Хаотичен град создава хаотични луѓе – скопскиот урбанистички лик и неговата иднина

15.01.2024 11:54
Хаотичен град создава хаотични луѓе – скопскиот урбанистички лик и неговата иднина

Облеката можеби не го прави човекот, но градот дефинитивно ги прави и ги обликува своите граѓани. Како што главниот град на нашата дражва се претворa во хаотична и непрепознатлива верзија од себе, така и неговите граѓани сè помалку можат да си го најдат своето место во него.

Скопјани забележуваат сè помалку зеленило, отворени простори и културни центри, а сè повеќе нови згради натрупани една врз друга. Се чини оти во Скопје има бесконечно место за капиталот, но не и за неговите граѓани.

Но, како точно влијае скопскиот урбанистички план на физичкото и менталното здравје на неговите жители, како и на нивните меѓусебни односи? Како стигна урбанистичкиот план до каде што е денес и дали постои иднина за поартикулиран градски план?

Што им пружи градот на своите граѓани?

Јордан Шишовски, професор на Факултетот за архитектура и дизајн на универзитет Американ колеџ, ја истакнува важноста на урбаниот план на еден град при обликувањето на животот и расположението на граѓаните во него.

„Градот е арената, местото каде што се случува општествениот, љубовниот и културниот живот – сè се случува во градот. На кој начин е формирано градското ткиво се одразува врз општеството, врз личноста и врз тоа како се формираат граѓаните. Скопскиот граѓанин живее во хаотичен град, чија средина е валкана, неартикулирана, полна со хаос и судири. Тоа се одразува на неговиот лик и физиономија. Тој станува хаотичен и намуртен, исполнет со гнев, бес и лутина”, вели Шишовски.

Урбаниот хаос исто така спречува адекватна комуникација меѓу граѓаните. Вангел Ноневски, професор по естетика на Филозофски факултет и визитинг професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, коментира во однос на тоа како скопскиот урбанистички план има придонесено до умртвувањето на „културата на средба” во градот. Според него, се создава еден урбан амбиент во кој, наместо да се остави простор за граѓанинот слободно да се движи низ градот, се гуши неговото секојдневно движење и циркулирање низ градот.

Како опиплив пример за скопски простор кој е изграден за природно движење на луѓето, Ноневски го посочува Градскиот трговски центар (ГТЦ). Архитектите зад ГТЦ не го конципирале само како место за купување добра, туку како место низ кое граѓаните слободно би можеле да се движат.

Ноневски објаснува како ваквиот концепт за трговски центар се разликува од тој на модерните капиталистички молови кои сè повеќе го украсуваат скопскиот пејзаж – тие се дизајнирани да влезеш и да се „изгубиш“ во нив.

Задушениот и хаотичниот урбанистички план всушност одзема од простор за адекватни, како што социологот Реј Олденбург ги нарекол, „трети места ”, односно простори кои не се нашиот дом или работно место, во кои можат слободно да се среќаваат жителите на една заедница. Тука спаѓаат кината, културните центри, библиотеките, па и берберниците и кафулињата.

Ноневски го истакнува проектот „Скопје 2014” како клучна точка во трансформирањето на урбаниот лик на главниот град. Еден од најголемите „гревови” на истиот е менувањето на карактерот на централното градско подрачје и плоштадот, важно „трето место” на Скопје.

„Според книжевниот теоретичар и филозоф Ролан Барт, централното градско подрачје претставува место на ерос, место каде младите луѓе се среќаваат без некаков повод или причина. Треба да биде место каде што тие можат да ја манифестираат својата слобода. Центарот е место каде што сите маски паѓаат, човекот се манифестира баш онаков каков што е. Своевремено, пред да се изгради плоштадот каков што е денес, така го доживувавме плоштадот, како место каде што немаше никакви настани, самото наше присуство претставуваше за нас настан”, вели Ноневски.

Друго важно „трето место” се зелените површини. За жал, сведоци сме на нивното континуирано занемарување во име на нови згради. Не само што тие се противотров на прегустиот урбанистички план, според Лилјана Поповска од еко-организацијата Зелен институт, тие се клучни и за физичкото здравје на едно население.

