Зошто Навални се врати во Русија?

19.02.2024 01:49
Зошто Навални се врати во Русија?

 

Алексеј Навални, рускиот опозициски политичар, речиси два месеци е во затвор, каде пред две недели започна штрајк со глад*. Неговите адвокати ја следат неговата сè полоша физичка состојба и известуваат за тоа. По посетата на Навални во понеделникот, неговата адвокатка Олга Михајлова рече дека изгубил 15 килограми. Го губи чувството во рацете; веќе ја изгуби делумната подвижност на нозете. Кашла и има температура. Одбива храна сè додека не се исполни барањето да го прегледа медицински специјалист по негов избор - што е право загарантирано со руските закони. Затворската управа се заканува дека ќе почне да го храни со сила.

Навални беше уапсен на 17-ти јануари на московскиот аеродром Шереметјево. Се враќаше од Германија, каде помина 5 месеци закрепнувајќи од труење со нервниот агенс новичок. Знаеше дека ќе биде уапсен, зашто руските власти ги објавија своите намери преку државните медиуми, изгледа надевајќи се дека тој ќе остане во странство. Навални исто така знаеше какви услови може да очекува зад решетки. Откако Кремљ тргна во пресметка со учесниците на протестите од 2011/2012-та година против наместените избори, руските активисти добро го запознаа рускиот затворски систем. Членките на уметничката група Пуси Рајот - први во низата активисти уапсени заради мирни протести - по излегувањето на слобода основаа медиум кој го документира кршењето на човековите права во руските затвори. (Медијазона работи сè уште и последниве години го прошири својот фокус.) Еден од столбовите на движењето од 2011-та година е групата Русија зад решетки, која им помогна на многу неполитички затвореници. Групата ја води Олга Романова (живее во егзил во Берлин), која детално ја документира работата на затворскиот систем.

Борбата против корупцијата исто така го подготви Навални на затворските услови. Во неодамна објавеното писмо на неговиот Инстаграм профил, напиша: „Ни беше украдено месото пред пратката воопшто да ја напушти Москва. Во Владимир ни ги украдоа путерот и зеленчукот. Најпосле, во Покров персоналот си ги однесе дома последните трошки. За затворениците останаа само леплива каша и замрзнат компир“. Тоа го прави Навални: ги следи парите или во случајов содржината на затворските оброци.

Тој го познава системот подобро од сите; знае дека човечкиот живот во него не вреди многу и немаше надеж дека тој ќе биде исклучок. Во неделите по апсењето ѝ испрати порака на својата пријателка и менторка, новинарката Евгенија Албатс. Во неа пишува:

„Сè е во ред, Жења. Русија поминува низ историски процес, а и ние со неа. Ќе успееме (веројатно). Јас сум добро и не жалам за ништо. А немој ни ти и не грижи се. Сè ќе биде во ред. Па дури и ако не биде ќе имаме утеха дека сме живееле чесно. Прегратка!“

Неговата сопруга, Јулија Навалнаја, исто така нема илузии. Минатата недела му испрати писмо на управникот на затворската колонија каде Навални ја отслужува казната. Писмото кое го објави на својот Инстаграм профил завршува со предупредување: „Ако на Алексеј му се случи најлошото, неговата смрт ќе биде на вашата совест. Ќе биде и на совеста на Путин, но вашиот Путин ќе ве изеде жив и ќе ве обвини вас“. Страшно е да се види дека Навалнаја го користи зборот „смрт“ кога пишува за својот маж, но стравот од тоа не морала да го замислува: веќе помина недели со него во болница, не знаејќи дали некогаш ќе може да зборува или да оди.

За време на СССР, продемократските дисиденти се водеа од правилото дека ако треба да избираат помеѓу затвор и егзил, да изберат егзил. На почетокот на путиновата ера, старите дисиденти им ја пренесуваа оваа мурдост на членовите на новата опозиција. На пример, покојната дисидентка Јелена Бонер го убеди покојниот олигарх Борис Березовски да ја напушти земјата наместо да ризикува апсење. Таквото уверување се потпираше на претпоставката дека советската тоталитарна држава ќе трае довек, или барем многу долго, и дека и борбата против неа ќе биде вечна.

Откако стана премиер во август 1999-та година, а претседател на почетокот на 2000-та, Путин сега е на власт повеќе од кој било советски водач со исклучок на Сталин. Навални, кој имал 15 години кога пропадна Советскиот сојуз, мисли дека путинизмот нема да трае засекогаш. На првото сослушување по апсењето во јануари, Навални ѝ рече на судијката дека таа веројатно ќе го надживее Путин и дека ќе оди во затвор зашто го одобрила неговото апсење (судијката го укори заради овие зборови). Во пораката до Евгенија Абатс, Навални веќе не е сигурен дека ќе ја доживее пост-путинова Русија, но верува дека Русија по Путин ќе биде - или барем може да биде - поинакво место. За разлика од своите дисидентски претходници кои веруваа дека се борат за принцип и личен интегритет, но никогаш нема да го победат системот, Навални мисли дека неговите постапки ќе помогнат да се обликува идната Русија. Исто така верува дека, постапувајќи храбро и одлучно, може да ги инспирира другите да го зауздаат својот страв. А тогаш, како што речиси секогаш повторува во своите изјави и приватните пораки, „сè ќе биде во ред“.

На судењето во февруари, за време на завршниот збор, Навални зборуваше за својата визија на идната Русија:

„Сакам Русија да биде богата како што може да биде. Сакам тоа богатство да се распредели поправедно. Сакам да имаме нормална здравствена заштита. Сакам да гледам луѓе кои можат да доживеат пензија: во моментов половината од нив не го доживуваат тоа. Сакам да имаме нормално образование и сакам луѓето да можат да се школуваат. Сакам луѓето да можат да заработат онолку колку што за истата работа би заработувале во некоја европска земја.“

Слоганот на антипутиновото движење гласеше: „Русија ќе биде слободна“. Меѓутоа, сега Навални предлага нешто друго:

„Би требало да се бориме не само против недоволната слобода во Русија, туку и против целосното отсуство на среќа. Имаме сè, но сме несреќна земја... Затоа треба да го промениме слоганот. Русите треба да бидат не само слободни, туку и среќни. Русија ќе биде среќна. Тоа е сè.“

Минатата недела полицијата изврши рација во седиштето на организацијата во Санкт Петербург и ги заплени летоците со пораката „Русија ќе биде среќна“. Според зборовите на Леонид Волков кој ја води политичката организација на Навални, полицијата ги однела летоците на стручна анализа за да се види дали слоганот може да се оквалификува како екстремистички говор, кој во Русија е забранет со закон.

Во вторникот Јулија Навалнаја го посети сопругот во затвор. Во објава на Инстаграм напиша дека е послаб отколку што беше по повеќенеделната кома. „Ми рече да ги поздравам сите“, напиша. „Немаше сила да додаде дека сè ќе биде во ред. Тоа ќе го додадам јас. Тој е најдобар. Дефинитивно сè ќе биде во ред.“

*текстот е објавен на 13.04.2021

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.newyorker.com/

ОкоБоли главаВицФото