Скриената моќ на работничките

25.02.2019 01:52
Скриената моќ на работничките

Претежно женските сектори на просветата, здравствената нега, социјалната работа или хигиената претставуваат клуч за невидливиот кафез на либералните општества, но, истовремено и негова фасада. Запирањето на овие услужни дејности би ја парализирало секоја држава. Кој во таков случај ќе се грижи за немоќните, бебињата и децата, за чистењето? Штрајкбрејкерите и полицијата не би биле од голема помош: во жандармериско училиште не се учи како се капат старци. Овие задачи, во текот на последниот век преместени од семејната, верската или хуманитарната сфера во полето на платената работа, главно не се забележуваат сѐ додека редовно се извршуваат. Намалувањето на приходите на овие работнички познати по издржливоста, како и порастот на побарувачката, доведоа до пукање. Собарките во хотелите и железничките станици, жените вработени во установите за нега на стари и изнемоштени лица, медицинските сестри - сите тие од крајот на 2017 година водат тешки битки во кои често победуваа.

Сликата на рударот или фабричкиот работник, таткото во семејството чиј единствен приход е неговата плата, беше мошне моќен симбол на работничката класа во 20 век дека сѐ уште ги изедначуваме сиромашните слоеви со мажите. Кој ќе помисли спонтано на работничките кога ќе го слушне зборот пролетаријат? Навистина, работниците во производството, кои медиумите веќе долго време се обидуваат да ги сместат во музејот на изумрените општествени групации, и натаму претставуваат една петина од работно активното население. Меѓутоа, феминизацијата во светот на трудот доведе до најрадикални бунтови во последните педесет години, особено на самото дно од општествената скала. Во Франција работничките претставуваат 51 процент од вработените, односно неквалификуваните и квалификуваните работници (францускиот јазик прави разлика помеѓу терминот работник, „ouvrier“, и вработен, „employe“, каде првиот термин првенствено ги означува луѓето кои извршуваат физичка, неквалификувана работа во индустриското производство, а вториот оние кои извршуваат различни форми квалификувана работа, пред сѐ во услужниот сектор) меѓу широките народни слоеви; во 1968 година биле 35 проценти. Бројката на машките работни места не е променета значително во последните 50 години: 13,3 милиони во 1968 година, наспроти 13,7 милиони во 2017 година; за тоа време, бројот на работни места на кои работат жени пораснал од 7,1 милиони на 12,9 милиони. Со други зборови, речиси целокупната работна сила вработена (со помалку сигурни услови и за плата пониска за една четвртина од платата на мажите) во изминатите 50 години ја сочинуваат жените. Застапеноста на женската работна сила во системите на здравството, социјалната заштита и образованието е зголемена четирикратно: од 500 000 на 2 милиони помешу 1968 и 2017 - не сметајќи ги професорките во средните училишта и на факултетите.

Додека растот на силата на индустрискиот пролетаријат во 19 век ја диктирал стратегијата на работничкото движење, огромниот подем на клучните услужни дејности во кои предоминантно работат жени, нивниот потенцијал да ја прекинат работата, како ни појавата на успешни борби, засега не нашле начини да се претворат во синдикална или политичка стратегија. Сепак, нивниот притисок создава пукнатини и наметнува две прашања: какви услови се неопходни за овие сектори да ја покажат својата скриена сила? Дали можат да се организираат така што таа ќе стане сразмерна на нивната бројност - во општествен сојуз способен да започне иницијативи, да наметне нов однос на силите и да ги мобилизира другите сектори околу себе? На прв поглед, оваа хипотеза делува налудничаво. Работничките во клучните услужни дејности претставуваат група поединки на различни положби, разни животни услови и услови за работа, а работат на меѓусебно оддалечени работни места. Меѓутоа, како што внатрешната хетерогеност не го спречи движењето на „жолтите елеци“ да се прошири, така се покажува дека она што го сака женскиот услужен пролетаријат има помала тежина од факторите кои тежнеат да го обединат. Пред сѐ, се работи за обична бројна сила и за постоење заеднички непријател.