„Зеленилото е еден од најважните фактори за обезбедување здраво живеење во градовите и намалување на штетите од климатските промени. Зеленилото ја намалува температурата, обезбедува влага, кислород, сенка и допир со природата, кој му е неопходен на човекот”, посочува Поповска.

Друг вид заеднички простор кој продолжува да се занемарува се културните простори. Оваа состојба се истакна во јавност кога на почетокот на годината сите скопски културни центри кои се под Град Скопје, вклучувајќи го и Младинскиот културен центар (МКЦ), се соочија со поразително кратење на нивниот буџет на почетокот на оваа година.

И Шишовски и Ноневски истакнуваат дека во Скопје има сè помалку место за културата и уметноста. Според Ноневски, уметничкото дело денес постои само ако перципирано и комуницирано низ средба и интеракција, овозможено преку интернетот, но и преку отворените културни простори. Занемарувањето на културата на средба и на културните центри како место за средба на граѓаните директно влијае на помала културна свест и чувство на заедништво кај скопските граѓани.

Новинарката Али Конти за Атлантик исто така потенцира дека и „третите места” кои преостанале всушност не се толку достапни за сите граѓани поради нивните високи цени – проблем кој е добро познат во главниот град, и кој особено беше присутен изминатата година како последица на драстичната инфлација која ја зафати државата.

Конти исто така констатира дека недостигот од „трети места” доведува до атомизација на луѓето и ги отуѓува од реалноста околу нив, што пак ги прави подложни за секакви екстремистички ставови.

Шишовски слично аргументира дека негативноста што се создава во духот на секој граѓанин кој секојдневно се справува со скопскиот урбан хаос директно влијае на видот на политика која владее во нашето општество. Политиката во државата ги искористува овие негативни емоции за да се создаде дополнителни паника и страв кај граѓаните. Според Шишовски, меѓу другото, затоа преовладува политика на национализам, омраза и шовинизам во државата.

Ноневски дополнително тврди дека „Скопје 2014” сам по себе промовира социјално исклучување и послушност, а не отвореност и партиципативност, што доведува до понатамошно отуѓување на граѓаните од својот град.

„Нео-класицизмот и барокот нè враќа во една ера во којашто се бара од луѓето послушност, идолопоклонство, стравопочит кон некаков владетел, врховен монарх. Монарсите се оние луѓе кои сметаат дека од Бога им е дадено да владеат, а тоа е тотално некомпатибилно со времето во кое живееме. Тие згради своевремено кога се граделе, во 18. и 19. век во Европа, се граделе во време кога монархии биле на власт, кога сето тоа било сосема нормално. Меѓутоа, денес, кога доминантниот систем на управување со луѓе е демократија (или би сакале да биде), да се враќаме во едни времиња кога други системи биле актуелни е нешто што дополнително го уназадува и го урнисува урбаното живеење во Скопје”, објаснува Ноневски.

Шишовски исто така потенцира дека во главниот град видливо се гледа корупцијата во општеството, што дополнително ја зачинува негативноста со која внатрешно се борат скопските граѓани секој ден. Во хаотичното растење на урбаното ткиво се гледа нашиот најголем неуспех како општество – да успееме да изградиме правна држава, во која владеење на правото ќе биде еднакво за сите.

„Во градот секој граѓанин јасно гледа дека живееме во средина каде богатите ја имаат моќта и во кое не владее правдата и артикулираноста”, вели Шишовски.

Како Скопје стигна и продолжува да живее во урбан хаос?

И покрај тоа што на речиси секому е јасно дека сегашниот урбан план не се движи во добар правец, се чини оти ништо не може да го спречи. Кои се тогаш структурите кој кои го овозможуваат урбаниот неред?

Ноневски ја потенцира потрагата по профитот.

„Кога ќе им ги нудат тие градежни планови на луѓе со куќи каде што ќе им кажат ’ќе изградиме зграда до 5-6 спратови, вам ќе ви дадеме 2-3 стана‘, поради сиромаштијата луѓето се најчесто наведени да се согласуваат со такви понуди и бидејќи нема законска регулатива којашто го оневозможува, секојдневно никнуваат згради на места коишто се наменето да бидат еднокатни куќи максимум”, објаснува тој.

