1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Со прифаќањето на Шведска како членка на НАТО во унгарскиот парламент отстранета е последната пречка за историскиот (ис)чекор на оваа традиционално неутрална скандинавска земја кон приклучување на Северноатлантскиот сојуз. На одлуката во унгарскиот парламент ѝ претходеше посетата на Будимпешта на шведскиот премиер Улф Кристерсон, кога двете држави го потпишаа договорот за вооружување. Така Шведска ќе стане 32-та членка на НАТО.
Шведска ја напушти политиката на неутралност откако Русија во февруари 2022-та година ја нападна Украина. Со влегувањето на Шведска, пред неа и Финска во НАТО, рускиот претседател Путин го постигна она на што силно се противеше - ширење на сојузот на исток, кон Русија. За разлика од Турција, која исто така привремено го блокираше влезот на Шведска во НАТО, Унгарија немаше конкретни приговори и причини за блокада.
Турскиот попис со барања беше долг, од односот на Шведска кон Курдите, кои Анкара главно ги смета за непријатели, па до приговорот заради минатогодишното палење на Куранот во Шведска. На Будимпешта ѝ пречеа приговорите на Стокхолм заради недемократската состојба во Унгарија, но изостанаа конкретни барања кои би ги поставила пред Шведска. Минатиот месец Турција даде зелено светло за влез на Шведска во НАТО, а Унгарија остана осамена во противењето и се чинеше дека ќе биде упорна.
Минатиот петок сè се реши со средбата на двата премиери, Виктор Орбан и Кристенсон - која беше доволна и Унгарија да даде зелено светло. Унгарија ќе купи уште четири шведски борбени авиони Грипен (кои веќе ги има во своето воено воздухопловство), сите несогласувања не се надминати, но двете држави се доволно усогласени што, како што е речено, „подготвени се да умрат една за друга“.
Новата членка му донесува нешто на стариот сојуз. Благодарение на Шведска, Балтичкото море практично станува езеро под контрола на НАТО, опкружено на бреговите со земји членки. Изминативе две години Шведска во голема мера се интегрираше во сојузот во чие седиште нејзиното знаме допрва треба да биде кренато и практично функционираше како членка. Потпишан е договор со САД со кој им е дозволен целосен пристап до воените бази, а најавено е и испраќање војска во Латвија, речиси на границата со Русија.
За Шведска која не војувала од 1814 година се работи за драматична идентитетска промена. Швеѓаните традицонално се доживуваат како мирољубива нација, а во јануари премиерот ги предупреди да се подготват за можноста за војна. Членството во НАТО подразбира и зголемување на трошоците за одбрана, а во одредена форма се враќа и служењето во војската, кое беше укинато со завршувањето на студената војна. Особено страдаше идентитетот на социјалдемократите, традиционално најмоќна партија. Есента 2021-та тогашниот министер за одбрана Петер Хултквист изјави дека може да гарантира дека никогаш нема да учествува во пристапување на земјата во НАТО. Неколку месеци подоцна, тогашната премиерка, социјалдемократката Магдалена Андерсон, ги започна преговорите.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://portalnovosti.com/