Овие сектори, задолжени за репродукција на работната сила, кои вработуваат припаднички на сиромашните и средните слоеви, ги карактеризира огромна работна сила. Неа ја сочинуваат работничките кои вршат услуги за претпријатијата (182 000 чистачки и собарки), и пред сѐ, услужното работништво кое работи за физички лица и домаќинства. Во туѓи домови најчесто работат 500 000 домашни помошнички, 400 000 бебиситерки и повеќе од 115 000 дадилки. Уште поголем број работат во јавни установи: 400 000 негувателки, 140 000 воспитувачки и медицинско-психолошки работнички и повеќе од половина милион услужни работнички - не сметајќи го административниот персонал. Покрај оваа женска работна сила има и незначително малцинство машки колеги. Бројното, слабо платено работништво, кое во тешки услови извршува малку ценети задачи, е во допир со работната сила која, кажано со академски јазик, извршува „посредни“ работи во здравството, социјалната заштита и образованието. Оваа растечка група ја сочинуваат 2 милиони подобро платени, поквалификувани и повидливи работнички вработени на позиции медицински сестри (400 000), учителки во основни улилишта (340 000), педагози, аниматорки, образовни асистентки, работнички во специјализираното образование, медицински техничарки итн.

Секако, голем е јазот помеѓу болничарката во јавна болница и дадилката без документи која работи за некое семејство. Меѓутоа, оваа широка групација која - сметајќи ги и мажите - вбројува една четвртина од вработеното население, произведува иста група општествени добра и има повеќе заеднички карактеристики. Пред сѐ, самата природа на услугите, негата, општествената работа и образованието ги прават нивните работни места не само незаменливи туку и тешко преселиви и слабо подложни на автоматизацијата зашто бараат постојан човечки контакт или посебно внимание во секој поединечен случај. Исто така, сите сектори во кои се вработени овие луѓе страдаат заради политиката на штедење: од училиштата до старечките домови, нивните услови за работа се влошуваат, додека има сѐ повеќе незадоволство. Најпосле, јавноста која може да го замисли животот без високи печки, но не и без училишта, болници, градинки и старечки домови, е на нивна страна.

Оваа единствена положба ги рефлектира рамките на потенцијалната општествена коалиција која би го обединила пролетаријатот од клучните услужни дејности со посредното стручно работништво од здравствено-социјалниот и образовниот сектор, како и мал дел од високообразованата интелигенција, како професорите и професорките во средните училишта.

Во срцето на конфликтот помеѓу колективните потреби и интересите на профитот

Тоа што создавањето ваков блок во практиката се соочува со бројни пречки може да биде последица на фактот дека обидите за нивно надминување досега беа ретки. Без оглед на поплавата од статистички податоци, ниедна партија, синдикат ниту организација досега не избраа стратешки да се фокусираат на оваа претежно женска и сиромашна база, систематски да се позанимаваат со нејзините потреби или да ја приориетизираат одбраната на нејзините интереси. Па сепак, најосвестените и најдобро организирани делови од работничкото движење, групирани околу работниците во железницата, пристаништата, електростопанството и хемиската индустрија, свесни се дека општествените борби не можат да се сведуваат исклучиво само на нив - што стана очигледно во 2018 година за време на конфликтите околу реформата на железницата. Веќе четири децении тие посматраат како политичката власт ги руши нивните упоришта, ги гази колективните договори, ги приватизира претпријатијата и укинува работни места, додека медиумите сликата за нивниот свет ја туркаат во надминатото минато. Од друга страна, женските приватни и јавни услужни сектори се соочуваат со проблеми најчесто поврзани со слабата организираност и краткотрајната борбена традиција; сепак, тие растат, и во фантазијата на јавноста често им припаѓа нешто кон што отсекогаш тежнеела работничката класа: иднината. Додека за мултинационалните компании од Силиконската долина и дигиталните платформи се зборува со пофалба, или осуда, кога и да се иницира темата за промени во современиот свет, премолчената феминизација на работната сила претставува „нарушувачки“ аспект на модерноста дури во иста мера колку и способноста за твитување фотографии со мачки.

Пред сѐ затоа што би можела да стане уште поизразена. Во САД, списокот на занимања за кои се предвидува силен раст, објавен на вебсајтот на статистичката служба на Министерството за труд, се предвидува пораст на бројот работни места за типично машки занимања, како инсталатери на соларни панели или ветрогенератори, техничари на нафтени бушотини, математичари, статистичари, програмери. Од друга страна, се очекува скок на цела низа традиционално женски занимања како негувателки, медицински помошнички, болничарки, физиотерапевтки, ерготерапевтки, масотерапевтки. На милион работни места за АјТи девелопери за кои се верува дека ќе се создадат до 2026 година, доаѓаат четири милиони домашни помошнички и негувателки - со четирипати помала плата.

