Шведска сака да го ограничи дигиталниот и да го врати традиционалниот начин на учење

13.02.2024 10:21
Шведска сака да го ограничи дигиталниот и да го врати традиционалниот начин на учење

Со почетокот на новата учебна година во Шведска, голем број наставници одново ставија акцент на печатените книги, време за тивко читање и пишување, а посветуваат помалку внимание на таблети, независно истражување на интернет и вештини со тастатура.

Враќањето на потрадиционалните начини на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите за тоа дали хипердигитализираниот пристап во образованието, вклучувајќи воведување таблети уште во градинките, довел до занемарување на основните вештини. Шведската министерка за образование Лота Едхолм беше една од најголемите критичари на сеопштото прифаќање на технологијата.

„На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учењето”, изјави Едхолм.

Таа минатата година најави дека владата сака да ја поништи одлуката на националната агенција за образование со која електронските уреди станаа задолжителни во предшколските установи. Планот е целосно да се укине дигиталното учење за децата под шест години.

Иако шведските ученици и натаму постигнуваат оценки над европскиот просек во читачките способности, тие сепак бележат пад меѓу 2016 и 2021 година. За да одговори на овој проблем, шведската влада оваа година ќе инвестира 57 милиони евра во обезбедување книги за училиштата и уште 42 милиони за 2024 и 2025.

„Постојат научни докази дека дигиталните алатки го нарушуваат, а не го подобруваат учењето кај децата. Ние веруваме дека фокусот треба да биде на стекнување знаења преку печатените учебници и стручноста на наставниците, наместо од слободно достапните дигитални извори”, велат од престижниот шведски медицински универзитет Институт „Каролинска”.

Не сите експерти се убедени дека шведскиот потег за враќање на основите се спроведува исклучиво зато што тоа е најдобро за учениците.

„Критикувањето на ефектите од технологијата е „популарен потег кај конзервативните политичари. Тоа е уреден начин да се каже или сигнализира посветеност на традиционалните вредности”, вели Нил Селвин, професор на Универзитетот Монаш” во Мелбурн, Австралија.

„Шведската влада има валидна поента кога вели дека нема докази за подобрување од учењето со помош на технологијата, но мислам дека тоа е така бидејќи нема директен доказ за она што функционира со технологијата. Технологијата е само еден дел од сложената мрежа на фактори во образованието”, вели Селвин.

Извор: https://www.theguardian.com 

ОкоБоли главаВицФото