Школа за пропаганда: „Антиквизациска пропаганда”

28.02.2024 08:16
Школа за пропаганда: „Антиквизациска пропаганда”

Во рамките на изложбата „Станица Пропаганда” на светски познатиот холандски уметник Јонас Стал, во организација на Факултет за работи што не се учат (ФРУ) и Музејот на современата уметност – Скопје, на 2 март, во 12 часот, во МСУ ќе се одржи Школата за пропаганда: „Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје - Eвропска престолнина на културата 2028”

Школата за пропаганда во Скопје има намера да создаде привремена дискурзивна платформа со идеја да ја деконструира комплексноста на антиквизациската пропаганда која се пресликува во проектот „Скопје 2014”. Преку презентации на неколку теоретичари, активисти, уметници и новинари од Северна Македонија, оваа програма ќе понуди интервенционистички придонес во правните, медиумските, семиотичките, социјалните и уметничките аспекти на проектот подигнат во „заробената држава” и ќе се обиде да размислува за неговото идно постоење соочено со подготовките и продукцијата на капиталниот проект Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

По речиси 15 години откако беше најавен, овој грандиозен и контроверзен проект, „Скопје 2014”, сè уште живее во центарот на градот, потсетувајќи нè како пропагандната машинерија го окупира секојдневието, зајакнувајќи ги националните чувства и традиционалните вредности преку барокизација и антиквизација на центарот на градот.

Преку пропагандна анализа на алатките и формите на оваа современа пропаганда, целта на овој собир во Школата за пропаганда е да се добие прецизна дефиниција за функционирањето на антиквизациската пропаганда и да се истражат моделите на контрапропаганда, па дури и еманципаторска пропаганда, за враќање на јавниот простор, јавната меморија и јавната визија.

Клучните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија се:

Како изградената и поставената инфраструктура на антиквизациската пропаганда „Скопје 2014” да се претвори во агент на (контра)пропаганда?

Како да се подготвиме Скопје 2028 да не стане повторување или натамошно спроведување на антиквизациската пропаганда?

Како програмата на престолнина на културата повторно да пропагира еманципаторски визии за иднината на Скопје?

Школата за пропаганда се состои од сесија на кратки предавања по што ќе следи широка дискусија со публика.
Школата за пропаганда е на македонски јазик но ќе има обезбедено превод на англиски јазик.

ПРОГРАМА

12:00 – Ивана Васева, кураторка на проектот: Станица Пропаганда во Скопје
12:15 – Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје: МСУ, плановите и соработките
12:30 – 13:00 – Јонас Стал: Уметноста и пропагандата во 21 век, вовед на уметникот
13:15 – 15:00 – Сесија I: Антиквизациска пропаганда, обид за дефиниција

Неколку кратки резимеа

Катерина Колозова, професорка по филозофија и културна теорија при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје: Самовиктимизација како основа за национална гордост;

Бојан Иванов, историчар на уметност: Земјотрес 1963-2014
Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија: База на податоци Скопје 2014 под лупа;

д-р Горан Јанев, редовен професор на Институт за Социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитет „Свети Кирил и Методиј” во Скопје: „Скопје 2014” засекогаш, град завиен во етнократска пропаганда.

15-15:30 Пауза

15:30-17:00 – СЕСИЈА 2: Пропагирање на Скопје 2028: Што сакаме градот да биде?
Отворена дискусија со публика
Модератори – Ирена Цветковиќ и Јордан Шишовски

Поканети учесници:

Никола Наумоски, активист, Контрадвижења против Скопје 2014

Никола Гелевски, главен уредник на книгоиздавателството „Темплум” и на веб страницата окно.мк, писател; Архитортура и гробализација;

Биљана Тануровска–Ќулавковски, културна работничка, кураторка и истражувачка, програмска директорка на здружението „Локомотива” – Центар за нови иницијативи за уметност и култура: Замислувајќи го Скопје – со уметност и култура до град на иднината;

Марјан Забрчанец, консултант за односи со јавност и поранешен национален координатор за комуникации на Владата: Јавноста – храна за или тројански коњ против ретроградната пропаганда?

Поддржано од: Фонд „Мондријан”, Амстердам, Холандија; кофинансирано од Европската Унија во рамките на меѓународниот проект „Острови на сродство: Колективен прирачник за одржливи и инклузивни уметнички институции”.

ОкоБоли главаВицФото