Две клучни причини спречуваат отпуштените металци од Питсбург, чии работни места се префрлени во Кина, да се вработат како воспитувачи во градинки. Пред сѐ, симболичната граница на предрасудите, толку всадена во главите, телата и институциите, што сѐ уште претставува ѕид помеѓу машката работничка култура и општествените улоги кои на жените им ги наметнуваат патријархалните матрици. Тука е и машката стапка на школскиот неуспех која ја гуши можноста за стручна реквалификација. „Адолесцентите во богатите земји имаат еден и пол пати поголем ризик да не ги положат трите клучни предмети: математика, книжевност и физика“, заклучи неделникот Економист (The Economist) во специјалното досие посветено на мажите, насловено „Послабиот пол“ (30 мај 2015 година). На тој феномен се надоврзува огромниот пораст на женската образованост која, по автоматизам, ја олеснува професионалната подвижност. Оваа голема, незабележлива трансформација во голема мера ги голта жените во срцето на пазарот на трудот. Од крајот на последниот век, бројот високообразовани жени го престигна бројот високообразовани мажи: според податоците на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (Унеско) тие претставуваат 56 проценти од високообразованите во Франција, 58 проценти во САД, 66 проценти во Полска... Во 2016 година, 49 проценти од Французинките на возраст помеѓу 25 и 34 години имале диплома за струкови или академски студии, наспроти 38 проценти мажи. Образованите мажи сѐ уште се презастапени во истражувањата, како и на најпрестижните и најмоќните позиции; покрај тоа тие заработуваат повеќе. Сепак, на универзитетите повеќе се образуваат жени кои изгледно ќе ги заземат висококвалификуваните но слабо ценети работни места во таканаречениот услужен сектор.

Овие промени не влијаеле суштински на машката презастапеност во образовните програми поврзани со математиката, информатиката и природните науки. Резултатот е изразен класен и полов конфликт помеѓу двата столбови во економскиот свет. Од една страна се наоѓа женското поле, сѐ поквалификувано и сѐ попрекарно, со тежиште во услугите на здравството, социјалната заштита и образованието. Од друга, буржоаските бели мечки на финансиските шпекулации и новите технолгии кои господарат со светската економија, со ненадминати нивоа на тестостерон. Новите фирми од Силиконската долина вработуваат 88 проценти мажи на инженерските позиции, а 82 проценти аналитичари кои работат на берзите се исто така мажи. Односот на овие два спротивставени светови е таков што еден од нив доминира над другиот, го фрагментира и поткраднува. Уцената на „пазарно“ наметнатото штедење и алчноста на дигиталните гиганти наспроти јавните финансии, олицетворена во затајувањето данок, се претвораат во откази, укинување работни места или укинување на издвојувањата за старечки домови, градинки или социјални служби. Последиците од овој процес се распоредени нерамномерно: додека со сопствените активности ги загрозуваат јавните служби, банкарите, директорите и девелоперите вработуваат сѐ повеќе домашни помошнички, негувателки, дадилки и приватни професорки.

Генерално, менаџерите, интелектуалната елита и директорите на големите претпријатија многу зависат од индустријата на услугите во домаќинството. Кога жените од сиромашните слоеви, и имигрантките во големите градови би одлучиле да престанат да работат, овие слоеви први ќе се најдат на удар. Зарем тогаш нема да ги гледаме универзитетските професори, претставниците на власта, лекарите и феминистичките социолози како на своите собарки им објаснуваат дека би требало да се вратат на работа во име на моралните обврски за внимание и грижа - вредности кои машката доминација со векови ги воздигнува во специфично женски квалитети? Токму заради тоа коалицијата од услужниот сектор која би ги групирала стручните и нестручните работнички, посредните професии и наставничкиот кадар во основното и средното образование може да се оформи единствено во конфликт со повисоките класи кои ја вработуваат.

