Се засилува градежната агресија во Кисела Вода

25.09.2015 12:37
Се засилува градежната агресија во Кисела Вода

Жителите на Скопје последниве години се сведоци на масовна изградба на згради на секоја слободна површина меѓу старите, со што се уништува зеленилото и се газат некогашните плански решенија за урбаното живеење.

Познавачите на состојбите објаснуваат дека инвеститорите на ваков начин доаѓаат до земјиштето во центарот на градот и во неговата блиска околина, а дополнително олеснување им е тоа што имаат целосно изградена инфраструктура - пат, струја, вода и парно греење.

Во Општина Кисела Вода во тек е изградбата на две згради во непосредна близина на постојните. Пред неколку дена жителите на оваа населба, протестираа на местото каде што почна изградбата на една седумкатница.

- Ниту ние ниту тие од другата зграда ќе имаат воздух. Од друга страна, ќе немаме никаква приватност. Ќе треба да седиме со спуштени ролетни за некој да не ни ѕирка во спалната соба - револтирано вели жител од Кисела Вода.

Инаку, на само неколку метри до детската градинка, исто така во зеленило, во Кисела Вода се гради зграда на осум ката.

Од Општина Кисела Вода за „Слободен печат“ велат дека „притисокот на јавноста не е правен основ за поништување на ДУП, врз основа на кој инвеститорот или сопственикот на одредена парцела отпочнува со градежни активности“.

Оттаму посочуваат дека целата постапка околу донесувањето на ДУП за парцелата за која сега се бунат граѓаните била целосно транспарентна.

- Пред неговото донесување во октомври 2013, претходно беше изложен на јавна анкета, а на средбата со жителите на месната заедница 11 Октомври, тие беа информирани за оваа анкета и можноста да го кажат своето мислење и евентуалните забелешки. За посочената градежна парцела немаше никакви забелешки од граѓаните - велат од Општина Кисела Вода и потенцираат дека земјиштето сега му припаѓа на приватен инвеститор и дека продажбата била транспарентно објавена во три дневни весници.

Од Општината потенцираат дека нема да се гради некоја висококатница, туку дека ќе се гради зграда со приземје, 5 ката и поткровје, но и дека ќе останат непроменети паркот и игралиштето.

На почетокот на Кисела Вода, пак, се гради станбениот комплекс „Флетаирон“ инспириран од архитектурата во Њујорк, со височина од 55 метри. Зад почнатиот станбен комплекс сега има вистински рид од ископините, а околните жители прашуваат зошто инвеститорот не го отстрани. Од Општина Кисела Вода објаснувaат дека се работи за ископана земја, која ќе се употреби за пристапна улица што ќе се реализира по завршувањето на објектот на „Адора“.

Извор: Слободен печат
Слики: Николас Кенеди Ситон