Архитектот Бошко Видоески за Радио МОФ вели оти начинот на финансирање на општините е проблем при планирањето. Нивниот буџет во најголема мера доаѓа од надоместокот за уредување на градежно земјиште, што пак го предизвикува неконтролираното зголемување на површините на градба.

Самиот законик исто така има неусогласености кои потоа се експлоатираат, особено кога станува збор за зелените површини. Поповска потенцира дека иако во 2018 година е усвоен Закон за урбано зеленило, Законот за урбанистичко планирање, усвоен две години подоцна, користи различна терминологија од него, со што голем број членови од Законот за урбано зеленило станаа или целосно или делумно неупотребливи во процесот на урбанистичко планирање.

„Особено шокантна е анализата на дваесеттина урбанистички планови во Скопје, што ја изработи експертска група ангажирана од Зелен институт во текот на оваа година, каде се детектирани скандалозни однесувања на приватни и службени лица, кои не само што ги изигруваат законите, туку и здравиот разум. На пример, во делови од ГУП впишуваат нула проценти зеленило, или во 20 отсто зеленило на градежна парцела бројат зеленило на покрив, на вертикална фасада, под градбата и слично. За непочитувањето на Законот за урбано зеленило придонесуваат и ниските казни за прекршоци, кои наметнуваат нужност за измени на законот во овој дел и усогласување со Законот за прекршоци донесен во 2019, кој овозможува трипати повисоки казни за прекршоци кои ја засегаат животната средина и здравјето”, објаснува Поповска.

Што се прави за подобрувањето на урбаниот лик на Скопје?

Иако главниот град станува сè потежок да се сака, сепак ги има оние кои не се откажуваат од љубовта кон него и се обидуваат да го направат да е онаков каков што би сакале да биде.

Зелен институт во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби покрена иницијатива за низа промени во законите во врска со урбаното зеленило.

Поповска објаснува оти промените вклучуваат зајакнати стандарди за зеленило – 25 квадратни метри јавно зеленило по жител и 50 квадратни метри вкупно зеленило по жител на ниво на град и најмалку 30% зеленило на градежна парцела, како одговор на климатските промени.

Закон за урбано зеленило би се допрецизирал и би вклучувал сериозни казни за поединци, но и санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило или уништиле зеленило.

„Со оглед на широката поддршка на сите досега консултирани институции, струкови организации, експерти и граѓански екоактивисти, очекуваме овие законски измени да се донесат пред распуштањето на Парламентот”, објаснува Поповска.

Дополнително, младите архитекти и урбанисти покренуваат иницијативи за позелено и поотворено Скопје.

Во ноември оваа година беа објавени резултатите од конкурсот за Расадник, односно за идејно решение за Деталниот урбанистички план за оваа градска четврт во Општина Кисела Вода. Еден од двата победнички труда беше изработен од студенти на Меѓународниот Балкански Универзитет, чиј план вклучува повеќе од 100.000 квадратни метри зелена површина. Иако претходно беше предвидено да се градат згради, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски јасно кажа дека е на страната на зелените површини и против бетонизацијата на Расадник.

Друга иницијатива се засега за подобри младински простори беше таа предводена од архитектот Филип Конески за пренамена на комплексот магацини „Славија” во Кисела Вода во Културен центар. Конески се повикува на слични пренаменети стари објекти како што се „Цукрарна” во Љубљана, стара фабрика за шеќер и „Coal Drops Yard” во Лондон, стар објект за пренесување на јаглен.

На повик за финансирање на проекти од областа на културата, на архитектите зад идејата за „Славија” им биле доделени средства за истражување, документација и разработка на идејно решение со цел презентирање на можностите и капацитетите. Нивниот план вклучува хостел, вајарско студио, библиотека, едукативен центар, простор за концерти и многу други објекти.

Исто така постои организацијата „Културно ехо”, која долги години работи на откривање и на решавање на заедничките прашања за одржлив урбан, социјален, општествен и културолошки развој. Нивниот најобемен проект е „Напуштени можности”, кој цели да ги пренамени многуте напуштени простори во државата. Нивна е иницијатива „Купром – студентски град”, поттикната од недостатокот на културно-едукативни центри, која беше презентирана на отворените денови на младински иницијативи на граѓанските организации во Владата, како и реставрирањето на спортската сала „Партизан” зад „Сити мол”, која беше официјално отворена на крајот на изминатата година по долги години неактивност.

