Градежното лудило не почитува ниту закон ниту план

24.09.2015 00:39
Градежното лудило не почитува ниту закон ниту план

Граѓаните се собираат на протести, собираат потписи, прават петиции, но власта не отстапува од идејата да се гради на зелените површини меѓу зградите, со што се газат основните параметри за квалитетно урбано живеење внесени во Генералниот урбанистички план за Град Скопје.

 


Нов бран на изградба на висококатници се провира низ деталните урбанистички планови (ДУП) во Скопје. На удар се Центар, Кисела Вода и Карпош, каде што граѓаните веќе се организираат за да го спречат донесувањето на деталните урбанистички планови, Но, она што недостасува во граѓанската иницијатива е масовноста, односно секој си гледа во сопствениот двор, а законот вели дека за да не се изгласа некој детален урбанистички план, потребно е за тоа да се изјаснат 10 проценти од полнолетните граѓани, односно од запишаните гласачи во една општина.

За некои измени веќе е доцна. Багерите веќе влегле и раскопуваат, а тоа што граѓаните се собираат околу оградениот простор, власта не ја засега.

Архитектот Мирослав Грчев смета дека власта е таа што, всушност, го диктира новиот изглед на Скопје, диригирана од политички и бизнис-интереси, без притоа да го земе предвид квалитетот на урбаното живеење.

- Во градот Скопје и пошироко, политиката, како централната така и локалната, целосно го имаат уништено планирањето како струка и го претворија во техничка служба за цртање проекти. Не постои планирање, само формално се носи Генерален урбанистички план на десетина години, се носат и се ажурираат детални урбанистички планови, но секому кој се разбира во оваа проблематика, сосема му е јасно дека процесот е целосно дерогиран и злоупотребен - вели Грчев.

Тој објаснува дека деталните урбанистички планови, всушност не соодветствуваат на Генералниот урбанистички план, што практично значи дека овие детални урбанистички планови се незаконски.

- Постојат два основни заштитни параметри. Тоа е густината на живеењето, односно број на жители на еден хектар и параметарот - максимално изградена површина на одреден простор. Ако се споредат овие параметри од Генералниот урбанистички план со оние во деталните урбанистички планови, ќе видиме несовпаѓање. Ова е незаконско, но и покажува дека некој точно знае што прави со просторот. А тоа е, всушност, продавање на јавниот интерес, продавање на просторот и на нашата иднина. Притоа, се прави непроценлива штета за да еднаш во џеб некој си стави пари - вели Грчев.

Во населбата Карпош 4 е планирана изградба на три нови деловни објекти, три нови станбени објекти, 11 надземни паркинзи и 8 подземни паркинзи. 

- Во населбата Карпош 4 почнувајќи од „Сити мол“ кон Влае предвидено е узурпирање на речиси сите зелени коцки што сега ги има меѓу зградите. Тоа е страшно! Ние самоиницијативно лепевме плакати за да ги информираме граѓаните за тоа што ќе им се случува, но плакатите ни ги кинеа. Самоиницијативно собираме и потписи. Но за да биде успешна петицијата, ни требаат дури 6.000 потписи. Затоа ја бараме поддршката од сите жители на Карпош. Со нови ДУП-ови ќе се соочат и граѓаните од Карпош 1 и од Карпош 2 и затоа ги повикуваме да ни помогнат сега тие нам, а потоа ние ќе им помогнеме на нив - велат од Граѓанската иницијатива за заштита на зеленилото на Општина Карпош.

Граѓанската иницијатива собира потписи секој ден од 8.30 до 16.30 часот во просториите на ДИК во Козле до 30 септември.

Револтирани се и граѓаните во општината Кисела Вода, каде што во зеленилото пред една зграда се планира 7-катница.

- Ниту ние ниту тие од другата зграда ќе имаат воздух. Од друга страна, ќе немаме никаква приватност. Ќе треба да седиме со спуштени ролетни за да не ни ѕирка некој во спалната соба - револтирано вели жител од Кисела Вода.

Инаку, на само неколку метри до детската градинка, исто така во зеленило, во Кисела Вода се гради зграда на 8 ката.

Кисела Вода: ДУП-от нема да се поништи под притисок на јавноста

Од Општина Кисела Вода за „Слободен печат“ велат дека „притисокот на јавноста не е правен основ за поништување на ДУП врз основа на кој инвеститорот или сопственикот на одредена парцела отпочнува со градежни активности“.

Оттаму посочуваат дека целата постапка околу донесувањето на ДУП-от за парцелата за која сега се бунат граѓаните била целосно транспарентна.

- Пред неговото донесување во октомври 2013, претходно беше изложен на јавна анкета, а на средбата со жителите на месната заедница 11 Октомври, тие беа информирани за оваа анкета и за можноста да го кажат своето мислење и евентуалните забелешки. За посочената градежна парцела немаше никакви забелешки од граѓаните - велат од Општина Кисела Вода и потенцираат дека земјиштето сега е на приватен инвеститор и дека продажбата била транспарентно објавена во три дневни весници.

Од Општината потенцираат дека нема да се гради некоја висококатница, туку дека ќе се гради зграда со приземје, пет ката и поткровје, но и дека ќе останат непроменети паркот и игралиштето.

Стевчо Јакимовски: Ги поддржувам граѓаните, не ни требаат гаражи

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека ја поддржува иницијативата на граѓаните што собираат потписи за петиција против донесувањето на новиот детален урбанистички план.

- И јас ја поддржувам иницијативата и би било добро кога законодавецот би размислил, таму каде што веќе има изградени објекти, да се прифати фактичката состојба на терен и урбанистите да не бидат приморани да вцртуваат фиктивни решенија, кои никогаш нема да се остварат. Категорички тврдам дека Карпош 4 има доволен број паркинг-места на терен и нема потреба за изградба на нови, и ниту една педа зеленило од постојното нема да биде одземено - вели Јакимовски.

Извор: Слободен печат
Слики: Jim Kazanjian

ОкоБоли главаВицФото