, Момчиња (1986), со Вајнона Рајдер. Дејствието се случува во машки интернат каде што едно од момчињата се обидува во својата соба да ја смести онесвестената Вајнона Рајдер. Тој никако не успева да ги натера своите пријатели да си заминат, а тие постојано го тормозат со прашања од типот, Каква е таа голема тајна, и бла, бла, бла. Конечно момчето им одговара: Во мојата кола има онесвестена девојка која сакам да ја сокријам во својата соба. Во тој момент момчињата се вртат и смеејќи се ја напуштаат собата, убедени дека станува збор за лага.

Лагите и вистината денес се посложени од кога било порано, бидејќи живееме во изразито цинична култура. Никој веќе не верува во ништо, па стварната содржина на пораката всушност веќе не е ни важна.

Воведете ја таа теза во просторот на политиката. До нас допираат разновидни информации ‒ да, навистина се правени експерименти врз мажите од афроамериканско потекло во Тускеге; да, американскиот воен персонал и цивилите навистина беа изложени на мошне висок степен на радијација во текот на американските воени експерименти; да, водечките компании за развој на технологијата навистина им исплаќаат големи суми пари на политичарите од сите определби. Сето тоа се вистинити тврдења кои, меѓутоа, функционираат како лаги што нè тераат самиот систем да го сметаме за чесен, праведен и единствен.

Размислете за начинот на дејствување на информациите (што е, да речеме, една од работите која ме излудува во сопствените обиди за политичко дејствување). Пред било што да се случи, сите зборуваат: Гледајте, уште немаме доволно информации ‒ како да е, на пример, непознат фактот дека полицијата во голема мера е расистички настроена. Кога, пак, нешто ќе се случи, следат одговори од типот, Информациите што ги добивме мошне се противречни.

Првиот тип информација би значел потврда на очевидното ‒ кое, меѓутоа, се обвива со секакви објаснувања од типот: Нештата се менуваат, Изнајмивме нови луѓе, Истрагата е во тек. Другиот тип би значел ужасно признание: Ох, па се разбира дека цигарите се систем за испорачување никотин ‒ но таквата информација се обвива во оправдување: Луѓето сакаат систем за испорака на никотинот. Другите оправдувања всушност се своевидно одвлекување од жариштето на темата: Не ли е сиромаштијата многу поважна тема; А што ќе правиме со земјоделците?

Во секој случај, сакам да кажам дека вистината и лагата се сосема ирелевантни. Она што е релевантно е разбирањето на системот, осознавањето како дејствува моќта и запознавањето на начините како е можно нештата да се променат.

Jodi Dean е професорка на катедрата за Политички науки на колеџот Hobart William Smith. Авторка е на повеќе книги, меѓу кои и Aliens in America.

 

Jack Sarfatti

Повеќето физичари кои пишуваат книги за пошироката јавност не ни ја зборуваат вистината за квантната физика. Всушност, не станува збор за тоа дека нè лажат, туку за тоа дека тие научници не се свесни дека Дејвид Бом (David Bohm) ги решил повеќето клучни проблеми кои тие ги претставуваат како нерешени тајни.

Добар пример е книгата на Julian Barbour, Крајот на времето: Следната револуција во физиката (2000). Џулиан е добар човек, мошне паметен, добар писател и сериозен мислител. Тој врши восхитувачка работа на подрачјето на популарната квантна метафизика во чијшто темел лежи претпоставката дека функцијата на квантниот бран во потполност ја опишува стварноста на ниво на поединецот, без дополнителните скриени варијабли. Џулиановото решение на проблемот на времето во квантната гравитација, меѓутоа, ќе се распадне штом врз него ја применима онтологијата на Бом. Дотолку, неговата книга е добар посреден аргумент во прилог на Бомовата онтологија.