„Пренамената на напуштени објекти претставува светска практика. Како примери би ги навела ’Метелкова‘ во Љубљана, која била воен објект, ’Кристијанија‘ во Копенхаген на место на воени бараки, ’Л-икс Фабрика‘ во Лисабон направено на место на стара текстилна фабрика, музејот ’Тате‘ во Лондон направен во стара електрична централа и многу други. Успешен пример кај нас е Културно-социјалниот простор Центар Јадро, направен во напуштен општински објект во Дебар маало“, вели Дафина Шекутковска, претседателката на „Културно ехо“.

„Културно ехо” исто стои зад иницијативата за „Младински хибридни центри”, кои би претставувале спој од култура со научно-технолошки развој и претприемништво.

„Оваа иницијатива ја поднесовме заедно со организацијата Стартап Македонија. Правевме истражување што има во младински културни центри низ светот, што недостасува кај нас. Се состои од повеќе целини и програмски активности, меѓу кои се и мултифункционална сала – за изложби, музички настани, предавања, обуки, работилници, перформанси, ’food tech lab‘ лабораторија за развој на иновативни домашни прехранбени производи, ’hub lab‘ лабораторија со 3Д принтер, ’high tech lab‘ лабораторија за виртуелна реалност и гејминг, библиотека со литература за развивање на знаењата и претприемачкиот дух и друго. Центарот има за цел да промовира еколошка свесност и одговорност, па замислен е неговиот ентериер да е опремен со рециклирани материјали, да користи енергетски ефикасни уреди и соларни панели“, вели Шетуковска.

Можеби највпечатлив аспект од оваа иницијатива е пренамената на старата опожарена пошта во центарот на градот за токму ваков центар. Објектот, проектиран од Јанко Константинов во 1973 година, во 2021 година се најде на списокот на седумте најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа.

„Културно ехо” ја истакнуваат важноста на партиципативноста, отвореноста и вклученоста на самите граѓаните како клучни концепти за еден простор да биде вистински во функција за граѓаните за да истите го чувствуваат како свој.

„Партиципативност значи отвореност и достапност за сите граѓани, нивна континуирана инволвираност преку настани, активности, обуки, работилници и ресурси. Таа е особено значајна во средини како нашата, каде довербата во институциите на системот е на многу ниско ниво, па ова ќе биде шанса граѓаните да се вклучат директно и да бидат дел од иницијатива водена оддолу нагоре”, потенцира Шекутковска.

Иницијативата за „Младински хибридни центри” беше усвоена во владата во јули, а министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска неодамна потенцираше дека ѝ било мило оти постои расположение од раководството на Пошта да седнат на маса.

Сепак, Шекутковска вели оти изведувањето на вакви инцијативи претставува константна борба до крај. Таа потенцира дека иако институциите досега покажале расположение за вакви иницијативи, борбата за финансии значи и потрага по други извори на средства. Имено, во техничкиот извештај на Поштата стои дека тие најмногу очекуваат пари од Европската унија, „Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата” на САД и дека „локалното финансирање е исто така ограничено, но може да има можности за одреден придонес од Владата и евентуално од Град Скопје”.

„Урбанизмот и архитектурата не се стриктно професионални прашања, туку се прашања за најшироката благосостојба на човекот и на градот и на општеството. На кој начин е формирано градското ткиво се одразува сето тоа и врз општеството и врз личноста и врз тоа како се формираат граѓаните – дали како артикулирани, мирни, способни, креативни личности или како неартикулирани, диви хаотични, нерасположени”, истакнува професорот Шишовски.

Шекутковска ги повикува сите граѓани на одговорност, односно да ги следат социјалните медиуми на своите општини и да доаѓаат на деновите кога се даваат деталните урбанистички планови на увид. Таа ги поздравува здруженијата како „Да го зачуваме Лисиче” и „Борба за Влае” кој се борат за подобро утре во Скопје и ги охрабрува граѓаните да ја следат и поддржат нивната борба.

„Ги охрабруваме граѓаните да се организираат и реагираат секогаш кога урбаната мафија оперира незаконски”, порачува Шекутковска.

Извор: https://meta.mk/

ОкоБоли главаВицФото