Можеби и би можела, но под какви услови? Изолирани, поделени, слабо организирани, често со мигрантско потекло во однос на просекот кај другите занимања, услужните работнички во домаќинствата и собарките се угнетени на многу начини. Сепак, нивниот обичен збир не ги прави свесна група. Трансформирањето на објективниот сојуз на интереси кој постои во статистичките таблици во мобилизиран блок бара колективна свест и постоење политички проект. Задачата за формулирање заеднички интерес кој би ги премостил разликите во статусот и квалификациите и би ги обединил медицинските сестри со собарките е работа на синдикатите, партиите, организациите и социјалните движења. Исто така, тие треба да зборуваат за новиот историски субјект, неговата мисија и неговите борби за да оневозможат БФМ ТВ или „експертите“ да ја монополизираат темата. Во тоа може да им помогнат две нешта.

Првата е социјалната и економската неприкосновеност на оваа група. Од државните статистички служби до медиумите, сите се сложуваат дека улогата на женската услужна работна сила во системот на производството сѐ уште е невидлива. Политичкиот дискурс ги претставува негата, здравството и образованието како трошок, додека овие „меѓучовечки“ полиња генерално се поврзуваат наводно за женските особини внимателност, грижа и емпатија. Фактот дека овие квалитети се нужни за некој да може добро да ја извршува работата на негувателка или наставничка не значи дека овие повици можат да се сведат на нив. Да се поистоветат виталните услуги со трошоците, да се зборува за нив како за благодети кои настануваат како резултат на женската посветеност, а не како за вредности кои ги создаваат работничките, овозможува да се скрие суштинскиот идентитет на негувателките, помошничките или наставничките: тие се производителки. Нивен производ е еманципаторската вредност која претставува темел на колективниот живот. Ете го јадрото околу кое може да се изгради општествената свест!

Вториот аспект е содржан во заедничкото барање на сите работнички и работници, кое, сепак, особено е ургентно во случајот на болниците, старечките домови и училиштата: желбата за подобри услови за работа. Нецелосното внимание на јавноста кое понекогаш го преокупираат условите за работа на железничарите или магационерите се претвора во стопроцентен фокус, дури и бес, кога ќе се слушне дека на самохраните родители им се намалуваат паузите за одење во тоалет, дека во руралните средини се затвораат породувалиштата или дека се намалуваат медицинските екипи задолжени за грижа за ментално заболените. Секој го знае тоа од личното искуство: квалитетот на негата е во директна пропорција со квантитетот на работата кој е вложен во неа. На прв поглед хуманитарно, барањето за подобри средства и подобри услови за работа за да се пружи адекватна нега се покажува како мошне потентно. Неговото исполнување би ја довело во прашање политиката на штедење - идеја дека можеме да постигнуваме сѐ повеќе со сѐ помалку средства или раст на продуктивноста по цена на трошоците за здравствена заштита на вработените. Тоа би значело и преиспитување на наративот кој ја става вината кај луѓето, наложувајќи им „самите да се снајдат“ за да ги надоместат последиците од намалувањето на буџетските издвојувања. На пример, бројни старечки домови на своите вработени им нудат тренинзи за „хуманитарност“ - на нив се учат техники за „грижливост“ кои ги користат погледот, зборот или допирот претворени во институционализирани пароли - истовремено одземајќи им ја можноста да се однесуваат кон старите со неопходното достоинство. На тој начин, лошата нега не се толкува како последица на надворешно економско кратење, туку како резултат на недостаток од индивидуални квалитети кај персоналот...

Фактот дека барањето за поголемо вложување во задоволување на колективните потреби е противречно со барањата на профитот и политиката на штедење ги поставува клучните услужни дејности и нивните носителки во сржта на непомирливиот конфликт. Од либералниот пресврт во осумдесеттите години, а уште повеќе по финансиската криза од 2008 година, политичките водачи, врвните банкари, Европската комисија, сопствениците на нови технологии, високите претставници на Државната благајна, уредниците и ортодоксните економисти бараат намалување на „трошоците“ за работа на овие жени. Со самото тоа, тој „здрав разум од богатите квартови“ намерно го соборува квалитетот на социјалната грижа: општата благосостојба се мери со тоа колку напредуваат најбогатите. Оваа класа, свесна за сопствениот интерес, пронајде свој застапник во Емануел Макрон.

Социјализмот на мнозински женскиот услужен сектор под контрола на самите работнички

Од друга страна, потенцијалната коалиција чие јадро треба да го сочинуваат произведувачките на клучни услуги може да ја изгради сопствената свест само ако експлицитно формира филозофија и практика кои секојдневно ги спроведува на игралиштата, во училниците и болничките соби. Тоа е идеја дека општественото финансирање на потребите на здравството, образованието, чистотата и - пошироко гледано - превозот, домувањето, културата, енергијата или комуникациите не е пречка за слободата, туку напротив, нејзин предуслов. Исконскиот парадокс според кој целосниот личен развој на поединецот е подреден на колективното задоволување на основните потреби претставува долгорочна политичка перспектива способна да ја обедини женската работна сила и да ја претвори во носител на општиот интерес: социјализмот на целоживотните услуги за социјална грижа во рамка според која би им биле пружени неопходните средства за извршување на своите професии во најдобри можни услови, првенствено е насочен кон најшироките слоеви кои живеат во периурбаните зони погодени од повлекувањето на државата од социјалната грижа, под контрола на самите работници и работнички.

Зашто, и покрај потребата за самоорганизирање, коалицијата на доминантно женската услужна работна сила има историска задача, со поддршка на синдикалното движење, околу себе да ги обедини сите сиромашни слоеви, а особено нивниот машки дел, уништен од мондијализацијата и понекогаш привлечен од конзервативните ставови. Ова сценарио, пак, не мора нужно да се одигра.

Да се прогласат работничките кои се соочени со сите облици на угнетување за историски субјект и носителки на универзална задача веројатно ќе биде наречено нереално. Сепак, сегашноста не се покажа како благонаклонета кон „реалистите“ кои во 2016 година сметаа дека Доналд Трамп нема да успее да ги добие изборите користејќи аналогна стратегија: спојување на машкиот дел од широките слоеви погодени од деиндустријализацијата со конзервативната буржоазија и делови од средните слоеви без високо образование. Опседнати со неговиот успех, медиумите и политичарите сега сакаат да го сведат животот на западните општества на конфликт на широките народни слоеви кои ја претставуваат конзервативната, машка, заостаната, необразована и расистички настроена гласачка база на Трамп, Бенјамин Нетанјаху или Виктор Орбан, со образованата, отворена, успешна и прогресивна либерална буржоазија која гласа за центристичките формации олицетворени во Емануел Макрон. Женската работна сила во клучните услужни дејности најавува постоење поинаков конфликт во однос на оваа пригодна вињета која ја прикрива заедничката лојалност на водачот на двете страни на пазарниот капитализам. Од една страна на општествениот конфликт се наоѓаат сопствениците на информатичките компании од Силиконската долина и водечките слоеви од светот на финансиите - високообразованите мажи со либерални погледи. Овие ограбувачи на јавните ресурси и жителите на даночните рајови произведуваат и продаваат услуги кои, според зборовите на Чамат Палихапитија, поранешен потпретседател на Фејсбук задолжен за проширување на бизнисот, „го раскинуваат општественото ткиво“ и „го уништуваат функционирањето на општеството“. Од друга страна, широките народни слоеви се групирани околу женската база, ударната тупаница на сите вработени: произведувачките на услуги кои го обединуваат колективното постоење и наведуваат кон поголема социјализација на општественото богатство.

Историјата на нивната борба би почнала на следниот начин:

„Бараме средства за да можеме добро да ја извршуваме својата работа!“ Куќните помошнички, воспитачките, негувателките, медицинските сестри, учителките, собарките и секретарките со недели би се заканувале: доколку не им се исполнат барањата ќе стапат во штрајк. Потоа, скриеното лице на трудот ќе истапи на дневна светлина. Управувачките и интелектуалните слоеви, прво жените, а потоа и мажите, од друга страна, ќе мораат да ги напуштат своите работи за да се грижат за своите изнемоштени родители, бебињата, децата. Емотивната уцена не би успеала. Парламентот, канцелариите и редакциите би биле во хаос. За време на посетата на старечки дом, премиерот со сериозен глас би се обидел да ѝ објасни на една од штрајкувачките дека не ѝ треба повеќе од една минута за да ја замени постелнината; би се повикал на научни истражувања. Во погледот што ќе му го упати таа целиот свет ќе го види конфликтот на двете страни. После пет дена хаос, владата ќе се предаде. Преговорите околу создавање Сеопфатна јавна служба би се воделе во контекст на толку моќното движење што тоа би го добило прекарот „вториот Народен фронт“, од ерата на услугите.

Илустрации: Claudia Manenti

Извор: Le Monde Diplomatique

ОкоБоли главаВицФото