Колку што слушам, нè лажат и за постоењето на механичките летечки чинии кои потеклото го влечат од напредната вонземска интелигенција од некое друго време. Можеби грешам, но моја претпоставка е ‒ заснована врз несовршени, непотполни информации ‒ дека нашата војска дошла во посед на вонземска машина чие функционирање, меѓутоа, не е способна да го разбере и тоа заради глупавите сигурносни ограничувања поради кои сите оние пролупани типови каков што сум самиот, кои би можеле да разберат за што станува збор, се исклучени од расправата.

Го заклучив тоа од разговорот со бројните разузнавачи во текот на изминатите триесет години. Со оглед на тоа дека во 1953 година и самиот веројатно имав контакт со вонземјаните, убеден сум дека во тенкиот слој на тие летала постојат успиени свесни нанокомпјутери. Ако нив ги допрат вистински луѓе, значи дословно да ги допрат ‒ баш како што прстот на мајмунот го допира Црниот Монолит во филмот 2001: Одисеја во космосот ‒ тие ќе се разбудат. Можеби ова е само детска фантазија. Но, можеби е и стварност. Сè може лесно да се докаже со само еден единствен експеримент.

Jack Sarfatti е еден од водечките научници на Меѓународното здружение на истражувачи на космосот. Тој втемелувач на Одделот за истражување на физиката на свеста при институтот Esalen би бил извонреден сценарист во сериите налик на Досијеата Х.


Angel Bruns

Дали нè лажат? Не, сега веќе не.

Таа фаза заврши, барем во Австралија, а претпоставувам и во повеќето држави од западниот свет.

Во денешно време сите ја зборуваат вистината или барем успеале да се убедат себеси и своите следбеници дека тоа го прават. Било да верувате дека сидата нема никаква врска со ХИВ, дека загадувањето на воздухот не го создава ефектот стаклена градина, дека тутунскиот чад не е канцероген, дека не постојат украдените поколенија Абориџини и жители на островот Torres Strait, дека Мајкрософт придонесува за светската економија, дека Бил и Моника само разговарале за намалувањето на долгот на земјите од Третиот свет, сигурно ќе најдете луѓе кои ќе се согласат со вас, токму како што ќе најдете ‒ или ќе купите ‒ научни студии кои ќе ги потврдат вашите убедувања.

Angel Bruns се занимава со истражување на Интернетот на универзитетот Квинсленд.

 

Douglas Rushkoff

Сметам ли дека нè лажат? Мислам дека попрво се лажеме самите себеси. Всушност сакаме да веруваме дека некој ги полни нашите мозоци со невистини за да се ослободиме од одговорноста спрема самите себе и спрема луѓето што нè опкружуваат.

Лично не мислам дека група луѓе владеат со нашиот свет и ги дезинформираат масите. Верувам дека ние избираме одредени личности и институции врз кои потоа ја проектираме сопствената немоќ, а тие само ја користат шансата.

Кога некоја група или поединец ќе стекне контрола над средствата за комуникација ‒ било тоа да се јазикот, телевизијата или Интернетот ‒ тогаш тие стекнуваат нечесна предност во застапувањето одреден светоглед. Католиците тоа го направија со религијата, Британците со јазикот, Хитлер со радиото, а Американците со телевизијата и со Интернетот. Тоа всушност не е лажење ‒ станува збор за тоа волшебните трикови да се претстават како реалност. Сепак, најчесто нашата алчност е мета за таквите трикови.

Мислам дека се лажеме кога се убедуваме себеси дека состојбата отсекогаш била таква и дека ништо не може да се промени.

Убеден сум дека можеме да престанеме да си се лажеме секогаш кога тоа ќе го посакаме, дека се плашиме тоа да го направиме и, конечно, дека многубројни луѓе сфатиле дека до моќта најдобро се доаѓа преку искористувањето на тој страв.

Douglas Rushkoff е професор по медиумска култура при Универзитетот Њујорк и советник на Комисијата за светска култура на ОН. Автор е на осум книги, меѓу кои се истакнува Coercion: Why We Listen To That "These".

