Образованието и технологијата

10.11.2021 01:39
Образованието и технологијата

Без оглед нашето мислење, образованието стана неповратно испреплетено со технологијата. Ниедна училница не е целосна без сеприсутниот дигитален проектор, а секој наставник при рака има ласерски покажувач. Несомнено, Пауер поинт е апликација која во еднаква мера може да креира привлечна но и монотона содржина. Онлајн мапите, интерактивните видео записи, „игрификацијата“ (компјутерски игри смислени не само за забава) станаа составен дел од секој образовен пат. Звучи прекрасно, но како и сè во животот, и тоа има позитивни и негативни страни на кои треба да посветиме внимание.

Александриската библиотека во Египет ја имала најголемата збирка на знаења во тогашниот свет. Знаеме дека научниците и филозофите како Еуклид, Хипатие и Архимед, да не ги споменуваме будистичките и персиските астролози, доаѓале од далечни земји за да учат и да ги споделуваат своите знаења. Александрија со векови била голем културен центар каде знаењата од различните култури се обединувале во голема еклектичка синтеза на филозофијата, науката, религијата и уметноста.

И покрај тоа, информациите во тогашно време не биле толку пристапни како што се денес, кога колективното знаење за човечките достигнувања е достапно секому што има уред за пристап до интернет. Сакаме да дознаеме како да стигнеме до Ландидно? Да признаеме, би биле изгубени без Гугл мапите! Наставните по географија ширум светот сигурно се благодарни за тоа. Интернет страници, подкасти, интерактивни игри и видео содржини постојат за секоја област, од музиката, уметноста, историјата, науката до странските јазици, градинарството итн.

Училиштата се чинат како најлогично место за употреба на технологијата која има огромни предности во мотивирањето на младите. Веќе споменатите средства помогнаа во оживувањето на знаењата. Но, исто така влијаеја на намалување на трпеливоста кај младите и им создадоа неразумно очекување за брзината на усвојувањето на наставните содржини. Иако би истакнал дека „одговорност на ученикот е да научи“, образовниот систем е нерамноправно партнерство. Учениците мораат да се служат со фантазија и напор за да го втурнат туѓото знаење и разбирање во своите глави. Технологијата нужно не го олеснува учењето ниту го забрзува разбирањето на тематиката што ја проучуваме.

Покрај тоа, оние кои подучуваат користејќи ја технологијата мораат да бидат во чекор со времето, што значи дека преносот на информациите мора да биде поинаков. Сето тоа бара многу време кое наставниците го имаат сè помалку, особено за себеси. Додека промената во светот е постојана, постојаната промена во системот на образование за учениците е контрапродуктивна.

Понатаму, комуникацијата е значително подобрена последниве години со паметните телефони кои можат да примаат електронска пошта, твитови и фејсбук пораки. Меѓутоа, секое дете постаро од 11 години се чувствува посрамено ако мора да признае дека нема паметен телефон. Тоа е вознемирувачки, но уште повеќе загрижува тоа што младите ја сметаат директната комуникација, лице в лице, за сè потешка. Исто така, заради сè поголемата преокупираност со технологијата нивната можност да ги искусат прекрасните и суптилни моменти на престојот во природа е намалена. Можеби со големите ментални дразби ќе дојде и потребата редовно да се одвојат од надворешниот свет и мирно ќе го разгледаат она што впрочем го научиле и доживеале.

Меѓутоа, многу прашања сè уште остануваат отворени. Дали благодарение на технологијата сме образовани поквалитетно? Која е целта на образованието и што значи да се биде образована личност?

Грчкиот филозоф Платон сметал дека образованието не е внесување знаење во умовите на учениците, туку извлекување или поттикнување на мудроста која ни е вродена на сите.

Во тој контекст, големиот индолог Хајнрих Зимер еднаш рече дека на Западот знаењето се изедначува со собирањето информации, додека на Истокот тоа подразбира трансформација. Можеби е дојдено време трансформацискиот пристап да се примени и во западното образование, при што за успех ќе се смета покомплетно, вистински образовано, а со самото тоа и слободно човечко битие. Ако технологијата може да помогне во постигнување на оваа цел, тогаш нејзината примена е пожелна. Погрешно е да се гледа на технологијата како на движечка сила. Вистинското образование е многу потешко, попредизвикувачко и почовечко.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Sophie Treppendahl

Извор: https://nova-akropola.com/

ОкоБоли главаВицФото