 

Geert Lovnik

Лажењето е необично возбудлив, би рекол мошне човечки квалитет. Не треба туку-така да се отфрли. Не треба, меѓутоа, ни да се преправаме дека лесно ќе се ослободиме од таа лоша состојка на човечноста. Ве молам, поштедете ме од исцелувачките практики. Со оглед на тоа дека е направена мапа на човечкиот ДНК‒ланец, во врска со исцелувањето можеме да го очекуваме само најлошото. Сигурно ќе се најде некој американски научник, мега‒христијанин, кој ќе открие лажлив ген и ќе заговара глобално бришење на тој дел од ланецот. Се разбира, во најдобра намера.

Слава на лажговците, проклетство на заговорниците на вистината!

Деконструкцијата или занемарувањето на пропагандата, во контекстот на информативните медиуми, стануваат сè поедноставни. Дотолку вестите што ги пренесува CNN не го сметам за лаги. Обвинувањето за лажење евентуално може да им се упати на некои одговорни во Пентагон. Информативните медиуми се обични овци. Единственото што може да им се приговори се нивните кроткост и покорност ‒ нивниот обичај да се однесуваат како стадо.

Во меинстрим‒медиумите речиси нема храбри отпадници, освен, да речеме, John Pilger, Germaine Greer и неколкумина други. Да се занимаваш со истражувачко новинарство е исклучително тешко. Повеќето новинари во информативната индустрија само ги препишуваат новинските извештаи на различни агенции и на другите куќи.

Вестите се стока како и секоја друга. Специфичноста на таа стока е што ја има малку. Изненадување, изненадување. Обработката на вести ширум светот, на телевизијата, радиото, во весниците или на Интернет навистина е неверојатен процес. Парчето информација со фантастична брзина патува низ мрежата, при што се умножува и мутира. Замислете ги сите оние бедници кои седат приковани крај екраните, и ги копираат и лепат пристигнатите новости. Зарем тие лажат? Не, никако. Тоа е јасен пример за позицијата отаде или вон границите на доброто и злото, која е последица на вонморалната суштина на информацијата.

Војната на Косово може да послужи како добар пример. Бројни информации зборуваа за ужасната состојба на Косово и пред 1998 година кога започнаа оружените судири. Како 1998 година се приближуваше кон крајот, информациите стануваа сè понејасни. Стана очевидно дека српската војска, нивното водство и медиумските манипулатори мошне добро знаат како да се излезе на крај со медиумската индустрија на Западот. Истото важи и за косовско‒албанската страна и за нивната ОВК. Кон крајот на мај 1998 година западните медиуми со голем интерес му се посветија на судирот, притоа немајќи време да ги проверуваат фактите за настаните. Не им преостана ништо друго освен да станат робови на Пентагон.

Причината за сето тоа е едноставна, а се вика: време. Фактите секако треба да се проверуваат. Во реалното време на 24‒часовно известување за такво нешто, меѓутоа, едноставно нема време. Сè мора да биде јавено истиот момент. Ако тоа не го направите вие, ќе го направи некој друг пред вас.

Пол Вирилио многу пишувал за тој механизам. Можеби ќе поминат пет или десет години пред да стане јасно што навистина таму се случило, кој кого убивал и кој кого измамил во поглед на информациите. Пресудна улога во тој процес ќе одигра хашкиот трибунал, а битна улога можат да имаат и сликовните записи на одредени невладини организации. Количеството информации коешто тие луѓе ќе го изнесат за случајот Косово сигурно ќе биде големо. Вистината можеби е скриена во тоа купиште од самоумножувачки нејаснотии.

Geert Lovnik е суперпридвижувач на амстердамскиот проект Дигитални градови и еден од втемелувачите на трибината под наслов Next Five Minutes. Подолго време беше уредник на списанието Mediamatic и член е на групата Agentur Bilwet.

Кон вториот дел.

Избор и превод: П. Вулкански

Стрип кадри: Mandrake the Magician

Слични содржини

Свет / Култура / Теорија
Свет / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото